Македонија
Иванов упати честитка по повод Меѓународниот ден на Ромите
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка по повод одбележувањето на 8 Aприл – Меѓународниот ден на Ромите. Осми април е меѓународен ден посветен на културата и на историјата на Ромите што во Република Македонија се прославува на највисоко ниво. Ромската заедница, според Иванов, е нераскинлив дел од македонското мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество. Она што го држи нашето општество заедно е уникатниот модел на соживот и почитувањето на различноста.
„Република Македонија е онолку успешна колку што се успешни сите нејзини граѓани. Затоа, постојано се работи за да се унапреди социоекономската, политичката, културната и позицијата на Ромите во општеството. Учеството во локалната самоуправа, законодавната и извршната власт, наставата и емисиите на ромски јазик се само дел од стекнатите права на ромската заедница, кои никој нема право да ги доведува во прашање. Свесни сме дека претстои уште многу работа бидејќи сè уште постојат стереотипи, предрасуди, но и наследени нерамномерни економски односи коишто се пречка за остварување на целосниот потенцијал на ромската заедница. Треба уште многу работа за да ја постигнеме посакуваната цел – еднакви можности и права како предуслов за достоинствен живот за секој припадник на ромската заедница во Република Македонија. Честитајќи ви го денешниот празник, уверен сум дека и во иднина заедно ќе работиме за доброто на нашата држава и на нашите сограѓани, почитувајќи го принципот на еднаквост, недискриминација и владеење на правото“, се вели во честитката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

