Македонија
Игротеките бараат финансиска поддршка и датум за почеток со работа
Групацијата на забавни и рекреативни дејности во рамките на Услужната комора при Сојузот на стопанските комори на Македонија достави четири конкретни предлози за намалување на штетите предизвикани од здравствено-економската криза. Во Групацијата на забавни и рекреативни дејности игротеки членуваат, пред сè, микро и мали компании, кои со донесената уредба на Владата за превенција од Ковид-19 трет месец не ја вршат својата дејност, работата им е намалена за сто проценти и не остваруваат никаков промет.
Во секторот припаѓаат забавни и рекреативни дејности, како игротеки за деца, но и голем број поврзани дејности, како приватни установи за грижа на деца, како и нивна едукација, дејности што се поврзани, и тоа од прехранбената и услужната индустрија и други.
Трајко Николовски, претседател на Групацијата, истакна дека компаниите од оваа дејност од сите градови во земјата ја истакнуваат важноста Владата да ги разгледа четирите мерките и препораки што ги предлагаат за помош на дејноста.

„Најпрво, во периодот што следува на олабавување на мерките и најави за почеток со работа на затворените дејности, од голема важност е превенција и безбедна работа во објектите од оваа дејност. Исклучително важно е, како за вработените во игротеките за деца така и за родителите и за децата, хигиената да биде на највисоко ниво. За таа цел, потребна е одредена помош од Владата со која би се обезбедиле средства неопходни за превенција и заштита при работа во нашата дејност. Второ, за задржување на работните места и дејноста да може да опстои, потребно е мерката за финансиска помош во висина од 14.500 денари да важи и за јуни или да се разгледа можноста за еднократна финансиска помош за наредниот месец.
Трето, потребно е да биде најавен датум за повторно отворање на детските игротеки, со оглед на тоа што има голем број одложени прослави поради неизвесноста. Родителите треба да знаат дека ќе обезбедиме услови за децата да се на сигурно, чисто, дезинфицирано, поточно на место кое не е извор на зараза. Потребно е да се направат напори, да бидат отворени на истиот датум кога ќе се отворат и установите за згрижување деца.
И, четврто, Групацијата на забавни и рекреативни дејности укажува на неопходноста од дополнителни разговори и консултации со комисиите во Министерството за здравство и другите надлежни комисии од Владата за прецизно да биде утврден протоколот на работа и превентивните мерки што треба да се преземат за повторно отворање“, вели Николовски.
Компаниите што се занимаваат со овие дејности од сите градови во земјата се здружени и единствени како никогаш досега, но само со заедничка работа на сите фактори може да се надминат предизвиците. Со разбирање и доверба од корисниците на услуги и со поддршката од Владата, која веруваат дека ќе ја добијат, набргу ќе може да почнат и со работа објектите од нивната дејност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

