Македонија
Изборите треба успешно да се спроведат за да се задржи фокусот на реформите, се согласија Заев и Прибе
Премиерот Зоран Заев се сретна со експертот од ЕУ, Рајнхард Прибе, придружуван од амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Самуел Жбогар.
Како што информираат од владината-прес служба, на средбата била изразена поддршка на политичкиот процес којшто завршил со договорот од Преспа и ги отворил интеграциските процеси на Република Северна Македонија.
Посебно била нагласена важноста од имплементација на реформите во правосудството и донесените закони.
Заев соопштил дека постои свесност кај Владата и силна определба да се овозможат сите потребни услови за обезбедување правда и правичност за сите граѓани.
„Резултатите во економијата, по отворените интеграции во НАТО, стануваат видливи. Но, се согласуваме дека на земјата ѝ требаат практични резултати во правосудството. Тоа значи имплементација на изгласаните закони и спроведување на потребните реформи што ќе им овозможат на правосудните органи да работат целосно независно, мотивирано, во достоинствени услови за работа. Потребно е сите во државата да го сфатат својот дел од одговорноста во овој процес“, истакнал премиерот.
На средбата било заклучено дека е потребно успешно спроведување на претстојните претседателски избори за државата да може да го задржи фокусот на потребните реформи важни за евроинтеграцискиот процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата
Македонија
Следува период на стабилно време, дневната температура ќе биде во пораст
Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 2, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно време, освен во вторник кога кон крајот на денот претежно во североисточните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Утрата ќе бидат постудени, а дневната температура ќе биде во пораст.

