Македонија
Изборниот молк прекршен со партиски знамиња, плакати и графити на гласачки места
За време на предизборниот молк, до 7 часот биле регистрирани осум настани од кои шест биле на подрачјето на СВР Скопје и по еден на подрачјето на станица Гевгелија и еден на подрачјето на СВР Велес, соопшти МВР.
На подрачјето на СВР Скопје, во селата Виниче и Љубанци биле забележани закачени знамиња на политичка партија во близина на гласачки места. По интервенција на избирачките одбори знамињата се отстранети.
Во село Брњарци во близина на избирачко место забележан е плакат на политичка партија, кој бил отстранет од избирачкиот одбор.
Во близина на основното училиште „Његош“ испишани биле графити во врска со изборите. Исто така, во близина на пензионерски дом „Автокоманда“, каде што има две гласачки места, биле испишани графити во врска со изборите. Биле известени избирачките одбори и во тек е отстранувањето на графитите.
Во 6 часот во Полициската станица Центар било пријавено дека во дворот на основното училиште „Никола Вапцаров“, во близина на гласачко место биле забележани плакати од политичка партија, кои биле отстранети од избирачкиот одбор.
Во Полициската станица Гевгелија било пријавено дека во Богданци биле расфрлани повеќе флаери од политичка партија. Додека, пак, во СВР Велес било пријавено дека во близина на избирачко место бр.2135 имало испишани графити во врска со изборите. Бил извршен увид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.