Македонија
Извештајот за работата на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување денеска на владина седница

Извештајот за работата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување за минатата година ќе биде на дневниот ред на денешната 76. редовна владина седница.
На предлог на Генералниот секретаријат на Владата, министрите ќе дискутираат и за информацијата за постапување по обраќањата и препораките на Народниот правобранител упатени до Владата на Република Македонија, органите на државната управа и други органи и организации што имаат јавни овластувања во периодот од јануари до март оваа година.
Владината прес-служба соопшти дека како материјал за информирање, Владата ќе ги разгледа финансиските извештаи за работењето на АД МЕПСО во Скопје, во третиот и четвртиот квартал од 2017 година, односно во периодот од јули до декември, како и конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на Комисија од хартии од вредност на Република Македонија.
Владата на денешната седница, на барање на Собранието, треба да даде мислење за предлог-законот за изменување на Законот за инспекциски надзор.
Денеска пред министрите ќе се најде и предлог-уредбата за методологијата за распределба на приходите од данокот на додадена вредност по општини за 2019 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На ГП Меџитлија откриени над 300 шишиња со хемиски препарати за прскање: спречен обид за криумчарење

Царинските службеници на граничниот премин Меџитлија спречија обид за криумчарење на поголема количина препарати за заштита на растенија.
Во раните утрински часови, на 26.08.2025 година, при вршење на редовна царинска контрола на патничко моторно возило Mercedes со македонски регистарски таблички, со кое патувало семејство што изјавило дека се враќа од одмор во Турција и преку Грција пристигнало на влез во нашата земја, од страна на царинските службеници биле откриени 322 шишиња хемиски препарати за прскање, од кои 300 шишиња инсектицид CORAGEN 20 SC и 22 шишиња фунгицид Bellis BASF со вкупна вредност од 16.058,00 евра.
Препаратите биле сокриени на повеќе места во возилото – во багажниот простор зад куферите со лични работи, во просторот за резервна гума и на задните седишта. Возачот не поседувал соодветна дозвола за увоз, иако станува збор за стока што подлежи на посебен режим на дозволи со што безбедноста на производите не е гарантирана .
Стоката е задржана, возилото со кое била транспортирана е одземено, а против лицето ќе биде поведена кривична постапка. Случајот е предаден на Одделението за истраги при Сектор за контрола и истраги за понатамошно постапување.
Македонија
Претежно сончево и топло со температури до 36 степени

Времето денеска, претежно сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 14, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 36 степени.
Во следните два дена ќе се задржи претежно сончево и топло време со постепен пораст на дневните температури. Во сабота попладне, во текот на ноќта и во недела претпладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, наместа засилен југозападен, а во недела северен ветер, кој ќе услови опаѓање на дневните температури. Потоа следува период на стабилно и потопло време.
Македонија
Мицкоски: Завршен првиот дел од санацијата на хидросистемот Ѓавато, кој повеќе од 4 години беше со пробиени цевки

Заврши првата фаза на санирање на хидросистемот Ѓавато. Бунарскиот дел е комплетно завршен, пуштена е водата и нема никаде протекување, објави премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека останува уште една интервенција на цевката за испуст и со тоа ќе бидат дуплирани количините вода кои ќе се влеваат во Дојранското езеро.
„Каква беше состојбата пред интервенцијата? Повеќе од четири години пробиени цевки на двата функционални бунари. Потрошени повеќе од половина милион евра за електрична енерија, а ефектот минимален или никаков. Два функционални од десет направени бунари. Негрижа и срам. Во втората фаза ќе обезбедиме најмалку уште две бунарски пумпи за зголемен капацитет и побрзо полнење на Дојранското езеро. Владата во втората фаза ќе го задолжи ФОД при ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) да ги репарира постојните потисни пумпи. Конечно во последната трета фаза ќе инсталираме сончеви панели со батерии за акумулирање на електричната енергија и сопствено производство на електрична енергија. Нема трошење милиони евра од буџетот за електрична енергија“, напиша Мицкоски.