Македонија
Извештај од Мисијата за процена на состојбата на слободата на медиумите во Македонија
Да се направи јавен фонд за поддршка на медиумите врз основа на објективни критериуми и со целосна независност во согласност со постојните европски стандарди, да се задржи строгата забрана за државно рекламирање во медиумите, да се става јасен воден печат на комуникациските материјали од Владата за нивниот извор да ѝ биде јасен на јавноста, да се воведе законска регулатива против стратешките тужби против учеството на јавноста (SLAPPs), да се подобри одговорноста на политичарите и јавните службеници за непријателски изјави и однесување кон новинарите и медиумските работници – ова се само некои од препораките содржани во извештајот за Fact Finding-мисијата, која беше реализирана од 5 до 7 јуни во Скопје.
Извештајот вчера беше презентиран од страна на експертот Рикардо Гутиерез, кој што беше присутен на настанот, а другуте колеги, Џејми Ваисман, Лоренс Хутинг и Масимо Морати, својот дел од извештајот го презентираа онлајн.
Генералниот секретар на Европската федерација на новинарите (ЕФЈ), Гутиерез, посочи дека иако има напредок во состојбата во медиумскиот простор, го истакна проблемот со политичарите, односно дека постои итна потреба тие да ја разберат улогата на новинарите и медиумите.
„Се сретнавме со сите релевантни актори во општеството. Нашата мисија забележа подобрување на состојбата, но забележавме и недостиг на свесност кај самите политичари за улогата на новинарите и нивната позиција како чувари на демократијата. Медиумите и новинарите се гледаат како инструменти за политичката моќ и интересите на државната власт. Постои итна потреба политичарите да ја разберат улогата на новинарите и да го земат предвид Здружението на новинарите на Македонија како основен партнер во спроведување на кои било медиумски политики во земјата. Ги повикуваме и охрабруваме политичарите и носителите на одлуки да се охрабрат и да ги најдат вистинските решенија за вистинските проблеми“, рече Гутиерез.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, во своето излагање на темата ги поздрави напорите на колегите во текот на целиот процес на скенирање на состојбата на медиумите во земјата, ја истакна потребата од системско решавање на проблемите со кои се соочуваат новинарите, како и дека слободата на говорот мора да има предност пред интересот на бизнисот и политиката за да се создаде поправедно општество:
„Колегите што учествуваа во создавањето на овој извештај го најдоа најдобриот можен наслов – ‘Слободата на медиумите во Македонија – напредок на стаклени нозе’. Денес, Македонија е на 38. место во извештајот на ‘Репортери без граници’ и тоа е добро, го поздравуваме, но мислам дека треба да бидеме свесни дека таа слика не е до крај вистинита и може да се смени преку ноќ. Во услови на немање системско решавање на пропустите проблемите со можните притисоци со кои новинарите, новинарството и медиумите во Македонија се соочуваат може да нè вратат во 2013 година и наместо на 38. место да се најдеме на 123. место. Верувам дека со имплементирање на препораките од европските колеги ќе успееме да дојдеме до вистинското решение. Што побргу, тоа подобро, затоа што слободата на говорот мора да има предност пред интересот на бизнисот и политиката“, рече Чадиковски во своето обраќање.
Fact Finding-мисијата имаше цел ја испита слободата на медиумите во Северна Македонија. Како дел од неа беа претставници на пет меѓународни новинарски и медиумски здруженија, кои одржаа работни состаноци со клучни институции во Македонија. Средби беа остварени со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, со директорите на АВМУ и МРТ, со министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, со Амбасадата на ЕУ и САД во Македонија и со група новинари. Групата експерти беше во состав: Рикардо Гутиерез – Европска федерација на новинарите (EFJ) Албана Шала – „Фри прес анлимитед“ (Free Press Unlimited) Џејми Ваисман – Меѓународен институт за медиуми (IPI), Лоренс Корнелис Хутинг – Европски центар за слободата на печатот и медиумите (ECPMF), Масимо Морати – Osservatorio Balcani e Caucaso Transeurop изработи извештај за слободата на медиумите во Северна Македонија со наслов „Напредок на стаклени нозе – извештај од Мисијата за процена на состојбата со слободата на медиумите“.
Мисијата за процена на состојбата утврди дека е постигнат напредок во последните години, а земјата и натаму закрепнува од сериозно нарушената слобода на медиумите во текот на претходната деценија. Меѓутоа, овој напредок може лесно да се урне и има уште многу работа за да се консолидираат сите придобивки и да се надминат системските предизвици. Што се однесува до безбедноста на новинарите, Северна Македонија останува релативно безбедна во споредба со другите земји во регионот.
Извештајот во целост е достапен на македонски и на англиски јазик на веб-страницата на ЗНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Тошковски: Обезбедена е видеоснимка на која се гледа како сопругот ја удира жртвата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека во рамки на истрагата за трагедијата во Карпош е обезбеден видеозапис на кој, како што рече, јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата.
Како што појасни министерот, жртвата претходно повикала полиција, а патролата пристигнала за помалку од десет минути. Во изјавата што ја дала, таа потоа навела дека нема што да пријави и дека немало физички напад. Дополнително ќе се утврдува дали оваа изјава била дадена под присила. Сторителот, според Тошковски, не бил присутен на местото на настанот во моментот кога полицијата ги прибирала изјавите.
Сепак, тој нагласи дека тоа не се единствените докази со кои располага МВР.
„До МВР е обезбеден видео запис каде јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата. Не можам да кажам кога е точно, но сигурно е истиот ден“, рече министерот.
Според информациите што ги изнесе министерот Панче Тошковски, на 2 март околу 14 часот бил пријавен падот од зграда, а претходно полицијата разговарала со жртвата која рекла дека не бара интервенција. Потоа жената се упатила кон станот на улицата Теодосиј Гологанов во скопски Карпош кадешто се случила трагедијата. Со ќерката биле сами и заклучени одвнатре пред трагичниот настан.
Министерот соопшти дека сопругот е приведен. Осомничен е за Наведување на самоубиство, нанесување на тешки телесни повреди и за загрозување на сигурноста. Тошковски потсети и дека во изминатите години против истото лице биле поднесени 10 кривични пријави за насилен криминал, имотни деликти и трговија со дрога. Тошковски истакна и дека голем дел од предметите за семејно насилство се затвораат поради повлекување на жртвите, најавувајќи поинтензивен пристап на МВР во вакви случаи.
Македонија
Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации, велат од ЗНАМ за СДСМ
СДСМ повторно се обидува да ја замени политиката со навреди, аргументите со етикети, а вистината со конструкции, реагираат од ЗНАМ откако претходно од СДСМ истакнаа дека Максим Димитриевски е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре.
„Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации. Движењето ЗНАМ за Наша Македонија е дел од оваа власт со достоинство, со принципи, со сопствена идеолошка и програмска матрица и сопствен пат делувајќи исклучиво во насока што ја ветивме пред граѓаните – чесна, одговорна и државничка политика. Кога од СДСМ се осмелуваат да зборуваат за тендери, првично нека се погледнат во огледало.
Години наназад токму тие ја претворија државата во партиска каса, институциите во сервис за свои луѓе, а правдата во селективен инструмент.
Денес, кога институциите почнуваат да функционираат без партиска директива, СДСМ панично бара алиби во измислени конструкции“, додаваат од таму.
Навредите за „кукавичко јајце“, „платеник“, „тендер коалиција“, според нив, се јазик на политичка немоќ.
Тоа, како што истакнуваат, е истиот тој наратив што ги оддалечи од граѓаните, од работниците од реалноста.
„Токму ваквото однесување и делување на СДСМ ја доведе економијата во состојба во која денес мора да се стабилизираат штетите од нивното владеење.
И наместо да понудат визија, тие сеат омраза. Наместо да бараат виновници во сите, освен во себе, нека соберат храброст и нека се соочат со сопствените постапки и грешки. Нека одговорат зошто по години власт зад себе оставија разочарани граѓани, нарушени институции и чувство дека државата служела на малкумина“.
Македонија
Се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, се работи на безбедна евакуација од погодените подрачја, соопшти МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека интензивно работи на обезбедување услови за соодветна и безбедна евакуација на македонските државјани од погодените подрачја, вклучително и од Обединетите Арапски Емирати.
Во моментов се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, со користење комерцијални летови и, по потреба, владиниот авион. За Обединетите Арапски Емирати и Катар се разгледува можноста за ангажирање комерцијален или чартер-лет, во зависност од безбедносните и логистичките услови.
Во изминатиот период, преку дипломатско-конзуларните претставништва беше асистирано при безбедното извлекување на едно лице од Иран – фудбалер, кој преку Турција се врати во Република Северна Македонија. Дополнително, шест македонски државјани од Израел веќе имаат обезбедено авионски билети од Египет кон Скопје, при што Министерството активно асистираше во нивната координација и заминување.
Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Министерството, во директна комуникација со пријателски земји и партнери, како и преку дипломатско-конзуларните претставништва, ги презема сите неопходни активности за нивно безбедно и навремено враќање во државата.

