Македонија
Изгаснат пожарот во депонијата во Арачиново

По неколкучасовно гаснење со специјална пена, скопските пожарникари успеаја целосно да го изгаснат огнот во депонијата кај Арачиново иако сѐ уште може да се забележи чадење од неколку места, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Пожарот избувна синоќа, а според првичните информации е подметнат. Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека оваа депонија има ограда и влезна врата. Скопските пожарникари ја затекнале вратата на депонијата отворена, во депонијата имало фрлена поголема количина на пакуван сончоглед кој горел со силен пламен но и други горливи производи.
Најверојатно намерно запалениот сончоглед предизвикал опожарување на дел од депонијата.
Поради насоката на струењето на воздухот, смрдеата од пожарот во оваа депонија се чувствуваше во делови од Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Град Скопје поднесе кривична пријава против претседателката на Управниот одбор на „Комунална хигиена“

Град Скопје поднесе кривична пријава против Јулијана Спироска – претседателка на Управен одбор на ЈП „Комунална хигиена“ за загрозување на животната средина, откако претходно денес Општина Аеродром поднесе кривична против претпријатието „Комунална хигиена“ за состојбата со натрупаното ѓубре во главниот град.
Од Град Скопје во пријавата наведуваат дека во периодот од 2022 година до денес, било констатирано дека поради активности на Јулијана Спировска од ВМРО ДПМНЕ, претседателка на Управен одбор на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, претпријатието континуирано не ја спроведува својата основна дејност, односно одржување на хигиената на подрачјето на град Скопје.
„Поради неа и нејзините политички мотивирани опструкции повеќе од 3 години претпријатието е нефункционално“, велат од Град Скопје.
Македонија
Андоновски: Дигиталниот самит ја става Македонија на мапата на дигитално развиени држави

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски во гостување на македонско радио, говореше за Дигиталниот самит кој ќе се одржи во Скопје на 1 и 2 октомври, во Музејот на современа уметност, на кој ќе бидат присутни над 800 учесници од државата, но и од другите земји од регионот и од Европа.
Андоновски истакна дека оваа година самитот е малку реорганизиран, со тоа што ако порано бил само за функционери и членови на владите, сега и граѓаните, бизнис секторот, универзитетите, ќе може да присуствуваат и да ги слушаат говорниците кои се поканети на самитот.
Како главни теми на самитот ќе бидат сајбер-безбедноста и дигиталните услуги, но на самитот ќе се говори и за вештачката интелигенција, најави Андоновски.
„Главен интерес ќе ставиме на сајбер-безбедноста, 3 панели ќе бидат посветени на неа, затоа што имаше голем интерес и од учесниците и од панелистите. Потоа, дигиталните услуги, ќе ја преставиме како што ветив македонската мобилна супер апликација, секако ќе разговараме за дигитален паричник, дигитален идентитет, интероперабилност, нови услуги, поврзување на институциите, иновации, вештачка интелигенција и итн’’, рече министерот за дигитална трансформација.
Во однос на промоција на настанот, Андоновски напомена дека сите панели и свеченото отворање, како и обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски и неговото обраќање ќе бидат дигитално пренесувани на социјалните мрежи.
„Сите заинтересирани кои нема да можат да бидат во можност да присуствуваат на настанот, ќе можат истото да го следат на социјалните медиуми, мислам дека ќе биде одличен настан’’, заклучи Андоновски.
Македонија
Во полициската станица во Пробиштип ќе биде поставена биста на Тоше Тодоровски кој загина во дискотеката „Пулс“

Утре, 27.09.2025 година, во 10.00 часот, во кругот на полициската станица во Пробиштип ќе се одржи свечена церемонија на откривање на спомен бистата на Тоше Тодоровски, кој трагично го загуби животот извршувајќи работни задачи во дискотеката ,,Пулс” во Кочани, соопшти Независниот полициски синдикат.
„Во овие тешки моменти во кои навршија 6 месеци од трагедијата и сѐ уште се чуствува длабока тага и болка не е време за поделби, туку е момент кој треба да не обедини сите кои сочуствуваме со фамилиите кои загубија свои блиски, достоинствено да одадеме почит и да побараме правда за сите“, велат од Синдикатот.