Македонија
Изготвен документ за правата и заштитата на мигрантките во државата
Денеска, кога го одбележуваме Меѓународниот ден на жената, 8 Март, Македонското здружение на млади правници го објавува документот за јавни политики насловен „Родови аспекти на миграцијата – идентификувана ранливост и потреби на мигрантките во Северна Македонија и чекори кон развивање на родово-сензитивни решенија и политики“. Овој документ е дел од активностите кои Македонското здружение на млади правници ги спроведува во рамки на Проектот на УСАИД за заштита на правата на бегалците и мигрантите.
Во овој документ се анализира состојбата во однос на почитувањето на правата и заштитата на мигрантките во државата. Слабостите идентификувани во Северна Македонија вклучуваат постоење на рестриктивни политики, несоодветни сместувачки капацитети и генерално отсуство на сеопфатни податоци за мигрантките. Овој документ има за цел да влијае на развојот на соодветни родово-сензитивни политики кои се неопходни за да може во иднина да им бидат гарантирани и заштитени правата на мигрантките.
Препораките содржани во документот имаат за цел обезбедување соодветна заштита на мигрантките и вклучуваат редовно обучување на вработените во релевантните институции и граѓанските организации, како и подобрување на капацитетите за сместување, особено на просториите наменети за жени. Прекинувањето на праксата на задржување на мигрантките, пред сè на бремените жени и самохраните мајки, е исто така еден од најважните чекори кои треба да се преземат со цел да им се овозможи на жените целосен пристап до гарантираните права и одговор на нивните специфични потреби.
Документот може во целост да го погледнете и преземете овде.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

