Македонија
Изградбата на когенеративната централа значително ќе го намали загадувањето на воздухот и ќе обезбеди здрава животна средина, вели ВМРО-ДПМНЕ
„Седум години СДС на власт системски ја уништуваше државата. Нема поле и област кои во нивно седумгодишно владеење направиле нешто корисно за општото добро на сите. Така и по однос на проблемот со загадениот воздух со кој се соочува Македонија, а посебно главниот град Скопје. Загадувањето на воздухот не е проблем од вчера и за кој може да се изнајдат инстант решенија кои магично ќе го прочистат“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа е комплексен проблем кој бара системски и долгорочен пристап, со конкретни мерки и проекти, и поголеми вложувања во животната средина со цел намалување на загадувањето.
Но, состојбата со загадениот воздух, посебно во Скопје, е таква каква што е затоа што СДС седум години на власт ништо не направија во овој поглед. Освен што на предизборните митинзи, после кои и ја преземаа власт, викајќи на цел глас „ајро, ајро, нема воздух“ ветуваа чист воздух за македонските граѓани, седум години на власт со прст не мрднаа.
За седумгодишното владеење, единствена мерка што СДС ја преземаше против загадениот воздух, е тоа што на македонските граѓани, особено на скопјани им делеше совети да не проветруваат и да не ги отвораат прозорците од домовите.
Решавањето на проблемот со загадувањето на амбиенталниот воздух бара системското делување и големите вложувања во заштита на животната средина кои ќе ги исклучат главните фактори на загадување.
ВМРО-ДПМНЕ е одговорна партија и тоа се гледа во практикувањето на власта, затоа ќе преземе големи системски мерки и ќе спроведе детален план кој ќе резултира со намалување на загаденоста на воздухот и здрава животна средина.
Главен столб во тој план е и стратешка инвестиција на гасна когенеративна централа, која ќе обезбеди топлинска енергија со значително и драстично намалување на загаденоста, а во исто време ќе произведува електрична енергија која ќе се користи во стопанството. И за таа намена, Владата ќе даде значителни субвенции кои ја поттикнат и забрзаат изградбата на централата.
Не сме сите исти, тоа се гледа и во пристапот на решавањето на најгорливите проблеми, како што е и загадениот воздух. Промените веќе се случуваат и за период од околу еден и пол мандат власт на ВМРО-ДПМНЕ ќе се почувствуваат резултатите со почиста животна средина и почист воздух“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

