Македонија
Изминатите четири дена уапсени седум лица за безобѕирно управување возило
Во периодот од (17/20.11.2025) како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 2415 издадени платни налози, 435 прекршоци се однесува на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, извести МВР.
„Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле седум лица, од кои шест за возење под дејство на алкохол, а едно лице за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 824 прекршоци за неправилно паркирање, 270 мерки се изречени за возачи кои управувале возило без возачка дозвола, 16 санкции за минување на црвено светло, изречени се 175 мерки за прекршоци што ги прават пешаците, како и 23 санкции за возење под дејство на алкохол.
Санкционирани се и 115 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас, како и 79 мерки за возачи поради користење мобилен телефон при возење. Согласно Законот за возила, 74 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 25 заради техничка неисправност. Изречени се и соодветни мерки за седум возачи на моторни возила поради затемнети стакла односно непрописно вградени фолии“, соопшти МВР.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зимзоленд: Продолжуваме со работа, шпекулација е дека настанот ќе биде затворен
Од Зимзоленд велат дека продолжуваат со работа и дека информациите за неговото затворање се шпекулации.
„Во последните часови на одредени медиуми се појавија неточни информации и шпекулации дека Зимзоленд ќе биде затворен. Ве информираме дека ова не е точно. Зимзоленд продолжува да работи со редовно работно време“, се наведува во јавното соопштението.
Во него се додава дека е точно дека во претходните денови имало инспекциски надзори, но велат дека до надлежните служби била доставена целосната и потребна документација.
Македонија
Ѓорѓиевски најавува враќање на празничниот дух, на 15 декември почнуваат настаните на плоштад „Македонија“
На 15 декември почнуваат предновогодишните настани на плоштад „Македонија“.
„Градот Скопје со радост најавува дека годинава празничниот дух повторно се враќа на плоштадот „Македонија“. Со посебна атмосфера, богата програма и многу изненадувања за сите генерации, претстојниот настан го означува почетокот на новогодишните и божиќните празнувања во главниот град“, велат од Градот.
„ Ајде заедно да го осветлиме градот. 15.12.2025 во 18:00 часот. Почитувани скопјани, драги родители, најдраги дечиња, нашиот град е најубав тогаш кога свети од радост, насмевки и празнична магија. А сите ние – и младите, и возрасните ја заслужуваме таа топлина што ја носат Новогодишните и Божиќните празници. Затоа, со огромна радост ве поканувам заедно да го означиме почетокот на едно ново празнично поглавје исполнето со забава, музика, многу подароци и вашите омилени херои кои ќе ги израдуваат најмалите. На 15 декември, во 18 часот, на плоштадот „Македонија“, заедно со вас ќе го осветлиме градот и после неколку години ќе ја почувствуваме првата искра на празничниот дух. Веќе од наредниот ден, па сѐ до самата Нова година, ќе следуваат секојдневни настани и забави за сите генерации. А дочекот, ви ветуваме, ќе биде спектакуларен и незаборавен“, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Притвор за скопјанецот кој насилно упадна во студиото на „Инфомакс“
Судот му определи притвор на 43-годишниот скопјанец кој вчера насилно упадна во студиото на „Инфомакс“.
Според информациите од МВР, полицијата поднесе кривична пријава по брза постапка против Г.С.(43) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела насилство и спречување на службено лице при вршење службено дејствие.
„Имено по претходна пријава од страна на А.М. водител на емисијата ‘Инфомакс’ и по преземени мерки од страна на полициските службеници извршен е разговор со оштетениот и сведоците на настанот, обезбедени се видео записи од безбедносни камери, извршен е службен разговор со пријавениот и документирани се заканувачки пораки од пријавениот кон оштетениот. Тој е изведен пред судија на претходна постапка при што му е изречена мерка притвор“, соопшти МВР.

