Македонија
Изминатите четири дена уапсени 11 лица за безобѕирно управување возило, 1.518 сообраќајни прекршоци
Во периодот од 10 до 13 ноември, како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 1518 издадени платни налози, 498 прекршоци се однесува на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, извести МВР.
„Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле 11 лица, од кои осум за возење под дејство на алкохол, тројца за возење со брзина поголема од дозволената во населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на изминатиот викенд евидентирани се 942 прекршоци за неправилно паркирање, 290 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 48 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 161 учесник во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 64 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а пет заради техничка неисправност“, соопшти МВР.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во јужните делови
Времето утре облачно, насекаде со врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во јужните делови (локално над 40 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 10, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Во сабота ќе има локални врнежи од дожд, особено во јужните делови, кои попладне ќе престануваат. Од недела ќе настапи стабилизирање на времето со пониски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст.
Македонија
Фатена во криминал до гуша, власта на Мицкоски посегнува по политички прогон, џабе ви е, сите ќе одговарате, порачуваат од СДСМ
Новите бомби ја стресоа Власта на Христијан Мицкоски. Фатена во криминал до гуша за испумпување на парите на граѓаните власта посегнува по политички прогон, велат од СДСМ.
„Како што се зголемува бројот на скандали за криминалот на власта така се зголемува нервозата, а со тоа и монтираните процеси, како последниот случај со електричните автобуси во Струмица.
Истата криминална матрица на Никола Груевски ги спроведува истите методи. Тоа е истата стара банда која повторно ќе биде поразена.
Џабе ви се заканите, џабе ви се монтираните процеси, се ви е џабе.
Не ви се плашиме.
Допрва ќе се чешате, допрва ќе ви станува непријатно, допрва ќе ве болат главите“.
Од СДСМ најавуваат дека новите бомби се спремни. Велат дека имаат докази за криминалот на ВМРО-ДПМНЕ и дека се ќе објават.
„А на крај ќе одговарате.
Работата се уште не е завршена“.
Македонија
Муцунски: Агресијата на Русија врз Украина има сериозни реперкусии врз регионалната безбедност
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес учествуваше и се обрати на Министерскиот совет на ОБСЕ, кој се одржува во Виена, Австрија.
Во своето обраќање пред министрите за надворешни работи и останатите високи претставници на земјите учеснички, министерот Муцунски се осврна на безбедносните предизвици со кои се соочува регионот на ОБСЕ, како и на состојбите во рамките на Организацијата.
„Реафирмирајќи ја нашата посветеност на темелните вредности и заложби на ОБСЕ, тој ги посочи сериозните реперкусии од агресијата на Руската Федерација врз Украина врз регионалната безбедност и сигурност, како и нејзиното штетно влијание врз внатрешните односи во рамките на Организацијата, поларизацијата, отсуството на суштински дијалог и недовербата. Во оваа смисла, министерот изрази поддршка за мировните напори, иницијативи и дипломатски разговори што се водат од двете страни на Атлантикот“, соопштија од Министерството.
Министерот посвети особено внимание на состојбите во ОБСЕ и сложената политичко-безбедносна ситуација. Говорејќи за структурната криза во која се наоѓа Организацијата, тој ја истакна неопходноста од нејзино надминување и потенцира дека на ОБСЕ ѝ е потребна оперативна предвидливост и непречена функционалност.
„Нам ни е потребна модерна, отпорна Организација, ориентирана кон актуелниот контекст. ОБСЕ, како основа на колаборативната безбедност, подготвена активно да го поддржува мирот и да игра истакната улога во закрепнувањето на Украина“, подвлече Муцунски.
Осврнувајќи се на повикот за зголемена „отпорност“, како централна тема на состанокот, министерот истакна дека во денешното безбедносно опкружување отпорноста се однесува на подготвеноста и способноста на земјите учеснички да одговорат ефикасно на сегашните и идните безбедносни предизвици.
Во тој контекст тој ја нагласи важната улога на теренските мисии на ОБСЕ, потенцирајќи дека тие претставуваат катализатори на трансформација, дизајнирани да ги зајакнуваат државите во реализацијата на нивните стратешки приоритети. Тој посочи дека, гледано низ призма на денешниот сложен безбедносен контекст, отсуството на политича волја во поддршка на нивната стратешката агенда, или уште повеќе, тенденцијата на активно превенирање претставува стратешка кратковидост, што се коси со колективните напори за изградба на мирољубиви, стабилни и просперитетни општества.
Муцунски додаде дека македонското општество, и покрај сите пречки и предизвици, демонстрираше јасна посветеност за остварување на европските аспирации.
Со реализацијата на оваа стратешка цел, рече тој, нашиот регион ќе се трансформира од граница во мост на ЕУ, во генератор на стабилност, иновации и идеи, како и заштитник од нестабилност и штетни влијанија.
Во продолжение, министерот се осврна на ангажманот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, истакнувајќи ја нејзината важна улога во поддршка на националната реформска агенда. Тој посочи дека идната улога на Мисијата треба да кореспондира со новата реалност и опкружувањето во кое ОБСЕ функционира во државата, земајќи го предвид исчекорот во стратешките приоритети, реформскиот напредок и институционалната зрелост. Во таа насока, идниот ангажман и присуството на ОБСЕ треба да бидат насочени кон поддршка на тековните и идните реформски приоритети на Владата.

