Македонија
Иле Гоцевски беше на првата линија, некои болки се преголеми, некои загуби се претешки за да се носат, рече Таравари за смртта на возачот на Итната помош
Министерот за здравство, Арбен Таравари, на социјалните мрежи се огласи за смртта на возачот на Итната помош во Кочани, Иле Гоцевски кој почина по тешкиот работен ден, превезувајќи ги жртвите од пожарот.
„Утрово нè напушти уште едно срце, возачот на Итната медицинска помош од Кочани, Иле Гоцевски, човек кој беше на првата линија на оваа страшна трагедија, човек кој одговори на повикот за спасување, но неговото сопствено срце не издржа. Некои болки се преголеми. Некои загуби се премногу тешки за да се носат“, вели Таравари.
За трагедијата министерот вели дека тоа е рана што ја носи целиот народ.
„Тагата за 59-те млади животи згаснати во пожарот во Кочани се чувствува во секој дом, на секоја улица, во секое срце. Денес плачеме како едно. Никој не може да остане имун на ваква загуба. Во овие моменти, кога зборовите не се доволни, се поклонуваме пред сите лекари, медицински лица и спасувачи кои без двоумење ги вложуваат своите животи за да спасат туѓи. Оваа трагедија уште еднаш ни покажа дека нивната работа не е само професија, тоа е жртва, тоа е храброст, тоа е човечност. Нека почива во мир нашиот медицински херој. Нека почиваат во мир младите чии соништа згаснаа прерано. Никогаш повеќе да не доживееме ваква сурова реалност“, додаде Таравари.
Во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани, животот го загубија 59 млади луѓе, а 162 се повредени, од кои десетици се испратени на лекување во странство со тешки изгореници. Oсомничени се 22 лица. Претходно денес беше објавено дека починал и возачот на брзата помош од Кочани, Иле Гоцевски, кој ги превезувал повредените. По трагедијата и трауматичниот работен ден, дошол дома и заспал, и повеќе не се разбудил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

