Македонија
Инклузивно игралиште во дворот на oсновното училиште „Љубен Лапе“ во Аеродром

Учениците од основното училиште „Љубен Лапе“ во општина Аеродром од денеска можат да го користат новото инклузивно и пристапно игралиште сместено во дворот на училиштето.
„Многу е важно децата со посебни потреби да имаат еднакви можности за образование, спортување, учење и другарување со сите други ученици“, рече на отворањето градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
Ова е осмо инклузивно игралиште како дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ финансиран од Европската Унија.
Овој проект веќе 16 месеци успешно работи во насока на суштинско вклучување на учениците со попреченост во редовните основни училишта.
„Целосното вклучување на децата со попреченост во редовниот училиштен систем не е лесна задача, ниту во земјите на ЕУ. Политиката на ЕУ е јасна: мора да се оддалечиме од сегрегираното специјално образование. Попреченоста е прашање на права, а не прашање на дискреција“, посочи Стефан Ходулин од канцеларијата на ЕУ во земјава.
Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ има за цел да им помогне на училиштата, во кои учат ученици со попреченост, да ја подобрат својата инклузивност и пристапност.
„Во рамките на проектот досега доделивме стипендии на 471 ученици во почетните одделенија, спроведовме обука за над 280 претставници од училиштата, опремивме осум инклузивни игралишта, пет сензорни соби, една сензорна градина и доделивме асистивна технологија во четири училишта. Веруваме дека со овие активности навистина ја менуваме сликата за инклузивното образование во земјава“, рече Елена Мишиќ од Фондацијата „Чекор по чекор“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Борко Ристовски треба да си поднесе оставка за резил олимпијада и за хаосот во спортот

Македонија беше понижена, посрамотена и претставена како земја од 19-от век пред очите на меѓународната спортска јавност и тој резил со Младинската олимпијада е најголемиот дебакл во поновата спортска историја на државата, велат од СДСМ.
„Не е само катастрофалната организација, катастрофални се и резултатите на македонските спортски федерации, кои го одразуваат општото пропаѓање на спортот со оваа Влада и Ристовски како министер.
И додека најгордата Влада немала пари за соодветно сместување, вода, превоз, храна, клима-уреди и достоинствени услови за олимпијците имала за ПР и маркетинг!
Вработени во ПР-компанијата „ИДЕА Лаб“, чиј сопственик е близок до ВМРО-ДПМНЕ, добиле бизниси поврзани со олимпијадата, од маркетинг до менаџмент на социјални медиуми.
Значи има пари за ПР ама нема за основни услови за спортистите. Срамно и бедно.
Човекот кој пред неколку месеци ја убедуваше јавноста дека ќе организира „најдобра Младинска олимпијада во светот“ не може да побегне од одговорноста.
И не е само резил олимпијадата. ВМРО-ДПМНЕ и Борко Ристовски го деградираа и целосно го запоставија македонскиот спортот.
Намелена е поддршка на спортот на историски најниско ниво. Наместо 15 милиони евра субвенции, со ребаланост на буџетот поддршката се намали на само 6,7 милиони евра – најмалку досега.
Секој клуб, секоја федерација, секој спортист добива 40% помалку директна поддршка.
И сè уште нема отчет како се распределуваат тие пари.
Борко Ристовски е министер кој стана капитен на распадот во македонскиот спорт.
На Ристовски му стана поважна министерската фотелја отколку принципите по кои некогаш настапувал. Денес не ги поддржува спортистите, туку ги брани интересите на своите партиски шефови.
Бараме неотповиклива оставка од Борко Ристовски – веднаш!
Не само поради скандалот со Младинската олимпијада, туку и поради системското уназадување на македонскиот спорт. Одговорност мора да има!“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Меѓусебната заштита на Коцевски со СДС и ДУИ е причина за 2% доверба во судството

СДС ги штитат корумпираните обвинители и судии бидејќи им овозможуваат закрила на нивните функционери, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Клиентелизмот на Коцевски е гаранција за заштита и неказнивост на функционерите од СДС и ДУИ.
Поддршката што Коцевски ја доби од Филипче е меѓусебна заштита која ја гуши правдата во државата. Бидејќи доколку падне Коцевски, ќе се отворат врати за истраги како против Филипче така и за останатите функционери од СДС и ДУИ.
СДС со негласањето на интерпелацијата целосно се разголи, и на виделина пред јавноста излезе спрегата помеѓу СДС, ДУИ и Коцевски.
Очигледно е дека СДС и ДУИ стојат зад заштитата на Коцевски, кој за возврат не презема ништо за наводните злоупотреби и сомнежи за висоока корупција како и сомнителни тендери поврзани со Филипче, Заев и Ахмети.
Со одбивањето да ја поддржат интерпелацијата, СДС и ДУИ јасно покажаа кој го поставал Коцевски и кој го одржува на функцијата, јавниот обвинител Коцевски.
Се додека Коцевски е на позицијата, довербата во правосудството ќе биде помала од 2%, а одговорност за криминалите поврзани со СДС и ДУИ нема да има.
Доколку постои грам морална одговорност кај Коцевски, треба да ја препознае пораката од јавноста и да си поднесе оставка.
На Македонија и се неопходни темелни реформи во судството, правосудство растеретено од политички влијанија каде судиите и обвинителите ќе носат одлука врз основа на законите и Уставот а не под влијание на партиските интереси на СДС и ДУИ.
Во Македонија неопходно е правдата да завладее, неопходни се коренити реформи и трансформација на судскиот систем“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Времето денеска сончево со мала до умерена облачност, попладне локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.
Попладне ќе има изолиран развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи.
Минималните температури ќе се движат од 12 до 20, а максималните од 26 до 36 степени целзиусови.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде 17, а максималната дневна ќе достигне 36 степени.