Македонија
Инспекторатот: Во кругот на „Железара“ работат фирми без елаборати за заштита на животната средина
По барање на граѓаните од Гази Баба, Државниот инспекторат за животна средина излезе на терен и направи два вонредни надзора во индустриската зона, каде што, освен „Макстил“, работат и повеќе други правни субјекти. Жителите се жалат поради очигледното и високо загадување на воздухот минатата седмица, но и поради бучавата што доаѓа од кругот на поранешна „Железара“. Надзорите беа спроведени во соработка со Инспекторатот на Град Скопје поради споделени надлежности.
„Првиот надзор беше спроведен на 9 декември, во работно време, и беше утврдено јасно прекршување на законот, односно констатирано е дека повеќе правни субјекти работат без елаборати за заштита на животната средина, што значи немаат програма со мерки за заштита на животната средина и надзор врз спроведувањето на мерките. Сите субјекти се задолжени во најкус можен рок да изработат елаборати и да обезбедат одобрение од соодветна институција во согласност со законот“, соопштија од ДИЖЗС.
Вториот надзор бил извршен вчера, 10 декември, во вечерните часови, во присуство лично и на директорката на Инспекторатот, Ана Петровска, раководителот на градскиот Инспекторат, Горан Трајчевски, и акредитирана лабораторија. Во тој момент, ниту еден од субјектите во кругот на „Железара“ не работел, освен „Макстил“. Инспекторите и централната акредитирана лабораторија на МЖСПП направија мерења на самото место, а резултатите се очекуваат во текот на следните денови.
Во текот на инспекцискиот надзор било побарано објаснување за бучавата на која се жалеа граѓаните на Гази Баба. Било потврдено дека бучавата доаѓа од „Макстил“, поточно од електролачната печка за топење старо железо, која и покрај изолацијата на погонот, создава силни звуци кои пробиваат во надворешната околина.
„’Макстил’ е задолжен да го води производниот процес на начин што нема да создава бучава и да го нарушува мирот и спокојот на граѓаните“, соопшти Инспекторатот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и на Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на планинскиот превој Плетвар, а до 80 метри на планинскиот превој Стража.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.

