Македонија
Инспекторите на терен по пријави за испуштени загадувачки материи во Вардар
По добиена дојава за испуштање загадувачки материи во река Вардар од одводниот канал во населба Гази Баба – Скопје, од страна на Државниот инспекторат за животна средина извршени се повеќе вонредени инспекциски надзори.
Како што се наведува во соопштението, во главниот колектор во индустрискиот комплекс Железара се вливаат: фекални води од сите постоечки компании и фирми во кругот на поранешната фабрика Железара преку посебна фекална канализација; атмосферски води од кровните конструкции од објектите, кои се вливаат дел преку фекалната канализација и дел преку посебната атмосферска канализација; атмосферски води од сливните површини од патиштата и паркинзите преку посебна атмосферска канализација. Во главниот колектор преку канализациски приклучоци се вливаат води и од градската канализација од населбите Бутел, Железара, ПЗУ Ре-Медика и ЈЗО Здравствена станица Железара. Надвор од индустрискиот комплекс по трасата на колекторот кон реката Вардар со канализациски приклучоци се вливаат и води од поодделни фирми, и тоа: поранешен објект од Годел-Кожара, Тинекс, Сепарација на Бетон, ЕМУЦ, АСУЦ, приватни фирми, семејни куќи и други корисници. Сите води преку колекторот се испуштаат во реката Вардар.
„Согласно горенаведеното, прво е извршен визуелен увид во 12:30 часот, на река Вардар, на горенаведената локација при што се констатира дека водата што истекува има обојување со слабо жолтеникаво-црвенкаста боја која на растојание од 3-4 метри во реката се губи. За време на увидот направена е фотодокументација. Потоа е извршен вонреден инспекциски надзор во комплексот Железара, во правни субјекти кои подлежат на А-Интегрирани еколошки дозволи кои се во надлежност на Државниот инспекторат за животна средина, и тоа:
Во 13:00 часот во правниот субјект „Либерти“ АД Скопје се констатира дека работат погоните Лужилница, Пластификација и Поцинкална. Присутните лица од „Либерти“ АД Скопје изјавија дека во производствениот процес немале никакви проблеми и инциденти. Согласно динамиката на земање проби од отпадната вода и вршење анализи во сопствената лабораторија, во 10:00 часот од излезниот базен 4 земена е вода за испитување и PH изнесува 6,85, а Fe е 4,86 мг/л и тие се во граничните вредности.
Од страна на Државниот инспекторат за животна средина беше наложено веднаш да се земат проби од излезен базен 4 и од AGW1 –шахта која потоа оди во одводниот канал и веднаш да се направат анализи на PH и Fe во сопствената лабораторија, како и трите земени проби во 10:00 и 13:00 часот да се однесат на испитување во акредитирана лабораторија со сите параметри пропишани во А-интегрираната еколошка дозвола. По 2 часа доставени се резултатите до Државниот инспекторат за животна средина каде е констатирано дека од излезен базен 4 PH изнесува 7,31, а Fe е 4,08 мг/л, а AGW1–шахта PH изнесува 6,65, а Fe е 4,41 мг/л и тие се во граничните вредности.Исто така, наложено е по добивањето на резултатите од анализата на водата од акредитираната лабораторија, истите да се достават до Државниот инспекторат за животна средина“, се вели во соопштението.
Исто така, извршен бил и вонреден инспекциски надзор во правниот субјект „Макстил“ АД Скопје при што се констатира дека погон Челичарница не работи, а погон Валавница за дебел лим работи.
„Со претставници од правниот субјект посетена е пумпна станица Ј-42 каде што вишокот на отпадна вода оди во колекторот и продолжува во одводниот канал. Присутните изјавија дека при производствениот процес немале никакви проблеми. На самата пумпна-станица Ј-42 поседуваат континуиран мерач за мерење на проток, температура и PH на водата која оди во колекторот. По барање на Инспекторатот, доставени се резултати од континуираниот мерач кои се во граничните вредности. Присутните лица изјавија дека од социјалните мрежи имаат разбрано за обојувањето на водата во реката Вардар и веднаш (на 9.4.2020 година) самите зеле проба на вода од пумпна станица Ј-42 и ја доставиле во акредитираната лабораторија –Техничка контрола да извршат целосни анализи согласно А-интегрираната еколошка дозвола, како вонредни анализи, иако редовните анализи се направени на 6.4.2020 година. По добивањето на резултатите од акредитираната лабораторија – Техничка контрола од 6.4.2020 година и од 9.4.2020 година, им беше наложено, истите да се достават на увид до Државниот инспекторат за животна средина.
Во комплексот Железара извршен е и вонреден инспекциски надзор во ЕСМ-Енергетика, кој е во редовно функционирање за производство на топлинска енергија и нема континуирано испуштање на отпадни води од работен процес и немал проблеми со испуст на истите, додека двете асфалтни бази кои се со А-Интегрирани еколошки дозволи на ЈП ‘Улици и патишта’ и БАУЕР БГ од својот работен процес не испуштаат отпадна вода. Правните субјекти ‘Скопски легури’ и ‘РАД КОМ’, кои се наоѓаат во истиот, не работат години наназад“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Донесени пресуди за случајот „Премин“, обвинителството најави жалба
Денеска, во Основниот кривичен суд Скопје, беше објавена неправосилна пресуда во предметот со кодно име „Премин“, застапуван од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството за гонење на организиран и корупција. Во предметот беа опфатени повеќе царински службеници од Царинските испостави Ново Село и Дојран. Со пресудата, дванаесет обвинети лица се огласени за виновни за сторени кривични дела Примање поткуп и Злоупотреба на службената положба и овластување.
Четворица обвинети се осудени на ефективни казни затвор во траење од една година и шест месеци до три години, додека на останатите осум лица им се изречени условни осуди.
Четворица обвинети на почетокот на главната расправа го признаа делото и тогаш судот ги осуди на ефективни казни затвор во траење од 2 години до 2 години и 8 месеци.
Воедно, на 14 лица во предметот осудени за кривичното дело Примање поткуп судот им изрече и казна забрана за вршење на должност на службено лице, во времетраење од две до осум години, индивидуално определена за секој од нив.
Предлогот на обвинителството за одземање и конфискување на имотната корист прибавена со кривично дело беше делумно прифатен од страна на судот и паричните средства се вратени на еден од обвинетите.
Останатите привремено одземени парични средства пронајдени при извршените претреси се одземени и тоа 18.230 евра, 263.210,00 денари, 4860 швајцарски франци, 443 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Обвинителството незадоволно од висината на казните и од висината на одземените парични средства најавува дека ќе го искористи правото на изјавување на правен лек по писмено добивање на пресудата.
Истражната постапка за овој случај беше отворена во октомври 2024 година кога беше спроведена полициска акција под кодно име „Премин“ поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат.
Македонија
Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од 500.000 денари од општинскиот буџет
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.

