Македонија
Инспектор со фалсификувани дипломи напредувал во МВР
Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против М.М.(47) од Куманово, инспектор во МВР, за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“, Б.Р.(46) од Скопје, раководител на студентски прашања на универзитет „ФОН“ , за сторено кривично дело „фалсификување исправа“, В.М.Н.(58) од Скопје, советник-државен просветен инспектор, за сторено кривично дело „фалсификување службена исправа“ и А.И.(38) од Штип, декан на Факултетот за правни науки при Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“, за сторено продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Имено, Б.Р. како раководител на студентски прашања на универзитет „ФОН“ Скопје во досието на М.М. внела невистинити податоци дека тој, инаку главен инспектор во отсекот за странци и реадмисија во Регионален центар за гранични работи „Север“, положил испит, по што изготвила уверение и го дала на потпис и потврдување кај деканот на Факултетот за правни науки и ректорот на универзитетот. Со тоа му овозможила на првопријавениот противправно да се стекне со диплома за завршен прв циклус на студии.
По ова, инспекторот ги употребил лажните уверение и диплома при запишување на втор циклус на специјалистички студии и втор циклус магистерски студии на Факултетот за правни науки при универзитетот „ФОН” Скопје.
Во текот на магистерските студии на Б.Р. повторно во електронското и материјалното досие на М.М. внела невистинит податок дека тој положил испит, и покрај тоа што професорот не ја впишал оценката и не ја потпишал пријавата, со што му овозможила на првопријавениот противправно да се стекне со уверение за положени испити од втор циклус и диплома за магистер по правни науки.
Потоа М.М. наведните уверенија и дипломи во повеќе наврати ги употребил приложувајќи ги како доказ за завршено образование во персоналното досие во МВР, а со намера врз основа на таквите дипломи и уверенија полесно да напредува во службата и системот на кариера во МВР на РМ. Во 2011 година, првопријавениот наведните уверенија и дипломи повторно ги употребил при запишување на докторски студии на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, при што навел уште еден лажен податок дека во 1994 година дипломирал на Природно-математичкиот факултет при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. По ова во текот на месец декември 2013 година првопријавениот наведените дипломи ги употребил во приватната високообразовна установа за бизнис-студии „Еуро колеџ” во Куманово при постапка за избор на доцент во наставнонаучна област Менаџмент во царина и шпедиција и друго, а во текот на 2014 година и 2017 година истите ги употребил во постапка за добивање согласности за вршење дополнителна дејност во МВР на РМ.
Во текот на 2015 и 2016 година првопријавениот наведените дипломи ги употребил и при аплицирање за ангажман како професор на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Државин“ во Свети Николе каде бил ангажиран како професор за што во текот на 2015, 2016 и 2017 година му бил исплатен надоместок во износ од 272.300 денари. Истиот, во текот на 2017 година наведените дипломи ги употребил и при аплицирање за полагање правосуден испит во Министерството за правда на Р.Македонија.
Четвртопријавениот А.И., како декан на Факултетот за правни науки при Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“-Свети Николе-Битола ги ставил во сила одлуките за избор на првопријавениот како професор, и покрај тоа што знаел дека се несоодветни со подрачјето и областа на која докторирал, со што постапил спротивно од Законот за високо образование на Р. Македонија, и му овозможил на првопријавениот да се стекне со противправна имотна корист во вкупен износ од 272.300 денари. На 8 февруари годинава третопријавената В.М.Н., како советник-државен просветен инспектор, при вонреден инспекциски надзор на универзитетот „ФОН“ Скопје, во соработка со инспектори од МВР, при увид во електронското и материјалното досие на првопријавениот составила лажен записник кој го заверила и потврдила со свој потпис и печат од државниот просветен инспекторат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен Конзул на Македонија?
„Пред околу еден месец, српското МНР соопшти дека му ја предале егзекватурата на почесниот конзул на Република Северна Македонија во Република Србија: Душан Адамовиќ. Седиштето на Конзулатот на Република Северна Македонија е во Панчево. Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„На платформата X може да се најдат стари објави на Адамовиќ кој вели дека, цитирам „Српска Македонија“ била окупирана. Ова е скандал сам по себе, но одиме понатаму. Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, кородинатор за Срем и координатор за Јужен Банат. Во медиумите во Србија има скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со него. Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 г. на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат. Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија е избран за конзул? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Овој скандал отвора сериозен сомнеж. Го повикуваме премиерот Мицкоски да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија владата го избрала Адамовиќ за почесен конзул на Македонија? Каква е врската на Адамовиќ со Мицкоски?“, истакна Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата.
„Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија. Не сакаме да се вмрежуваме во дневно политичките настани во соседна Србија иако желбата на СДС е огромна за тоа. Споменатото лице ги исполнува сите критериуми потребни за негово поставување за конзул“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заев и СДС беа главниот кадија во државата, тие судеа, тие пресудуваа, тие разрешуваа
„Во времето на Зоран Заев и СДС, Македонија беше држава на еден човек. Заев беше и обвинител и судија и главен кадија. Одлучуваше кој ќе биде гонет и кој ќе седи на судиската клупа“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Судиите и обвинителите не се бираа по закон и интегритет, туку по послушност. Доколку ги следевте насоките на Зоран Заев, останувавте на функција. Доколку покажевте непослушност, веќе следниот ден бевте разрешени. Судските случаи се кроеја по политичка мерка. Наместо правда, имавме политички пресметки, а наместо владеење на право, имавме владеење на страв“, истакна тој.
Членови на ВМРО-ДПМНЕ, вели Манасиевски, беа предмет на политички прогон, а притисокот не застануваше само на нив, се одеше и кон нивните семејства.
„Тоа не беше борба за правда, туку демонстрација на сила. Случајот со Мерцедесот и Гордана Јанкуловска е само еден од симболите на тој систем. Поранешниот врховен судија Катевеновски јавно посочи дека таа немала никакво сторено кривично дело. Кога предметот стигнал до него, на рочиште зад затворени врати јасно кажал дека нема да даде позитивно мислење за притвор и дека одлуката ќе ја координира заедно со неговите колеги. Но, разговорот со колегите никогаш не се случил. Утредента, на седница на Судски совет, која била свикана по насока на тогашната власт, судијата Катевеновски бил разрешен. Разрешен бил поради тоа што не постапил по политичка директива. Тоа е вистинското лице на Зоран Заев и на СДС. Ветуваа вистина и правда, а испорачаа селективност, криминал и корупција. Оние кои зборуваа за независно судство, создадоа зависно правосудство“, рече тој.
Според Манасиевски, денес, клопчето се одмотува.
„Сведоштвата стануваат сè погласни. Индициите и сомнежите за директна поврзаност помеѓу СДС, Заев и одредени одлуки во правосудството не смеат да останат без одговор. ЈО има обврска да постапи. Затоа што вистината, колку и да се прикривала, секогаш излегува на површина“, заклучи Манасиевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

