Македонија
Интеграцијата на Ромите – главен фокус на средбата помеѓу Тренчевска и Сарацин
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретна со германскиот специјален пратеник за Западен Балкан Мануел Сарацин и амбасадорката на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Петра Дрекслер. На средбата се разговараше за заложбите на Владата и Министерството за труд и социјална политика во насока на унапредување на квалитетот на живот на Ромите во државата.
Министерката го информираше Сарацин за досегашните достигнувања како што е донесувањето на новата Стратегија за инклузија на Ромите 2022 – 2030, Акцискиот план за жени Ромки и Оперативниот план за активни мерки и програми преку кој 5% од лицата кои ќе бидат вклучени во мерките задолжително треба да бидат од ромската заедница. Министерката ја истакна и Гаранцијата за млади преку која младите Роми имаат олеснето вклучување на пазарот на трудот.
„Во регионот сме лидери во интеграцијата на Ромите во сите општествени сфери. Овозможивме пристап до предучилишно воспитание и образование во 22 општини и овозможуваме бесплатен пристап до услугите во градинките“ речеТренчевска.
Министерката исто така ја истакна важноста на четвртиот по ред министерски состанок за интеграција на Ромите на која домаќин ќе биде Република Северна Македонија. Министерката посочи од министерскиот состанок кој ќе се одржи следната недела ќе даде препораки и заклучоци кои со сигурност ќе влијаат на целокупниот Берлински процес и на донесување на мерки и препораки кои ќе гарантираат продолжување на успешната интеграција на Ромите во општествата на Земјите на Западен Балкан
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
И електронските цигари влегуваат во новиот закон за заштита од пушењето
Новиот предлог-закон за заштита од пушењето предвидува регулирање на сите никотински производи, вклучувајќи цигари, електронски цигари (со и без никотин), загреани тутунски производи, бездимни никотински производи, како и производи што го имитираат пушењето.
Од Министерството за здравство велат дека целта е да се регулира употребата и на новите никотински производи, имајќи предвид дека тие создаваат чад или аеросол со штетни материи, а според последните истражувања овие производи често полесно создаваат зависност.
Исто така, предвидена е забрана за производство, увоз и продажба на никотински производи со: овошни, слатки, ментол, билни и други вкусови, за кои се смета дека ја олеснуваат првата употреба и ја забрзуваат зависноста.
„Примарна цел на овој сегмент од законот е заштита на здравјето на младото население, за кое најновите истражувања покажуваат дека меѓу учениците на возраст од 13 до 15 години вкупно 9,0% моментално користат електронски цигари, додека 4,9% од учениците моментално користат тутунски производи кои се загреваат, а 10,6% пријавиле дека некогаш ги користеле“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Воедно, предлог-законот за заштита од пушење е усогласен со глобалните јавно-здравствени политики и со насоките на Светската здравствена организација преку рамковната конвенција за контрола на тутунот. Тој воспоставува сеопфатен систем што ги следи клучните принципи на конвенцијата: заштита од изложеност на чад, ограничување на маркетинг, промоција, спречување индустриско влијание преку спонзорства, контрола на достапноста и мерки за превенција и поддршка за откажување.
фото/Depositphotos
Македонија
Јаневска: Колку повеќе децата се во училиште, толку е поголем нивниот резултат
Македонските ученици до 15-годишна возраст поминуваат дури 900 часови помалку во училишните клупи во споредба со нивните врсници од Европската Унија, вели министерката за образование, Весна Јаневска.
Во интервју за МРТ1, Јаневска истакна дека сите можни истражувања, и во светот и кај нас, кажуваат дека колку повеќе децата се во училишните клупи толку е поголем нивниот резултат, односно стекнуваат толку повеќе знаење, вештини, компетенции.
„Македонските ученици до 15-годишна возраст поминуваат дури 900 часови помалку во училишните клупи во споредба со нивните врсници од Европската Унија, стандарди кои сакаме да ги достигнеме и во кој клуб сакаме да се приклучиме“, рече Јаневска и додаде дека е потребен ред во образованието и кај повозрасните, нагласувајќи дека повеќе време во училиште директно значи подобри вештини и знаења.
„Нашите деца не се помалку способни од нивните европски врсници за да бидат на дното на табелите од меѓународните тестирања. Затоа ќе го продолжиме времето што го минуваат во училиште, и тоа ќе се искористи за развивање на знаења и вештини споредливи со оние што ги имаат учениците во Европа. За да ги подготвиме наставниците да преминат од предавачи на факти во водичи и партнери во учењето, ќе посетуваат потребни обуки, меѓу кои и за читање со разбирање“, рече Јаневска на Свечената академија по повод 30-годишниот јубилеј на Педагошкиот факултет.
Македонија
Обвинителството побара куќен притвор за судијата Ѓоко Ристов осомничен за корупција
Обвинителството побара куќен притвор за судијата Ѓоко Ристов осомничен за корупција, кај кого беа пронајдени 350.000 евра соѕидани во ѕид во куќата на неговите родители во Неготино.
„Денеска предметниот јавен обвинител од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го сослуша осомничениот судија и му ги предочи прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар. Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување на мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што истата ја оправдуваат, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор“, соопшти Обвинителството.
Освен оваа мерка, предложено е и определување на мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.

