Македонија
Информативен карван „Заштитени заедно – вакцините делуваат“
Министерството за здравство со поддршка од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), Детскиот фонд при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Светската здравствена организација (СЗО) денеска го почна информативниот карван за вакцинација, кој следните осум дена ќе патува на 24 локации во целата земја.
Со слоганот „Заштитени заедно – вакцините делуваат“ карванот ќе пренесе информации до локалните заедници за сите редовни вакцини за деца, вакцините против сезонски грип и Ковид-19. Тимовите за имунизација ќе патуваат со карванот нудејќи вакцинација против Ковид-19 на самото место.
Потсетуваме дека има на располагање вакцини против (сезонски) грип и ги повикуваме лицата од ранливите категории да го изразат својот интерес за вакцинација на веб-страницата www.vakcinacija.mk. Исто така, ги охрабруваме да се вакцинираат оние што се изложени на најголем ризик од сериозни компликации од Ковид-19.
„Вакцинацијата против сезонски грип е еден од приоритетите на Министерството за здравство во областа на превентивната здравствена заштита со цел навремена заштита и спречување појава на потешки форми, компликации и смртен исход, особено кај ризичните групи. За таа цел, обезбедивме 40 илјади бесплатни вакцини, кои, почнувајќи од денес, може да се примаат во центрите за јавно здравје, а во Скопје и на три пункта: во поликлиниките „Идадија“, „Ѓорче Петров“ и „Бит-пазар“. Станува збор за четиритипна вакцина против сезонски грип од компанијата ‘Абот’ од Холандија. Бесплатната вакцинација против сезонски грип е незадолжителна, а е наменета за: постари лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години. Симболично, со овој карван за вакцинација, кој го почнуваме денес, заеднички праќаме порака за важноста на вакцинацијата. Потсетуваме дека граѓаните од ризичните групи може да се пријават за бесплатна вакцинација преку страницата: vakcinacija.mk.“, изјави министерот за здравство д-р Беким Сали.
Повеќе од два века вакцините им помагаат на луѓето да останат здрави – почнувајќи од првата вакцина за заштита од големи сипаници, па сè до најновите вакцини што се користат за спречување тешки случаи на Ковид-19. Оттогаш, семејствата и заедниците веруваат дека вакцините овозможуваат заштита за сите – од новороденчиња до повозрасни лица.
„Вакцините се меѓу највлијателните научни иновации на сите времиња, кои помагаат да се заштитат генерации и генерации на луѓе од заразни болести во текот на нивниот живот. Со повеќе од 200 години истражување, светска соработка и ригорозни тестирања се постигна успех во развивањето безбедни и ефективни вакцини за повеќе од 25 болести. Со пандемијата на Ковид-19 сите одблиску ги видовме загубата, стравот и несигурноста што ја придружуваа појавата на болеста. Благодарение на вакцините против Ковид-19 и на вакцините против сезонски грип ние имаме алатки за заштита на нашите најблиски“, рече Џери Дибле, директор на Мисијата на УСАИД.
Пандемијата на Ковид-19 предизвика огромен притисок кај здравствените системи и услуги, а нарушувањата го загрозија долгогодишниот тешко стекнат напредок во редовната вакцинација кај деца. На пример, процентот на деца што ја примиле втората доза против сипаници опаднал од 93,4 отсто во 2019 година на 68,5 отсто во 2020 година, со покачување на 80,4 отсто во 2021 година.
„Вакцините дејствуваат, ги штитат децата, возрасните и заедниците. Тие спасиле повеќе животи од кој било друг изум во историјата на човештвото. Ова е факт. Во последните 60 секунди редовните вакцини за деца спасиле уште пет детски животи. Благодарение на високите стапки на вакцинација во минатото, денешните родителите имале среќа да пораснат без да видат како членови од семејството или пријателите умираат или страдаат од доживотна попреченост поради болести, како што се сипаници или детска парализа. Иронично, токму ова стана една од причините зошто некои веруваат дека болестите што може да се спречат со вакцини повеќе не претставуваат закана. Но, не можеме самите да го земеме ова здраво за готово. Апелираме до семејствата да се информираат и да не го одложуваат вакцинирањето на нивните деца. Кога го вакцинирате вашето дете, ги штитите него, другите деца и вашата заедница“, рече Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ.
Ковид-19 и грипот се многу заразни респираторни вируси и имаат многу слични симптоми, како што се кашлица, треска и отежнато дишење. Иако и двете болести може да предизвикаат сериозно заболување, сепак за разлика од грипот, Ковид-19, особено кај оние што не биле вакцинирани и/или не биле претходно заразени, е поверојатно да доведе до здравствени компликации, болничко лекување и во некои случаи и смрт, затоа е важно да се тестирате и вакцинирате против двете болести.
„Не сме таму каде што бевме пред една година – пандемијата се менува, но сè уште не е завршена. Со приближувањето на ладната сезона Ковид-19 и грипот се враќаат во нашите животи. Треба да останеме внимателни и да продолжиме да практикуваме нешта за кои знаеме дека нè штитат, вклучително и вакцинацијата. Знаеме дека вакцините се безбедни и ефикасни. Покрај намалувањето на ризикот од сериозно заболување и смрт од Ковид-19, вакцината може да ги ублажи и долготрајните последици, кои се јавуваат по прележување на вирусот (продолжен Ковид-19) . Ова е уште една причина да се вакцинирате. СЗО ги охрабрува сите што ги исполнуваат условите за вакцинација против Ковид-19 да ги примат сите дози на вакцината што спасува животи, вклучувајќи и дополнителна бустер-доза кога ќе биде понудена. Бидете безбедни. Вакцинирајте се“, рече д-р Ане Јохансен, специјален претставник и шеф на канцеларија за в.и. на СЗО во Северна Македонија.
Редовните вакцини што се даваат во текот на детството, вакцини против сезонски грип и вакцини против Ковид-19 се достапни во сите здравствени домови и пунктови за вакцинација во државата (адреси на здравствени домови – Министерство за здравство (zdravstvo.gov.mk)), а вакцинацијата е достапна секој работен ден.
Карванот почна денес во Куманово, Черкези и во Старо Нагоричане и ќе продолжи во следните недели на следните локации:
20 октомври: плоштад Струмица [10:00-12:00 часот]; Ново Село, пред болница [12:30-14:30] и Василево, пред Дом на културата [15:00-17:00 часот]
- 21 октомври: Велес, пред Театар [10:00-12:00 часот]; Чашка, општински плоштад [12:30-14:30]; и Бузалково, кај општината [15:00-17:00 часот]
- 22 октомври: Прилеп, пред Стара чаршија [10:00-12:00 часот]; Долнени, пред општина [12:30-14:30]; и Кривогаштани, пред општина [15:00-17:00 часот]
- 23 октомври: Битола, плоштад „Саат Кула“ [10:00-12:00 часот]; Новаци, кај пазарот „Шик“ [12:30-14:30]; и Могила, [15:00-17:00 часот]
- 24 октомври: Охрид, плоштад „Крушевска Република“ [10:00-12:00 часот]; Мешеишта, кај полигонот (Полигон) [12:30-14:30]; и Косел [15:00-17:00 часот]
- 25 октомври: плоштад Тетово [10:00-12:00 часот]; Боговиње, пред општина [12:30-14:30]; и Теарце, училиштен двор ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ [15:00-17:00 часот]
- 26 октомври: Плоштад Скопје [10:00-12:00 часот]; Сарај, пред ОУ „Дитурија“ [12:30-14:30]; и Ракотинци, пред општина [15:00-17:00 часот]
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

