Македонија
Инциденти како вчерашниот се напад врз слободата на медиумите, велат од ЗНМ
Здружението на новинарите на Македонија со огласи со соопштение во врска со, како што се наведува, вчерашниот инцидент во Клубот на пратеници.
Според соопштението на ЗНМ, полицијата спречила фоторепортери да го сликаат моментот на пристигнувањето на претставниците на партиите на лидерската средба поради безбедносни причини, а раководителот на владината служба за односи со јавност, Марјан Забрчанец, упатил непримерни коментари кон медиумските работници зашто реагирале на ограничувањата.
„Предупредуваме дека овие инциденти претставуваат директен напад врз слободата на медиумите и обид да се криминализира работата на медиумските работници, кои пред јавноста треба да се претставуваат како опасни луѓе. Дополнително, ваквите непотребни инциденти сериозно ја компромитираат и заложбата на новата власт за транспарентно и отчетно владеење и ни ги враќаат сенките од минатото“, велат од Здружението на новинарите.
Оттаму потенцираат дека ако имало безбедносни причини за воведување нова практика на следење јавни настани, тогаш полицијата навремено требало да ги извести фоторепортерите и снимателите за тоа и да обезбеди алтернативен начин на покривање на настаните со ваков безбедносен ризик без да се предизвика забуна и нервоза.
„Укажуваме дека обврска и на Владата е да обезбеди пристап на медиумските работници до сите настани од јавен интерес и да осигура услови за непречена работа без притисоци или закани. Секое поинакво однесување нема да ја подобри состојбата со слободата на говорот и ќе ја задржи Македонија на дното на светските листи за овие слободи“, потенцираат од ЗНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.

