Македонија
Иселеници најавија поголема поддршка за Дебар

Преставници на Здружението на иселениците „Дибра“, чие седиште е во Њујорк, САД, на средбата со градоначалникот на Дебар, Ружди Лата, понудија поголема соработка со локалната власт во Дебар, како и нови инвестиции во родниот крај.
Претседателот на Здружението на иселениците од Дебар во САД, Дашнор Мифтари, информираше дека таму живеат над 15 илјади дебарчани и притоа истакна дека преку здружението тие даваат силна поддршка на своите блиски, но и на одредени здруженија и организации во родниот крај.
Сепак, според Мифтари, има потреба од продлабоување на соработката со општината и реализација на заеднички каландар на летни активности на иселениците и локалната власт, бидејќи во летниот период голем е бројот на иселениците кои престојуваат во родниот крај.
Мифтари на градоначалникот Лата му ги изнесе и забелешките на иселениците, особено во врска со проблемите со водоснабдување на Дебар, градската депонија и кучињата скитници.
Градоначалникот на средбата истакна дека треба поголема институционална соработка на иселениците со локалната власт и притоа подвлече дека тие се секогаш добредојдени во родниот крај.
Иселениците треба да продолжат со поддршката на Дебар, но сето тоа треба да биде во соработка со потребите на градот.
Околу проблемите, Лата истакна дека проблемот со недостигот на вода е поради злоупотребата на водата за пиење. Тој вели неодговорни лица наводнуваат зелени површини со водата за пиење. Побара техничка помош од иселениците и за одржување на депонијата.
К.М.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи, наместа во форма на невреме

Променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 24 до 29 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно, во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Во среда ќе има изолирана појава на нестабилност и ќе дува умерен до засилен северен ветер. Во деновите потоа времето ќе биде стабилно и топло со пораст на дневната температура.
Македонија
По врнежите од дожд и силните ветрови кои зафатија делови од државата, нема пријавени штети, соопшти ЦУК

По врнежите од дожд и силните ветрови кои зафатија делови од државата, до овој момент до Центарот за управување со кризи не се пријавени материјални штети или повредени лица, информираат од таму.
„Директорот на ЦУК, Мухамед Али, заедно со вработените од Оперативниот сектор и Дежурната служба, внимателно ја следи состојбата на терен.
Центарот за управување со кризи останува во постојана готовност и продолжува со координирани активности за обезбедување брза и ефективна институционална реакција при евентуални потреби“.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила надвор од градските средини

Поради изведба на проектот „Изградба на патна делница Градско – клучка Дреново“, дел од Коридор 10д, ќе има временa изменa на режимот на сообраќај на Експресниот пат А1, делница Градско – Дреново. Измените ќе важат од 04.08.2025 до 16.09.2025 година, при што сообраќајот ќе биде пренасочуван и регулиран со поставена соодветна сообраќајна сигнализација, соопшти АМСМ.
Според информацијата, во целост е отворен за сообраќај државниот пат А1 Градско – Прилеп од раскрницата кај бензинската станица Лукоил до клучката кај бензиската станица Салида.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, но на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.