Македонија
Искуствата на Истанбул ги користиме за развој на Тетово, рече Касами во Турција
За време на официјалната посета на Турција, градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами, оствари пријателска средба со градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу. Средбата беше фокусирана на можностите за соработка помеѓу двата града во областа на образованието, културата и економијата.
Градоначалникот Касами истакна дека искуствата и успешните практики на Истанбул се драгоцен ресурс за развој на Тетово.
„Ги користиме најдобрите искуства за да го придвижиме нашиот град напред. Тетово останува отворено за секоја соработка, која има цел прогрес и благосостојба на неговите граѓани“, рече тој.
Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, се обврза на конструктивен пристап и подготвеност да ги поддржи заедничките проекти, кои ќе придонесат за развојот на двата града.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“: Институциите да ја лоцираат одговорноста за коруптивниот закуп на лотаријата
Коалицијата „Вреди“ (Влен) соопшти дека ја изразува својата непоколеблива посветеност да ја спречи секоја форма на корупција и злоупотреба на довербата на граѓаните.
Според нив, со поништувањето на договорот помеѓу компанијата „ХЕЈ ДООЕЛ“ и Државната Лотарија, се отвора пат за одговорност на сите оние кои профитирале преку оваа шема на корупција.
„Им упатуваме повик на обвинителството и другите инстанции да преземат соодветни чекори за целосно расветлување на овој срамен скандал кој нанесе големи штети врз нашето општество. Артан Груби, како глава на овој распаднат систем, и Перпарим Бајрами, неговата десна рака во индустријата за коцкање, се симболи на една империја изградена врз корупција, која ги крши правата на чесните граѓани на оваа земја. Овие индивидуи, тесно поврзани со раководството на ДУИ, проектирале и управувале со структурирана мрежа со цел лично богатење и на нивните најблиски“, велат од „Вреди“.
Како што се додава, секој чекор кон уништувањето на оваа империја изградена врз коцкање и корупција, е важен чекор за правдата.
„На правосудните органи и обвинителството им е отворена вратата за да ги изнесат пред правдата оние што ја изградиле оваа шема. Нема враќање! Ќе се бориме до крај против оваа епидемија на коцкање и корумпирани шеми на политичките казиномани. Артан Груби и Перпарим Бајрами, заедно со сите оние кои профитирале преку овој валкан пат, ќе одговараат пред правдата и пред народот. Времето на неказнивост заврши!“, се додава во партиското соопштение.
Македонија
„АД МЕПСО расипнички се однесувало со парите на граѓаните, претходното раководство да одговори дали донациите се согласно закон“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Работењето на АД МЕПСО под претходното раководство е сомнително по неколку основи, а особено во делот на давање донации. За 2024 година на име донации и спонзорства АД МЕПСО предвидело вкупно 12.300.000 денари, а потрошило по овој основ 22.712.500 денари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Законот за донации и спонзорства согласно член 11 предвидува да се утврди целта на донација и истата да биде од јавен интерес.
Оттука се поставуваат прашањата. Прво, кој е јавниот интерес кога станува збор за донацијата на АД МЕПСО, односно од донацијата за Здружението на граѓани за промоција 22 Нентор. Здружението добило 120.000 денари.
Второ, СЕСОН добило 300.000 денари и ОФ на Македонија добило 1.000.000 денари, а нема никакви јавни податоци.
Трето, Центарот за модерни и спортски танци Прима Данца од АД МЕПСО добил 300.000 денари во месец април оваа година.
Четврто, боречки клуб Тефејуз Скопје од АД МЕПСО добил 300.000 денари.
Објавеното е само мал дел од листата на донации кои ги давало АД МЕПСО, а за кои има основано сомнение дека не е почитуван Законот.
Затоа прашуваме, прво, дали согласно член 19 од Законот за донации и спонзорства се изготвени извештаи помеѓу давателот и примателот на донацијата, извештаи согласно закон се задолжителни, второ, дали врз основа на извештаите јасно е утврден јавниот интерес, односно користа од донацијата за јавноста?
Јавноста ќе ја информираме за сите неправилности, а за истите надлежните институции треба да реагираат веднаш. Одговорност за непочитување на правните норми мора да има“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Без струја делови од Гази Баба и Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, соопшти дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа денеска, без напојување со електрична енергија ќе останат:
од 08:30 до 13:00 часот, корисниците од дел од ул. Финска, поточно подулиците со бр. 15 и бр. 20 во нас. Инџиково. (Општината Гази Баба)
од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од ул. Нерешка во нас. Жданец. (Општината Карпош)