Македонија
Испитувањата не покажуваат знаци од труење со храна кај младите фудбалери, велат од Академијата на ФФМ

Фудбалската федерација на Македонија во соопштение во врска со случајот поврзан со Академијата на ФФМ ја информира јавноста дека досегашните испитувања кај младите фудбалери не покажуваат знаци за труење со храна.
„Ги добивме резултатите од лабараториските испитувања во медицинската установа “Неуро медика” и истите кај сите фудбалери се во границите на нормалните вредности. Сите фудбалери се во добра општа состојба и полно здравје“, се наведува во соопштението од ФФМ.
Оттаму додаваат дека резултатите од дополнителните испитувања ќе ја утврдат објективната причина за случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицкоски од Вашингтон: Македонија е верен сојузник на САД, направивме многу отстапки, Европа треба да биде принципиелна наместо со двојни стандарди

Премиерот Христијан Мицкоски вчера се обрати на конференцијата „CPAC“ во Вашингтон, при што ја искористи приликата да ја запознае американската публика со историските и културните знаменитости на Македонија.
„Македонците се многу традиционални, ги сакаат своите семејства, можеби сме малку, но македонската заедница во САД е многу важен дел од американското општество. Знам дека го подржаа претседателот Трамп за време на изборите, тие се конзервативци и знам дека ќе продолжат да го поддржуваат претседателот Трамп. И тоа што би го додал, а е важно, е дека и ние бевме избрани како нова власт со огромно мнозинство пред осум месеци“, рече премиерот Христијан Мицкоски објаснувајќи го македонското општество како мултиетничко со две третини Македонци, а една третина се Албанци, Власи, Срби, Турци, и други.
„Ние имаме голема дијаспора низ светот, речиси еднаква по бројност колку што живеат во татковината“, рече Мицкоски.
Опишувајќи ја Македонија како срцето на Балканот и југоисточна порта на Европа, Мицкоски нагласи дека како таква беше актуелна на патот на мигрантите пред извесен период кон Европа.
„Ние бевме на „фронтот“ и се боревме против илегалната миграција, штитејќи ја Европа од илегалните мигранти“, рече Мицкоски и посочи дека токму тоа денес е главниот фокус и на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Премиерот Мицкоски се осврна и на стратешкото партнерство на САД и Македонија, откако беше истакнато дека нашата земја е една од земјите со најголем придонес во НАТО по глава на жител.
„Одвојуваме над 2 проценти, посветени сме и ги поддржуваме политиките на претседателот Трамп и сметаме дека 2 проценти треба да биде ниската граница, а не високата“, рече македонскиот премиер Мицкоски на собирот на американските конзервативци во Вашингтон.
Публиката со аплауз ја награди забелешката на водителката на интервјуто кога забележа дека токму премиерот Мицкоски бил единствениот на Минхенската мировна конференција којшто аплаудирал на говорот на американскиот потпретседател Венс.
„За мене тоа беше историски настан и според моето скромно мислење, може некои европски политичари ќе ми се налутат, тој негов говор беше многу инспиративен. После говорот дел од публиката го критикуваа сметајќи дека тоа на некој начин е мешање во внатрешните работи на суверени држави“, забележа Мицкоски.
„Од самиот почеток на нашата самостојност од поранешната југословенска федерација ние имавме две стратешки цели. Прво да станеме полноправна членка на НАТО и втората е да станеме полноправен член на Европската Унија. Ние станавме членка на НАТО, но пред тоа го сменивме знамето, ја сменивме нашата валута, го сменивме нашиот Устав, го сменивме нашето име, затоа што некој од нашите соседи станал член на НАТО пред нас и го злоупотреби ветото за да ги исполни билатералните барања. Ако ова не е мешање во внатрешните работи тогаш што е?“, запраша Мицкоски, којшто потенцираше дека двојните стандарди продолжуваат и денес.
„Ние не сме во можност да станеме членки на ЕУ, затоа што повторно имаме притисок да го смениме нашиот Устав. Ако Уставот не е внатрешно прашање на суверена земја, тогаш се прашувам што е? Зарем тоа е фер? Ако некој го критикува говорот, кое според моето скромно мислење беше многу инспиративен, треба да си го впери прстот во себе и да види што тој прави. Европските вредности не се билатеризација на процесот на пристапување кон Унијата“, заклучи премиерот Христијан Мицкоски на интервјуто за време на најголемиот годишен собир на американските конзервативци во Вашингтон.
Македонија
ВЛЕН и ДПМНЕ државата ја третираат како партиски пашалак, велат од СДСМ

„Коалиционите партнери во власта, ВЛЕН, ДПМНЕ и ЗНАМ, државата ја третираат како партиски пашалак за задоволување на нивните партиски и бизнис интереси. Меџити гордо најавува вдомување на 3.000 партиски кадри во администрацијата додека ДПМНЕ на ангро вработува, синови, сестри, тетки и стрини на нивните партиски функционери“, велат од СДСМ.
„Ова е директна потврда на предупредувањата на СДСМ за масовна партизација на институциите од страна на ВЛЕН и ДПМНЕ.
Овој дил на Мицкоски и Меџити, претставува целосно отстапување од ветувањата за мерит-систем, професионализација и праведна држава.
Масовната партизација на институциите пред изборите ќе значи претворање на јавната администрација во партиски штабови.
Додека граѓаните мака мачат со катастрофалната економска состоја, додека младите масовно се иселуваат власта се грижи само за тоа колку партиски војници ќе вдоми на грбот на народот.
СДСМ бара итно стопирање на сите партиски вработувања и темелна проверка за можен организиран план за масовна партизација.
Македонија не смее повторно да стане заробена држава на ВЛЕН и ДПМНЕ“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВЛЕН: ДУИ да го почне ветингот од својот претседател, нека објави колку пари има на сметка Али Ахмети

„На ДУИ конечно им текна дека треба да се чистат самите себе од криминал. Конечно погодија каде е криминалот“, велат од ВЛЕН.
„ДУИ, партијата што дваесет години ги третираа Албанците како основа само и единствено како основа за фамилијарна фирма и бизнис, деновиве најавува „ветинг“ – прочистување на функционерите од криминал и корупција. Одлично! Конечно им текна дека треба да се чистат самите од себе.
Но, ако навистина се сериозни, нека почнат од својот лидер – Али Ахмети!
Господа од ДУИ, дали сте подготвени да објасните: Како Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети, без да вложи ни денар, стана косопственик на трговскиот центар „Соравија“ во Скопје, објект вреден 30 милиони евра? Ако овој ветинг е вистински, објавете ги договорите, финансиите и банките што го финансирале ова „чудо“.
Како фирмата „Тор Индустриес“ на Дрин Ахмети добива милионски договори како подизведувач на Коридорот 8 и патот Кичево-Дебар? Колку од тие милиони се враќаат во партиските џебови?
Зошто Министерството за економија, предводено од Крешник Бектеши, не ја укина концесијата на „Еверест ЏД“, иако фирмата на Дрин Ахмети експлоатирала минерални суровини нелегално? Наместо санкција, добил нови тендери!
Како Бесиан Ахмети, друг внук на Али Ахмети, со само 10 месеци искуство доби висока дипломатска функција во Брисел? Па не сме знаеле дека талентот за дипломатија е наследен по крвна линија!
Зошто Шкумбин Ахмети, синот на Али Ахмети, кој дипломирал на тетовскиот универзитет како архитект, сега управува фирма за производство на струја и со братучедите планира да изгради фотоволтаична централа од 60MW вредна 35 милиони евра? Дали овие проекти се дел од „зелената агенда“ на ДУИ или само од нивните зелени банкноти?
Ако ДУИ навистина сака „ветинг“, нека го почне од сопствените редови. Нека објави колку пари има на сметка Али Ахмети, неговото семејство и сите негови блиски соработници. Нека докажат како овие луѓе, кои никогаш не работеле ништо освен политика, се трансформираа во мултимилионери.
Но, ние знаеме дека ова е само уште една лажна претстава. ДУИ ќе зборува за ветинг, но нема да го допре сопствениот криминал. Ќе се кријат зад празни изјави, додека зад кулисите продолжуваат со истите коруптивни шеми.
Затоа, пред да го лажете народот, почнете со ветинг на Али Ахмети! Ако немате храброст за тоа, тогаш вашата „борба против криминалот“ не е ништо друго освен нова измама. Граѓаните веќе ја препознаваат вашата игра – ДУИ и криминалот се едно исто!“, се наведува во соопштението на ВЛЕН.