Македонија
Истрага против 32 физички и правни лица за злоупотреби при јавни набавки во прилепската болница
По поднесена кривична пријава од Управата за финансиска полиција, Основното јавно обвинителство Прилеп денеска донесе наредба за спроведување истражна постапка против 16 физички и 7 правни лица, а уште девет други лица се осомничени за дела што се гонат во скратена постапка.
Тие се осомничени за кривични дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од член 275-в, како и проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. Со пријавата се опфатени и дејства на несовесно работење, злоупотреба на службената положба и овластувањето, фалсификување или уништување деловни книги и други кривични дела за некои од осомничените, кои Обвинителството исто така ги испитува.
Постои основано сомнение дека осомничените, како соизвршители, учествувале во дејства со кои свесно ги повредувале прописите за јавни набавки во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Прилеп со намера за себе или за друг да остварат значителна имотна корист, односно да предизвикаат значителна имотна штета на болницата, што е поткрепено и со наоди од извештај на Државниот завод за ревизија.
Осомничените, меѓу кои поранешната директорка, раководители и други вработени на болницата, но и управители на осомничени правни лица, преку постапки за јавни набавки за сервис на моторни возила, чистење на работните простории, сервис на водоводна мрежа, молеро-фарбарски услуги, физичко обезбедување, реконструкција на инфективното одделение, односно преку неизвршување на договорните обврски и незаконски промени на налози за исплата, предизвикале вкупна штета на буџетот на болницата „Борка Талески“ од 42.726.978 денари.
Основното јавно обвинителство Прилеп до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за шестмина осомничени, а за другите 19 физички лица се предложени мерки на претпазливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.

