Македонија
И денеска сончево и топло време, од вторник заладување и дожд

Времето денеска ќе биде сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната од 27 до 32 степени. Во Скопје, сончево и топло време. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Во утре времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност, а кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми. Од вторник ќе настапи значителна промена на времето. Ќе преовладува претежно облачно и свежо време со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. Дневните температури значително ќе опаднат и ќе бидат под просекот за овој период од годината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вработени во Општина Гази Баба организирале создавање и палење депонии, објави Арсовска

Општината Гази Баба и нејзиното јавно претпријатие се затекнати во незаконски активности кои директно ја загрозуваат животната средина и здравјето на граѓаните. Возила со општински ознаки, кои само пред една недела добија нови црвени таблици заради разграничување од комерцијалните, се затекнати во создавање диви депонии на подрачјето на Јурумлери, објави градоначалничката на Градот Скопје, Данела Арсовска.
Наместо да ја извршат својата законска обврска и да го исчистат просторот на Вардариште, додава таа, одговорните во општината самите организирале создавање на депонии.
Дополнително, вели Арсовска, дел од нив биле и запалени, со што е предизвикано сериозно загадување.
„Оваа практика претставува сериозен доказ дека дел од општинските структури активно учествуваат во создавањето и ширењето на диви депонии, а потоа свесно ги палат, со што предизвикуваат голема штета по животната средина и по квалитетот на воздухот. Потсетуваме дека ваквите активности се во директна спротивност со законските обврски на општините и претставуваат кривични дела за кои мора да следи соодветна одговорност“, вели Арсовска.
Таа ги повика сите надлежни органи веднаш да постапат согласно законските надлежности.
Македонија
Зоран Божиновски исклучен од ЗНМ за „сериозни етички повреди и родово базирано вознемирување“

Управниот одбор на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), постапувајќи по предлог на Советот на честа при ЗНМ, донесе одлука за исклучување на Зоран Божиновски од членството на ЗНМ поради прекршувања на повеќе членови на Етичкиот кодекс на новинарите.
„Одлуката е донесена поради тешки и повторливи повреди на Етичкиот кодекс – преку серии неодамнешни објави што поттикнуваат родово базирано вознемирување кон новинарки и го нарушуваат угледот и приватноста. Освен ова, овие објави иницираат малициозни коментари со што се поттикнуваат и охрабруваат други лица да шират говор на омраза и закани, а на тој начин се создава непријателска средина и се зголемува ризикот по безбедноста на новинарките“, велат од ЗНМ.
„Советот на честа при ЗНМ, следејќи го Статутот и Правилникот за работа, по разгледување на пет доставени претставки до ЗНМ од страна на новинарките Жана Божиновска, а во име на Мирослава Симоновска, потоа од Јована Костадиновска, Анета Андонова, Сашка Цветковска и Мери Попова, одлучи дека Зоран Божиновски грубо ги прекршил член 10, член 15 и член 16 од Кодексот на новинарите. Врз основа на тоа, Советот даде предлог за исклучување, кој беше прифатен од Управниот одбор на ЗНМ.
Зошто е донесена оваа одлука? ЗНМ има обврска да ги штити професионалните стандарди и безбедноста на своите членови. Нормализирањето на вознемирувањето и јавните понижувања – особено кога се насочени кон жени – директно ја поткопува слободата на изразување, ја нарушува довербата во медиумите и ги обесхрабрува новинарките да бидат гласни и присутни во јавната сфера.
Кои се последиците ако ова не се третира соодветно? Игнорирањето на ваквите појави води кон зголемена неказнивост, ескалација на онлајн и офлајн напади, самоцензура и системско потиснување на женските гласови во медиумите, што е штетно за јавниот интерес и демократскиот дискурс. ЗНМ потсетува дека согласно измените на Кривичниот законик од 2023 година, загрозувањето на сигурноста на медиумските работници претставува кривично дело, за кое веќе постои и судска пракса.
Укажуваме дека секој член на ЗНМ при зачленување потпишува изјава дека ќе ги почитува одредбите на Етичкиот кодекс. Согласно член 20 од Статутот, член против кого се поднесени и прифатени претставки за сериозни прекршувања на Кодексот може да биде исклучен од здружението, а со тоа да ги изгуби бенефитите од членството – правна помош и застапување, право на добивање и користење новинарска легитимација (национална и меѓународна, согласно правилата), учество во органите и програмите на ЗНМ, пристап до обуки, мрежи и други членски услуги.
ЗНМ, како најстара професионална организација на новинари во земјата со 79-годишна традиција, останува на страната на професионалното новинарство и на сите новинар(к)и кои со интегритет и одговорност ја вршат својата работа во интерес на јавноста“, се додава во соопштението на ЗНМ.
Македонија
В недела посебен режим на сообраќај во Скопје поради одржување на „Скопскиот маратон 2025“

На 05. октомври, недела, со почеток во 08:00 часот, ќе се одржи „Скопскиот Маратон 2025“ со следните траси на движење: траса на движење на трката од 5км – Старт на ул.„11-ти Октомври“ (кај зелен пазар), право по ул.„11-ти Октомври“, лево по бул.„Крушевска Република“, десно по бул.„3-та Македонска Бригада“, полукружно на крстосница помеѓу бул.„3-та Македонска Бригада“ и ул.„Васко Карангелевски“ и по истата траса назад до целта – Плоштад „Македонија“ на ул.„11-ти Октомври“ и траса на движење на маратонот, полумаратонот и штафетната трка (по наведената траса за штафетната трка и маратонот натпреварувачите се движат 2 пати) – Старт Собрание на РСМ на ул.„11-ти Октомври“, право кон „Рекорд“ односно по ул.„Димитрие Чуповски“, право по ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“, право по ул.„Војвода Васил Чакаларов“, се до крстосница со ул.„Ангел Динев“ каде се врти полукружно назад по истата траса се до Собрание на РСМ на ул.„11-ти Октомври“ и се продолжува право по ул.„11-ти Октомври“, лево по бул.„Крушевска Република“, десно по бул.„3-та Македонска Бригада“, лево по ул.„Васко Карангелевски“, десно по бул.„Јане Сандански“ се до крстосница со бул.„Србија“ каде се врти полукружно и во истата коловозна лента назад по бул.„Јане Сандански“ се до крстосница со бул.„Кузман Јосифовски Питу“ каде се врти полукружно назад во истата коловозна лента до крстосница со ул.„Васко Карангелевски“, десно по ул.„Васко Карангелевски“, десно по бул.„3-та Македонска Бригада“, лево по бул.„Крушевска Република“, десно по ул.„11-ти Октомври“ до целта- Плоштад Македонија.
Од тие причини Единица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде ќе се одвива настанот.