Македонија
Нови оставки на директорите на јавните претпријатија, разочарани од градоначалничката Арсовска
И директорот на ЈСП Турс – Филип Василевски поднесе оставка на функцијата. Според неговата објава на Фејсбук, тој е разочаран од актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, за која вели дека е „посветена на кавги наместо на работа“.
Во продолжение фејсбук-статусот на Василевски:
„Како човек кој целиот свој живот го посветил на работа и кој има интегритет во работата и како човек кој за исклучително кус период во работата на ЈСП Турс постигна исклучителни резултати со мојот тим сакам да кажам дека сум задоволен од тоа што го постигнавме со сопствени сили и ресурсите кои ги имавме на располагање.
За период од 6 месеци успеавме неколкукратно да ги зголемиме приходите во делот на превоз и туризам, како и да обезбедиме линеарно зголемување на платите за сите вработени.
Но тоа не е доволно кога ЈСП Турс ја нема поддршката од Градот и нормалната комуникација со градоначалничката Данела Арсовска и со генералниот директор Александар Стојковски. Морам да кажам дека разочарувачки е тоа што визијата која нè обединуваше, проектите во кои веруваме и за која се обврзувавме пред скопјани не се исполнува и нема согласност од градот, кој сè повеќе е заглавен во кавги и пресметки и лични интереси, затоа си давам оставка од директор на ЈСП Турс, од каде си заминувам со крената глава, задоволен од резултатите и со принципите во кои продолжувам да верувам“, вели тој.
Веднаш по него, на „Фејсбук“ својата оставка ја најави и директорот на ЈП „Улици и патишта“ – Борис Настов.
„Најнапред сакам да се заблагодарам за довербата и поддршката што ми беа дадене за да раководам со ЈП ‘Улици и патишта’.
Пред 9 месеци, кога станав в.д. директор на ЈП ‘Улици и патишта’, затекнав претпријатие во многу лоша состојба, како финансиски, така и во однос на реализацијата на проектите. Во изминатиот период работев напорно заедно со моите соработници, наспроти сите предизвици и проблеми, за да се подобри работењето на претпријатието, а во функција на исполнување на очекувањата на граѓаните. Мојата мотивација во работата беше реализација на проектите кои им ги ветивме на граѓаните на Град Скопје.
Иако преку спроведените проекти и воспоставените добри практики во работењето на претпријатието многу работи се подобрија, реализацијата на проектите не се одвиваше според моите и очекувањата на граѓаните.
Затоа, ве известувам дека давам неотповиклива оставка на местото в.д. директор на ЈП ‘Улици и патишт’а. Оваа моја одлука ја донесов како резултат на неадекватната комуникација со градоначалничката на Градот Скопје, како основач на претпријатието, како и немањето на разбирање при реализација на клучните проекти од интерес на градот, а за кои јавното претпријатие имаше можност и потенцијал. Неможноста и покрај сите мои искрени намери и напори да воспоставиме меѓусебно разбирање, соработка и почитување како неопходни фактори за успешна имплементација на зацртаните проекти и активности на претпријатието придонесоа кон донесување на оваа моја одлука.
Искрено им се заблагодарувам на сите вработени и соработници во претпријатието кои работеа деноноќно на сите проекти и покрај отежнатите услови на функционирање, секогаш исполнувајќи ги задачите на највисоко професионално ниво“, вели Настов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Власта не се откажува од авионот, туку од зголемувањето на платите за работниците!“, велат од СДСМ
„Власта се нема откажано од авионот. Буџетот на СОЗР за оваа 2026 година беше зголемен за 124 милиони денари и тој е непроменет. Во Категорија 48 (Капитални расходи), под ставката за опрема, оваа сума соодветствува на годишна рата за купување авион со рок на отплата од повеќе години“, велат од СДСМ.
„Власта одбива да направи ребаланс на буџетот и парите да ги пренамени за плати. Тоа потврдува дека авионот не е избришан од Буџетот.
А во Собранието пратениците на ВМРО-ОКГ не сакаат ниту да разговараат за нашиот предлог за ребаланс на Буџетот, ниту за новиот Закон за минимална плата од 600 евра.
Мислат дека со дефокус ќе направат луѓето да заборават на авионот и тивко да работат во позадина за во иднина да земат нов. Луксузот на ВМРО-ОКГ не трпи, трпат само работниците.
Авионот сакаат да го земат на лизинг, на рати, па тоа да го претстават поинаку, само како изнајмување за потребите на Владата.
Никој не е наивен! Граѓаните ќе плаќаат, платите на работниците нема да ги зголемат. Ќе има пари за авион, мебел, луксуз, тендери, но за работниците нема да има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.

