Македонија
Кабинетот на Гаши: Неточни се тврдењата на ДУИ за средбата со делегацијата на албанското собрание

Тврдењата на ДУИ за средбата со делегацијата на Собранието на Република Албанија се целосно неточни и претставуваат намерно искривување на фактите, велат од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Се наведува дека за првпат во историјата на Собранието, претседателката на парламентот на Република Албанија беше пречекана со највисокиот државен протокол, што ја демонстрира посветеноста на претседателот на Гаши за градење силни и взаемно почитувани односи со Република Албанија.
„Средбата беше целосно транспарентна, отворена за јавноста и медиумите, при што претседателот на Собранието, Африм Гаши, го одржа својот говор на албански и македонски јазик, строго придржувајќи се до законот, Деловникот и Уставот. Секоја изјава што се разликува од ова претставува неосновано обвинување и навреда, не само за претседателот на Собранието, Гаши, туку и за самиот институционален интегритет на Собранието, како и обид за искривување на вистината. Ваквите тврдења ги поткопуваат вредностите и ја загрозубаат вистината и единството“, велат од неговиот кабинет.
Со оваа прилика, претседателот на Собранието, Гаши, упатува повик до опозициските политички партии да ја извршуваат својата опозициска улога со повеќе креативност и конструктивност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наместо куќен притвор, мерки на претпазливост за двајца поранешни инспектори на ДПИ, иста мерка и за лице од дискотеката

Основното јавно обвинителство Кочани, постапувајќи во предметот во врска со пожарот во кабаре клуб “Пулс”, до Основниот суд во Кочани достави предлог за замена на претходно определената мерка куќен притвор во мерки на претпазливост за двајца осомничени во својство поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат.
Замената на мерките, како што е појасенто во информацијата е побарана врз основа на проценка на законските основи за обезбедување и фазата на проверки во однос на оваа институција.
Освен ова, како што додаваат надлежните, за првпат по настанот побарани се мерки за претпазливост за уште едно лице од првата група осомничени, кое до сега беше на лекување.
Станува збор за лице од дискотеката, а мерките се предложени во согласност со неговата моментална здравствена состојба и потребата од натамошно лекување.
Македонија
Културата остана без плата – министерката на олигархијата чека насоки од „горе“, велат од партијата Левица

Над 3000 вработени во културата се оставени без мартовска плата во пресрет на Велигден. Додека Министерство за култура се однесува како Министерство без ресор и без министер, а Министерството на олигархијата чека насоки од „горе“, историјата на вработените веќе четврта година се повторува еднаш како комедија, еднаш како фарса, а во моментов како трагедија, велат од партијата Левица.
„Изживувањето кое се врши врз културните работници, особено по закажаните протести кои Синдикатот на култура ги замрзна заради дописот од Министерство за култура и изживувањето што се врши врз културата како целост, којашто е лик на една нација, всушност е показател на лицемерниот и ноншалантен однос на власта и нејзините загари кон репрезентот на еден народ и држава“.
Левица апелира до сите чинители и одговорни министерства да си ги исполнат законските обврски и да не оставаат повеќе од 3000 вработени во културата на празна празнична трпеза.
Македонија
Поради Велигден, утре посебен сообраќаен режим во Скопје

По повод верскиот празник „Воскресение Христово-Велигден” утре (19.04.2025), Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај на одредени сообраќајници во централното градско подрачје на град Скопје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
Имено, утре во периодот од 18.00 часот па до завршувањето на настанот по повод верскиот и државен празник „Воскресение Христово-Велигден”, во центарот на град Скопје по потреба, за сообраќај ќе бидат затворени:
– бул.„Партизански Одреди” од крстосница со ул.„Франклин Рузвелт” до крстосница со бул.„ВМРО”,
– бул.„Св.Климент Охридски” од крстосница со бул.„Илинден” до крстосница со ул.„Димитрие Чуповски”,
– ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ од крстосница со ул.„9-ти Мај” до кружна крстосница со ул.„Св. Кирил и Методиј”.
На автобусите кои што минуваат преку мостот „Гоце Делчев” по потреба ќе им се менува трасата на движење при што истите ќе се движат по бул.„Илинден” и преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”, додека автобусите кои што минуваат преку центарот на градот ќе се движат по ул.„М.Т.Гологанов” па преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”. И во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.
Во општина Ѓорче Петров по потреба за сообраќај ќе се затвори ул.„Македонска Војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“ на потегот од крстосница со бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“.
Во општина Аеродром по потреба за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон с. Лисиче.
По потреба за сообраќај ќе бидат затворени и други сообраќајници кои гравитираат околу верските објекти.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.