Македонија
Кабинетот на Џафери: Милошоски без безбедносен сертификат не смее да изнесува строго доверливи документи
Кабинетот на претседателот на Собранието преку соопштение реагира дека класифицирани документи, добиени од кој и да е орган, не можат да поседуваат лица без безбедносен сертификат, да бидат разгледувани на јавна седница и пред лица кои немаат таков сертификат.
„Претседателот на Комисијата за надворешна политика, Антонијо Милошоски, повеќе од 1 година нема безбедносен сертификат, иако од стручните служби во Собранието му било укажувано дека е истечена важноста на претходниот. Според ова, пратеникот и претседател на Комисијата, согласно со Законот за класифицирани информации, кој е без неопходниот безбедносен сертификат, не можел да бара, поседува и да изнесува јавни документи кои имале назнака ‘строго доверливо’“, нагласува Кабинетот на Џафери.
Оттаму додаваат дека Милошоски до Кабинетот на Иванов доставил барање за добивање материјали од лидерските средби одржани во јануари и во мај годинава, и на недозволив и заобиколен пат, лично, не преку архива, ги добил материјалите од Кабинетот на претседателот Иванов, нешто што не е според законот.
„Материјалот е отворен, и по неколку дена од други лица во Собранието е донесен во архива за да се процесуира. Со ова овој материјал станува сопственост на Собранието. Укажуваме дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, постапил согласно со член 52 од Деловникот за работа на Собранието, во кој е наведено дека пратеникот е должен да ја чува државната, службената, воената и деловната тајна. Како тајна се сметаат сите материјали што му се упатуваат на Собранието и на работните тела, а кои како такви се означени од предлагачот на материјалот. Начинот на ракување и чување на материјалите што се сметаат за тајна се уредува со посебен акт што го донесува претседателот на Собранието“, се додава во реакцијата од Кабинетот на претседателот на Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

