Македонија
Каевски: Долгови, партиски вработувања – тоа е резултатот на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ
Повеќе од една и пол година измина од мандатот на над 40 градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, а граѓаните од нив не видоа реализација на ниту еден важен проект. Но, затоа има задолжување на општините, партизација и поскапи комунални услуги за граѓаните. Ова го истакна портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.
Рече дека Штип, Велес, Прилеп, Охрид се само дел од општините предводени од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, кои драстично ги поскапеа услугите за граѓаните.
„Охрид и Прилеп се и едни од најзадолжените општини, кои должат шест, односно речиси два милиона евра. И додека Општина Прилеп должи пари, тамошното јавно комунално претпријатие ‘Комуналец’ распишува тендер за привремени вработувања вреден речиси 400.000 евра за да удоми партиски кадри. И сето тоа се случува откако граѓаните на Прилеп плаќаат во просек 20 отсто поскапа вода и 60 отсто поскапи комуналии. И не е само Општина Прилеп што расипнички се однесува кон парите на граѓаните.
За привремени вработувања, Општина Бутел троши над 280.000 евра, Општина Гази Баба над 220.000 евра, пет милиони денари троши Општина Аеродром за истата намена, а милиони денари за вработувања трошат и општините Кочани, Илинден, Велес… сите раководени од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Каевски.
Како што додаде, посебна приказна за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ е Град Скопје, кој има долг од три милиони евра, но има и блокирана сметка и се ближи кон целосен банкрот. Рече дека поради инаетот и каприците на Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, Градот изгуби грант од 70 милиони евра и дополнително плаќа годишни пенали.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

