Македонија
Казна за Рудникот САСА – ќе плати 65 илјади евра поради истекувањето јаловина
Откако при направениот увид и констатиран прекршок водостопанскиот инспектор на Државниот инспекторат за животна средина предложи постапка за посредување согласно законот, правниот субјект Рудник САСА и Државниот инспекторат за животна средина склучија спогодба за плаќање глоба со задолжување за спроведување на девет мерки, во посредство на Комисијата за спогодување на Министерството за животна средина и просторно планирање, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
За сторениот прекршок истекување на јаловишен материјал од Рудникот САСА во Каменичка Река, што се случи на 14 овој месец, согласно ова спогодба Рудникот САСА е задолжен да ги исчисти деловите од речното корито на река Каменица од јаловишен материјал и истиот да го однесе на депонијата за јаловиште со која располага рудникот, врз основа на претходно обезбедена согласност, дозвола од МЖСПП.
Треба да се изврши интервентно чистење на талогот на јаловината од бунарската зона на Каменица со цел да се спречи понатамошно загадување на подземните води со кои се снабдуваат бунарите за водоснабдување на дел од населението од општина Македонска Каменица, а потоа да се продолжи со чистење на речното корито на реката и да се исчисти зафатот од талогот на мала хидроелектрана која е под јаловиште бр. 4 со цел ставање во функција на зафатот на вода за производство на електрична енергија.
Исто така, требад да го стабилизира објектот јаловишна брана бр.4 и однесениот материјал јаловишен песок да го замени со соодветен материјал со исти или повисоки јакосни карактеристики. Санацијата на јаловишната брана да биде според техничко решение изработено од Рудник САСА на основа на документација обезбедена согласно закон.
„Треба да се отстрани геосинтетичката облога во делот на конктактите каде потпира хидројаловипшната брана бр.4 за да не дојде до недозволена контактна филтарација,да се предвидат дополнителни мерки за оперирање со хидројаловиштето, пред сè зголемување на должината на плажата од јаловишна кал со кое ќе се минимизира можноста од повторна контактна филтрација, да се предвиди времено решение доколку има испуштање на заматена вода низ преливен колектор поради сигурност на браната при што заматената вода да биде задржана во постоен резервоар и со пумпна станица да биде вратена во технолошкиот процес и да се постапи согласно член 198 од Законот за води т.е. според препораките од Годишниот извештај за анализа и стабилност на брани изработен со елаборат за анализа и стабилност на брана за 2019 г, кој треба да биде одобрен согласно член 195 од Законот за води“, се вели во соопштението.
Покрај тоа за правното лице Рудник САСА е изречена глоба во висина од 50 000 евра, а за одговорното лице глоба во висина од 15 000 евра во денарска противвредност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

