Македонија
Казнети над 30 лица што користеле флешери за да поминат на патарина без да платат

Полицијата во соработка со Државниот инспекторат за транспорт за два дена санкционирала 32 лица кои незаконски користеле флешери со цел да избегнат плаќање патарина.
Овие казни биле изречени на 31 јануари и 1 февруари.
Од МВР информираат дека и во текот на вчерашниот ден бил казнет 20-годишник, со иницијали Ш. С., кој со возило со тетовски регистарски таблички незаконски, со употреба на т.н. флешери и хорна, поминал без да плати патарина на наплатната станица кај Желино. Ш. С. во службениот разговор го признал делото, а флешерите се демонтирани.
Полицијата најави дека ваквите засилени контроли ќе продолжат и во наредните денови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Оваа учебна година направивме многу, обезбедивме учебници, ги зголемивме платите на наставниците и тие ќе продoлжат да растат: Јаневска за крајот на учебната година

На основците и средношколците што денес ја завршуваат учебната година им честитам на напорната работа и заслужениот успех. Пред вас е летниот распуст, добро одморете се, но не заборавајте дека има време и за игра и за читање книга, и за забава и за совладување нови вештини, за дружење и за користење на компјутерот за истражување, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска, за крајот на учебната година.
Упати честитки и до сите учители, наставници и професори.
„Секој училишен ден им помагавте на младите луѓе да стекнат нови знаења и да бидат поспособни за соочување со предизвиците. Го цениме вашиот труд, ги зголемивме вашите плати за над 12 отсто и тие ќе продолжат да растат, а континуирано ги подобруваме и условите во кои работите. Вие сте столбот врз кој го градиме квалитетниот воспитно-образовен систем и затоа сме Ви благодарни.
Сакам посебна честитка да упатам до родителите и старателите, кои се наши партнери во образованието, за поддршката и довербата заедно да придонесеме за напредокот на секое дете. Чесни, праведни и одговорни луѓе, со знаења и вредности, можеме да градиме само со заедничка посветеност“.
Најави дека Министерството за образование и наука ќе продолжи со подобрувањата на воспитно-образовниот систем.
„Работиме на нова Стратегија за образование, на создавање услови за обезбедување едносменско работење и продолжен престој за учениците во што поголем број училишта. Работиме на подобрување на инфраструктурни услови, ги надградуваме наставни програми и учебниците и го забрзуваме процесот на дигитализација. Оваа учебна година направивме многу – обезбедивме учебници за предметите за кои немаше, ги донесовме клучните закони и заедно со општините работевме на јакнење на училишните средини за да бидат мирни и безбедни за учениците, без сегрегација и дискриминација по ниеден основ. За учебната 2025/2026 сите заедно треба да направиме уште повеќе, за да можат нашите деца да добијат образование какво што заслужуваат“, истакна Јаневска.
Македонија
Власта системски го отстранува албанскиот јазик од јавната сфера, велат од ДУИ

Уставниот суд е во завршна фаза на подготовки за укинување на Законот за употреба на јазиците, истакнуваат од ДУИ.
Од оваа партија како што велат изразуваат загриженост кон последните трендови со кои Власта, преку серија институционални чекори, системски го отстранува албанскиот јазик од јавната сфера.
Паралелно, според ДУИ, Инспекторатот за примена на законот е фактички блокиран, одземена му е автономијата, инспекторите шест месеци не земаат плата, и немаат основни услови за работа, вклучително и пристап до службени возила.
„Самиот директор, поставен од Владата, јавно призна дека возилата се користат за негови лични цели, додека институцијата не функционира.
Скандалот е продлабочен од страна на Министерот за политички систем, кој вчера изјави дека ќе го смени директорот на Инспекторатот не поради неработење, туку за да му го покаже местото.
Оваа изјава е директна демонстрација на институционален притисок и понижување врз службената употреба на албанскиот јазик“.
Ги повикуваат сите албански општествени фактори, да се спротивстават на овие системски закани врз Албанскиот јазик.
„Сите албански општествени фактори, вклучувајќи ги и остатоците од ВЛЕН кои останаа дел од Владата, да преземат одговорност кон и јасно да се спротивстават на овие системски закани врз Албанскиот јазик.
Албанскиот јазик не е политичка привилегија , тој е уставна категорија и дел од темелите на Охридскиот договор“.
Македонија
Ниту повредените, ниту семејствата на починатите не се сами, Кочани е наш приоритет, велат од Владата

Трагедијата во Кочани во која животот во загубија 62 млади лица е од невидени размери, велат од Владата и додаваат дека нивна обврска покрај целосна истрага и расветлување на случајот, носење на сите инволвирани лица пред правдата, е и обезбедување соодветна здравствена заштита и медицинска помош на сите повредени и нивни семејства.
„До сега како Влада обезбедивме 30 милиони денари за транспортот и сместувањето на придружбата односно за членовите на семејствата на повредените пациенти.
Но, нашата грижа не завршува тука, бидејќи Кочани е наш приоритет и никој не смее да биде заборавен.
Дополнително отворивме телефонска линија која е во директна комуникација со претседателот на Владата. Повредените и нивните семејства можат да се јават на телефонскиот број 070/355-526 за да ги искажат своите барања, конкретни предлози и потреби кои ги имаат.
Понатаму, на владина седница ќе донесеме одлука со која одморалиштето Пониква кое располага со 27 соби и 56 легла се пренамени во центар за рехабилитација, во кој медицински кадар ќе може да работи како на психофизичката состојба така и на пружањето на медицинска нега за брзо закрепување на повредените граѓани“.
Ова, како што нагласуваат во официјалното соопштение е заедничка борба, и додаваат дека ниту повредените, ниту семејствата на починатите млади лица не се сами.
„Како Влада ќе направиме се што е во наша надлежност да помогнеме и да се обидеме да ја намалиме болката“.