Македонија
Казнети 188 возачи во Скопје, 39 за брзо возење
Полицијата вчера казни 188 возачи во Скопје, од кои 39 за брзо возење, соопшти Министерството за внатрешни работи.
„На територијата на Град Скопје изречени се вкупно 188 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 39 санкции, 31 прекршок што го чинат возачите на мотоцикли, 11 за возење без возачка дозвола. Изречени се 18 санкции за користење мобилен телефон, 14 за возење под дејство на алкохол, 48 санкции за непрописно паркирање“, велат од МВР.
Од таму најавија дека засилените акциски сообраќајни контроли продолжуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Цветковски: Продолжуваме по патот што води до развој на општина Лозово, продолжуваме со многу проекти
На денешниот настан одржан во општина Лозово, во рамки на вториот круг од локалните избори кои ќе се одржат на 2 ноември, се обрати кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бошко Цветковски кој истакна дека ќе продолжи да работи чесно и одговорно, со визија за иднината во општина Лозово за да младите останат, а возрасните живеат достоинствено.
„Ветувам дека нема да застанам, ќе продолжам со иста енергија, со иста решителност и со уште поголема љубов кон нашето Лозово. Јас реализирам и тоа е суштината на се што не разликува, затоа да бидеме искрени разликата помеѓу нас и нив е јасна како ден, тие зборуваат јас работам, тие ветуваат јас исполнувам, додека тие ја гледаат општина како плен, јас ја гледам како дом, дом за сите нас, додека тие мислат на лична корист, јас мислам на заедничка иднина“, рече Цветковски.
Кандидатот за градоначалник на општина Лозово посочи дека се што е ветено досега е реализирано во повеќе области, како во образованието, така и во инфраструктурата, притоа истакнувајќи дека ќе продолжи по истиот пат на развој за напредок на општина Лозово.
„Нашиот збор вреди и затоа што нашиот збор е даден пред народот, а не во темни договори, секое кажано нешто сме го претвориле во дело, кога рековме дека ќе има пат го направивме, дека ќе има улици ги реализиравме, кога ветивме дека ќе има бесплатен оброк за децата од нашето училиште, бесплатна градинка, екскурзии, стипендии, канализации, инфраструктура, тоа не остана на хартија, тоа стана реалност. Затоа кога велам нашиот збор вреди тоа не е празна реченица, тоа е потврда, доказ што го гледате секој ден. Продолжуваме кон патот што води до победа, развој и достоинствен живот на сите. На 2 ноември секој од вас треба да го направи својот избор, сите заедно да гласаме за бројот 9“, вели Цветковски.
Македонија
Три групи да внимаваат поради промената во зимско време, лекарите со совети за да се избегне нарушување на ритамот
Американската академија за медицина на спиење (ААСМ) со години се залага за прекин на поместувањето на часовникот, тврдејќи дека стандардното (зимско) време е поздраво.
„Дури и промена од еден час може да предизвика значителни проблеми со спиењето и здравјето“, често истакнува ААСМ, како што објави Асошиејтед Прес (AП).
За луѓето со кардиоваскуларни проблеми, ненадејното нарушување на ритамот може да биде дополнителен стрес. д-р Филис Зи, раководител на одделот за медицина на спиење на Медицинскиот факултет Фајнберг на Универзитетот Нортвестерн во Чикаго, објаснува:
„Нарушувањето на циркадијалниот ритам, дури и привремено, може да влијае на кардиоваскуларниот систем со зголемување на крвниот притисок и воспалителните маркери кај подложни лица.“
Совет: Особено е важно хроничните пациенти да продолжат да ја земаат терапијата во новото време, но да ја следат својата состојба и да се консултираат со лекар ако почувствуваат влошување.
Постарите лица честопати природно имаат промени во ритамот на спиење. Според Фондацијата за спиење, „Постарите возрасни лица може да доживеат поизразени ефекти на поместување на часовникот поради промени поврзани со возраста во архитектурата на спиењето.“ Ова може да доведе до поголема дневна поспаност и конфузија.
Совет: Се препорачува да се одржува редовен распоред колку што е можно повеќе, изложеност на утринска светлина и лесна физичка активност во текот на денот.
Најголемиот предизвик за родителите е што децата веројатно ќе се разбудат еден час порано во новото време. д-р Крег Канапари, директор на Центарот за педијатриски сон на Универзитетот Јеил, познат по своите совети до родителите, истакнува во своите публикации за Њујорк Тајмс: „За децата, особено помладите, дури и промена од еден час може да го наруши целиот распоред. Клучот е или постепена адаптација пред промената, или строго придржување кон новиот распоред по промената, со разбирање дека првите неколку дена ќе бидат тешки.“
Совет: Ако не сте го поместиле времето за спиење на вашето дете постепено, бидете трпеливи. Користете затемнување на собата наутро и обидете се да се држите до вашиот нов распоред за оброци и дремки.
Додека нашето тело се прилагодува на новото време во текот на следните неколку дена до една недела, сите можеме да се чувствуваме малку уморни или нефокусирани. Експертите генерално советуваат: поминете време на отворено наутро за да го „ресетирате“ внатрешниот часовник, јадете лесна вечера и избегнувајте ја сината светлина на екранот најмалку еден час пред спиење.
Ноќва почнува зимското сметање на времето. Стрелките на часовникот во 3 часот по полноќ ќе се поместат еден час наназад. Со тоа, времето во 03:00 часот ќе се смета како 02:00 часот.
Македонија
МЗ: Кај клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ниту се гради, ниту се планира да се градат станбени градби
Во врска со медиумските објави за наводна изградба на зграда на паркингот кај ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, Министерството за здравство ја информира јавноста дека во рамките на Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ ниту се гради, ниту се планира да се градат станбени градби.
Сите градежни интервенции што се изведуваат во оваа зона, велат од Министерството, се исклучиво поврзани со здравствената дејност и функционалната инфраструктура на јавните здравствени установи.
„Во делот на нашите надлежности, ја уверуваме јавноста дека работењето на Клиниката се одвива непречено и пристапот за пациентите е обезбеден“, велат оттука.
Се додава и дека Министерството за здравство нема надлежност да утврдува урбанистичко-планска документација, да издава одобренија за градење или да определува сопственичко-правен статус на парцели. Овие прашања се во надлежност на органите на локалната самоуправа, пред сè Општина Центар, како и на другите институции од областа на урбанизмот и катастарот.

