Македонија
Казнети 217 возачи во Скопје
Полицијата за еден ден казнила 217 возачи во Скопје.
Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден (6.12.) продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот.
Само на територијата на град Скопје изречени се вкупно 217 мерки, меѓу кои 23 за возење без возачка дозвола, 16 за нерегистрирани возила, 7 за технички неисправни возила за јавен превоз, 16 мерки за користење мобилен телефон при управување возило, 11 за некористење сигурносен појас.
Изречени се и 11 мерки за минување на црвено светло, 46 за непрописно паркирање, 14 возила се подигнати со „пајакот“, 14 санкции за неносење заштитна маска.
„Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот“, велат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Божиновска-Агелер: Силно партнерство со САД, разговори за енергетска иднина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
Средбата, како дел од континуираниот дијалог меѓу министерството и амбасадата, се фокусираше на зајакнување на соработката во областа на енергетиката, вклучително енергетската транзиција, подобрувањето на енергетската ефикасност и поддршката за обновливи извори на енергија.
Божиновска ја истакна важноста на поддршката од Соединетите Американски Држави во справувањето со енергетските предизвици. Таа потенцираше дека односите меѓу двете земји се градат на цврсти основи на партнерство и меѓусебна доверба.
Амбасадорката Агелер ја потврди заложбата на САД за понатамошно зајакнување на енергетската безбедност и стабилност во регионот, нагласувајќи ја подготвеноста за поддршка на иницијативи кои ќе придонесат за одржлив развој.
Средбата заврши со договор за продолжување на редовната комуникација, со цел реализација на поставените приоритети и дополнително унапредување на билатералната соработка.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на промоција на проекти кои ќе ја забрзаат енергетската транзиција и ќе обезбедат долгорочна стабилност за граѓаните и економијата, соопштија од таму.
Македонија
Магла на Ѓавато, Пресека, Страцин, Прилеп, Битола, Кочани и Струмичката котлина
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози.
Намалена видливост поради магла до 100 метри има на планинските превои Ѓавато и Пресека и во Страцин, Прилеп, Битола, Кочани и Струмичката котлина.
Од 15.11.2024 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Тошковски: Со нова донирана опрема, МВР ќе ја подобри истрагата на местото на настанот
Денеска во Министерството за внатрешни работи беше извршено примопредавање на опрема за поефикасна истрага на местото на настанот во кривични дела кои вклучуваат оружје. Опремата ќе се користи првенствено од Одделот за форензички испитувања и единиците за истрага на местото на настанот во Секторите за внатрешни работи низ целата држава.
Опремата е донирана во рамките на проектот „Зајакнување на капацитетите на системот за форензика и истрага на местото на настанот за подобрување на кривично-правната контрола на мало и лесно оружје“, кој го имплементира УНДП во рамките на Патоказот за контрола на мало и лесно оружје на Западен Балкан, чиј потписник е Македонија. Како донатор на проектот се јавува Мултилатералниот доверителен фонд на Обединетите нации за мало и лесно оружје на Западен Балкан, кој го сочинуваат Германија, Шведска, Холандија, Франција, Обединетото Кралство и Норвешка, со поддршка на Европската Унија.
Опремата, во вкупна вредност од над 200.000 американски долари, се состои од универзални и специјализирани несесери за истрага на местото на настанот, фото камери, како и компјутери и соодветна хардверска опрема што ќе се користи за обработка на местата на настанот, односно злосторството. Форензиката и истрагата на местото на злосторството играат клучна улога во системот на кривичната правда кога станува збор за случаи кои вклучуваат огнено оружје. Преку анализа на балистика, траги и отпечатоци од прсти, форензичарите и увидните екипи кои работат во овие единици обезбедуваат важни докази за да помогнат во решавањето на злосторствата како и во спречувањето на идното потенцијално насилство. Целта е ефикасно откривање на сторителите и нивно санкционирање, со цел подобрен кривично-правен одговор на злоупотребата на огнено оружје, според надлежните.
Дел од донираната опрема ќе се користи и за опремување на новите простории за симулација за истраги на местото на настанот, кои УНДП ги развива во Центарот за обука на МВР во Идризово.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека „Имплементацијата на овој проект е од огромно значење Министерството за внатрешни работи, со што ја потврдуваме нашата определба кон остварување на целите од Патоказот за контрола на мало и лесно оружје, а особено кон усвојување на законската рамка за контрола на оружјето која ќе биде целосно усогласена со регулаторната рамка на ЕУ и стандардизирана во регионот, значително редуцирање на нелегалниот проток на огнено оружје, муниција и експлозиви како во рамките за Западен Балкан, така и пошироко и секако преку зајакнување на свесноста и едукативни активности со цел поефикасна контрола на малото и лесно оружје и спречување на нелегалната трговија со оружје.“
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан се наврати на долгогодишната соработка со Министерството за внатрешни работи во борбата против поседувањето, злоупотребата и ширењето на мало и лесно оружје во државата. „Како резултат на нашите заеднички напори, обезбедивме специјализирана опрема за истрага, организиравме сертифицирани обуки за полициски службеници и развивме софтвер за собирање и анализа на податоците. Ова резултираше со значително подобрени истраги и превентивни мерки кои имаат за цел да ја зајакнат безбедноста на сите граѓани. Денеска бележиме нов чекор во успешната соработка со Одделот за форензички испитувања и единиците за истрага на местото на настанот низ државата. Но, не застануваме тука. УНДП моментално ја финализира адаптацијата и опремувањето на балистичката лабораторија, која ќе служи за испитување на огнено оружје и муниција во кривична постапка. Следуваат и обуки за родова сензибилизација, како и надградување на полицискиот Модул за евиденција на инциденти, документи и активности, претходно развиен од УНДП, со нови функционалности за евидентирање случаи на родово-базирано и семејно насилство“ изјави Григорјан.
Предвидените активности и донации се дел од проектот „Зајакнување на капацитетите на системот за форензика и истрага на местото на настанот за подобрување на кривично-правната контрола на мало и лесно оружје“ и ќе придонесат за надградување на балистичките капацитети и оперативните активности на Одделот за форензички испитувања при МВР и кон подобрување на аналитичките, техничките и истражните капацитети на единиците за Истрагите на местото на настанот низ Републиката.