Македонија
Камбовски смета дека на Јанакиески притворот од сите постапки да му се засмета во казната: Кога има двоумење, се толкува во корист на обвинетиот
Академик Владо Камбовски го анализира случајот на Миле Јанакиески, кој има правосилна казна од 3,5 години за случајот „Титаник“, а поминал 4,6 години во притвор за повеќе случаи. Правната дилема е дали Кривичен суд може да дозволи спојување на притворот од сите случаи, за да му се засмета во затворската казна. Камбовски посочува: „Согласно методот на телеолошко толкување, туку се потпира и врз базичниот принцип на казненото право во однос на толкувањето на законите: In dubio pro reo – секогаш кога постои двоумење треба да се одлучува, односно нивните одредби да се толкуваат во корист на обвинетиот“.
„Научното толкување на законите е важен и значаен прилог кон правилната примена на законите и во суштинска смисла влијае врз нивното толкување од страна на судовите, особено кога се работи за комплексни случаи“, додава академик Камбовски.
Тој посочува дека во случајот на Јанакиески треба да се направи системско и телеолошко толкување на Кривичниот законик, како и Законот за кривична постапка.
„Покрај куќниот притвор, поимот на лишување од слобода ги подразбира и полициските мерки на задржување на осомничениот во полициската истрага. Притворот, како и другите облици на лишување од слобода не се поврзани со кривичното дело или дела за кои е осомничен обвинетиот. Ако е тој осомничен/обвинет за повеќе кривични дела, му се одредува една мерка на притвор, заради обезбедување на негово присуство во постапката за сите дела. Значи, не постои диференцирање на притвор за едно дело, па потоа притвор за друго, трето… за кои се води една постапка или повеќе постапки“, посочува Камбовски.
Дециден е дека една е ситуацијата кога се води еден судски предмет за повеќе сторени дела, со еден судски совет – тогаш се изрекува казна, во која се засметува времето поминато во притвор.
Вторите се однесуваат на материјалниот аспект определен со одредбите од КЗ кои имаат рефлексии и врз постапката што се води против обвинетиот. Една е ситуацијата кога против обвинетиот се води кривична постапка со едно обвинение за повеќе дела, извршени во стек (еден судски предмет, еден судски совет). Во тој случај судот донесува една пресуда за сите дела сторени во стек и изречува единствена казна според правилата за одмерување на казната за дела во стек согласно чл.47 ст.1 од КЗ, според која ‘времето поминато во притвор, како и секое лишување од слобода во врска со кривично дело, се засметуваат во изречената казна затвор, малолетнички затвор и парична казна’. Во пресудата со која се изрекува казната, судот е должен во траењето на казната да го засмета и времетраењето на притворот, односно куќниот притвор, согласно чл. 404 ст.1 т.6 од Законот за кривичната постапка, според која ‘во пресудата во која обвинетиот се огласува за виновен судот ќе изрече: ……одлука за засметување на лишување од слобода, на притвор или на веќе издржаната казна…’“, додава Камбовски.
Ситуацијата кај Јанакиески е поинаква. Нему му се суди во раздвоени постапки, односно повеќе предмети. Посочува дека за овие случаи мора да важи правилото при донесување на осудителна пресуда, судот да го засмета притворот, незаивсно за кое кривично дело против него се покренати различните постапки
„Друга е ситуацијата кога на едно лице му се суди во повеќе раздвоени кривични постапки, оформени како различни судски предмети со подигање на повеќе обвиненија, пред различни совети и со донесување на пресуди во тие постапки. За тие случаи треба да важи правилото дека во секоја постапка при донесување на осудителна пресуда судот мора да одлучи за засметување на притворот што му бил одреден на обвинетиот, независно за кое кривично дело против него се покренати различните постапки (на пример одреден е притвор заради обезбедување негово присуство во истрагата за едно дело, но потоа истрагата е проширена и на други дела или се покренати истраги и за други дела). Во тој случај судот при донесувањето на осудителната пресуда мора да се држи за императивната норми од чл.47 ст.1 КЗ и чл.404 ст.1 т.6 од ЗКП за засметување на притворот, односно куќниот притвор, при изрекувањето казна затвор за посебното дело. Притоа, судот не смее да ја избегне таквата обврска поаѓајќи од сознанието дека против обвинетиот, кој е правосилно осуден, се водат други кривични постапки, кои не се завршени со правосилна судска пресуда. Во спротивен случај, судот го повредува принципот на пресумпцијата на невиност, според која никој не може да се смета за виновен сѐ додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда. Недозволено е во таа смисла и калкулирање со веќе изречени казни за други дела во првостепена постапка, затоа што тоа значи прејудицирање на конечната и правосилна судска пресуда за тие дела“, додава Камбовски.
Според академикот, со првата правосилна пресуда, изречена за кое било дело, судот мора да го засмета во изречената казна затвор дотогаш одредениот притвор, односно куќниот притвор и неговото времетраење.
„Тоа не исклучува во следна, втора, трета итн. правосилна пресуда да се изврши натамошно засметување на времетраењето на притворот, односно куќниот притвор, во делот кој не е засметан во претходно правосилно изречена казна затвор. Ова толкување на случајот Јанакиевски не само што одговара на духот и целта на одредбите од КЗ и ЗКП, согласно методот на телеолошко толкување, туку се потпира и врз базичниот принцип на казненото право во однос на толкувањето на законите: In dubio pro reo – секогаш кога постои двоумење треба да се одлучува, односно нивните одредби да се толкуваат во корист на обвинетиот“, додава академик Владо Камбовски.
Вакво барање од адвокатите на Јанакиески е упатено до Кривичниот суд кој треба да се произнесе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

