Македонија
Кампањата за локалните избори ДУИ ќе ја почне и ќе ја заврши во Гостивар
Демократската Унија за Интеграција (ДУИ), кампањата за претстојните локални избори ќе ја почне од Гостивар, истакна на денешната прес конференција, Крешник Бектеши.
„Кампањата за Локални избори 2021 година ќе почне во понеделник точно од Гостивар затоа што го слушнавме гласот на граѓаните на Гостивар кои бараат промена во општинската администрација и ослободување од кучињата скитници, казината, чадот од Русино, густиот сообраќај, недостатокот на паркинзи и од неспособноста на Таравари“, рече Бектеши и додаде дека во текот на кампањата во сите градови, општини, населени места ќе ги претставаат кандидатите за градоначалници и опшинските совети.
Тој посочи дека ДУИ ја завршува кампањата исто така во Гостивар.
Партијата повика на фер и демократска кампања.
ДУИ на локалните избори ќе настапи со 19 кандидати за градоначалници и 35 листи за советници. Петте завети на ДУИ за овој мандат се: зелена агенда, зигитална агенда, згенда за вклучување на граѓаните, згенда за отворени врати и агенда нулта толеранција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ССНМ: Дигиталниот напад врз „Слободен печат“ е напад врз слободата на медиумите
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници бара брза, итна и енергична акција на Основното јавно обвинителство и на Министерството за внатрешни работи при координираната и злонамерна активност насочена кон профилите на „Слободен печат“ на социјалната мрежа Инстаграм.
„Оваа очигледно организирана и нарачана активност, предизвикана од масовни пријавувања на содржините е со јасна цел, нарушување на работата на редакцијата и форма на притисок врз медиумот кој со ништо не ги нарушил правилата на платформата.
ССНМ смета дека овој вид на напади, а во случајот на Слободен печат, циклично и констатно се повторуваат, е директно загрозување на слободата на изразување, правото на информирање и безбедност на онлајн просторот, и бара итна институционална акција на надлежните органи, во прв ред на Основното јавно обвинителство и МВР. Тие мора да преземат се што е во нивна надлежност и на медиумите кои се глас на јавноста и совест на општеството да им овозможат непречена работа.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници се надева дека Слободен печат како еден од водечките медиуми во земјава нема да запре со одговорното и транспарентно работење и ќе продолжи со професионалното новинарство иако предизвиците се огромни, но подлегнување на обидите за замолчување преку новите начини на дигитален притисок ќе бидат исполнување на целта на лицата или интересните групи“, велат од ССНМ.
Фото: pexels
Македонија
Македонски Концепт бара резолуција за осуда на комунизмот и закон за забрана на неговите симболи
Централниот комитет на Македонски Концепт повика на донесување Резолуција за осуда на комунизмот и Закон за забрана на комунистичките симболи и тоталитарната идеологија, наведувајќи дека вакви чекори веќе презеле Полска и Чешка, кои со закон ја изедначиле комунистичката со нацистичката пропаганда.
Од партијата посочуваат дека тие земји претставуваат патоказ за целосна интеграција во Европската Унија и сметаат дека исто законско решение треба да донесе и Македонија. Како прв чекор се предлага усвојување резолуција во Собранието, а потоа и закон со кој, како што наведуваат, би се затворила правната празнина што овозможувала глорификација на тоталитарен режим.
Во соопштението се наведува дека со законското решение би се спречиле, како што велат, обидите за рехабилитација на комунистичкото минато и негова политичка злоупотреба. Македонски Концепт бара криминализација и забрана на јавната употреба на комунистички симболи, како и третирање на говори и собири кои поттикнуваат омраза или сузбивање на човековите права на ист начин како и нацистичката идеологија.
Дополнително, од партијата бараат забрана за финансирање движења и политички субјекти кои, според нив, промовираат тоталитарни идеи, како и официјално признавање на криминалите извршени од комунистичкиот режим во Македонија. Во текстот се споменува и барање за конфискација на економските и политичките привилегии стекнати во периодот на тој режим.
Од Македонски Концепт оценуваат дека тврдењата на левичарските структури оти ваквите иницијативи се напад врз демократијата претставуваат, како што наведуваат, избегнување на соочување со минатото, додавајќи дека демократијата се заштитува со јасно разграничување меѓу политички дијалог и глорификација на тоталитарни режими.
Македонија
Облачно со дожд и засилен јужен ветер, заладување кон крајот на неделата
Времето денес ќе биде облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а наместа засилен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 3 до 9 степени, додека максималните дневни ќе достигнат од 6 до 14 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со услови за повремен дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на нестабилна воздушна маса, до крајот на неделата времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, кои наместа ќе надминат 20 литри на метар квадратен. До среда ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец.
Во четврток и петок ветерот ќе го промени правецот во северен, што ќе услови пад на температурите.

