Македонија
Кампања за безбедно возење со трактор – годинава неколкумина загинати и 12 повредени во несреќи
„Безбедно возење со трактор“ е насловот на новата кампања која ќе ја реализира Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во наредниот период и истата има за цел едукација и подигање на свеста кај возачите на трактори и други мобилни машини за нивно одговорно учество во сообраќајот, во прв ред едукација за потребата за управување на технички исправно возило.
Голем број на граѓани во Република Северна Македонија се занимаваат со земјоделие и согласно тоа голем број на возачи учествуваат во сообраќајот со трактори, мотокултиватори и други мобилни машини. За жал, состојбата на терен покажува дека голем број од возачите на трактори управуваат технички неисправни возила, не се соодветно осветлени во ноќни услови, итн. па многу често се случува токму тоа да биде причина за предизвикување на сообраќајни незгоди со загинати и тешко повредени лица.
Согласно наведеното РСБСП со потсетување за најважните одредби од законот кои се однесуваат на оваа категорија на возила:
• Сопственикот на трактор и/или тракторска приколка, е должен на секои шест години од денот на првата регистрација да го регистрира возилото.
• Сопственикот на трактор при продолжување на важноста на сообраќајната дозвола е должен да приложи доказ за извршено осигурување и доказ за техничка исправност на возилото, односно потврда за извршен технички преглед на возилото.
• Редовен технички прегледи на трактор се прави на секои две години по првата регистрација.
• На јавните патишта се ограничува брзината на движење на 30 km/h за трактори и 25 km/h за трактори што влечат приклучно возило со кое се превезуваат лица.
• Трактор и тракторска приколка во сообраќајот на пат, задолжително треба да бидат технички исправни и да имаат исправни уреди. (сопирачки, светла и др.)
• На трактор може да се превезува лице само ако има посебно фабрички вградено седиште.
• На приклучно возило што го влече трактор може да се превезуваат до пет лица кои работат на товарење или истовар на товарот или кои вршат земјоделски работи.
• Ако трактор влече две приклучни возила во нив не смеат да се превезуваат лица.
• Со приклучно возило што го влече трактор, може да се превезуваат и повеќе од пет лица, ако тие вршат земјоделски работи и тоа само од местото на живеење до местото на работење и обратно и од едно до друго место на работење.
• На трактор што влече приклучно возило во кое се врши превоз на лица, може да управува само возач кој има најмалку три години возачка дозвола која дава право за управување со трактор.
• По автопат, експресен пат и на пат резервиран за сообраќај на моторни возила, не смеат да се движат трактори.
• Со трактор може да управува лице кое поседува возачка дозвола од „Ф“ категорија или лице кое поседува возачка дозвола од категориите „Б“, „БЕ“, „Ц1“, „Ц1Е“, „Ц“, „ЦЕ“, „Д1“, „Д1Е“, „Д“ или „ДЕ“.
Секоја година по неколку возачи на трактор и патници на трактор или приколка го губат животот во сообраќајни незгоди. Во првите 6 месеци, во 2020 година, еден возач на трактор го загубил животот во сообраќајна незгода, а 12 се повредени. Во летните месеци, според неофицијалните податоци на РСБСП, најмалку уште двајца возачи на трактор го загубиле животот во сообраќајни незгоди
Затоа, РСБСП апелира до возачите на трактори, молтокултиватори и други мобилни машини, и покрај сите проблеми со кои се соочуваат, во прв ред да мислат на безбедност, на нивниот живот, на здравјето,да возат технички исправни возила, со исправни сопирачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Донесени пресуди за случајот „Премин“, обвинителството најави жалба
Денеска, во Основниот кривичен суд Скопје, беше објавена неправосилна пресуда во предметот со кодно име „Премин“, застапуван од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството за гонење на организиран и корупција. Во предметот беа опфатени повеќе царински службеници од Царинските испостави Ново Село и Дојран. Со пресудата, дванаесет обвинети лица се огласени за виновни за сторени кривични дела Примање поткуп и Злоупотреба на службената положба и овластување.
Четворица обвинети се осудени на ефективни казни затвор во траење од една година и шест месеци до три години, додека на останатите осум лица им се изречени условни осуди.
Четворица обвинети на почетокот на главната расправа го признаа делото и тогаш судот ги осуди на ефективни казни затвор во траење од 2 години до 2 години и 8 месеци.
Воедно, на 14 лица во предметот осудени за кривичното дело Примање поткуп судот им изрече и казна забрана за вршење на должност на службено лице, во времетраење од две до осум години, индивидуално определена за секој од нив.
Предлогот на обвинителството за одземање и конфискување на имотната корист прибавена со кривично дело беше делумно прифатен од страна на судот и паричните средства се вратени на еден од обвинетите.
Останатите привремено одземени парични средства пронајдени при извршените претреси се одземени и тоа 18.230 евра, 263.210,00 денари, 4860 швајцарски франци, 443 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Обвинителството незадоволно од висината на казните и од висината на одземените парични средства најавува дека ќе го искористи правото на изјавување на правен лек по писмено добивање на пресудата.
Истражната постапка за овој случај беше отворена во октомври 2024 година кога беше спроведена полициска акција под кодно име „Премин“ поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат.
Македонија
Поранешен градоначалник на Росоман исплатил личен долг од 500.000 денари од општинскиот буџет
Полицијата поднесе кривична пријава против С.Н.(29) од Росоман поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите на МВР, во периодот од август 2024 година до септември 2025 година, С.Н. во својство на градоначалник на општина Росоман, во два наврати ги пречекорил границите на службеното овластување и од Буџетот на општина Росоман противправно биле прибавени парични средства во вкупен износ од околу 500.000 денари, кои биле присилно наплатени од извршител за личен долг на С.Н..
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.

