Македонија
Камчев повторно однесен на Клиниката за кардиологија, се пожалил на гушење и силна главоболка
Јордан Камчев денеска пред своите адвокати повторно се пожалил на влошена здравствена состојба.
Неговиот правен тим соопшти дека синоќа Камчев во затворот имал гушење, голема главоболка и се чувствувал многу лошо, но во КПУ затворот во Скопје во моментот немало дежурен лекар за да го прегледа и интервенира. Поради сериозноста на состојбата викната била брза помош, констатиран бил зголемен крвен притисок и на Камчев му била дадена соодветна, моментална терапија.
Сепак, утрово Камчев повторно бил во лоша здравствена состојба и со возило на брзата помош бил пренесен на Клиниката за кардиологија во Скопје. По реакција на лекарскиот тим и по стабилизирање на состојбата на Камчев тој е вратен во затворот каде што ја издржува мерката притвор.
„Неколкупати како одбрана реагираме на сериозно влошената здравствена состојба на г. Јордан Камчев, којашто очигледно продолжува да се влошува поради непостоење на соодветни медицински и санитарни услови за третирање на неговата здравствена проблематика. Со фамилијарен историјат на кардиоваскуларни болести, г. Камчев од својата 15. година прима соодветна терапија за оваа здравствена состојба, а пред само десетина дена поради влошување на состојбата тој пет дена беше хоспитализиран на Клиниката за кардиологија во Скопје“, велат неговите адвокати.
Тие нагласуваат дека сериозноста на здравствената состојба и ризикот кој постои по неговото здравје поради неможноста истата да биде соодветно третирана во затворот е докажана и од четири различни, релевантни медицински институции и со сета останата документација е уредно доставена до Судот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

