Македонија
Кандидатот за претседател Билјана Ванковска и делегација на Левица положија свежо цвеќе во спомен на жртвите од бомбардирањето на Штип во 1941 година
Во очи на 6 април, денот кога е бомбардиран градот Штип во Втората светска војна, кандидатот за претседател Билјана Ванковска и делегација на Левица предводена од Борислав Крмов и Александар Симонов, вчера положија свежо цвеќе пред спомен-релјефот на Народниот театар.
Спомен рељефот кој е дело на академскиот уметник Александар Смилков е направен по повод бомбардирањето на Штип кое почнало уште утрото на 6 април 1941 година. Прво била бомбардирана тогашната Соколана, каде што сега е и Народниот театар-Штип, во која биле сместени две единици на тогашната Брегалничка дивизија на војската на Кралска Југославија. Од првиот напад загинале околу 150 војници и офицери, а многумина биле ранети. Веќе во вториот налет, половина час подоцна авионите ги бомбардирале тврдината „Исар”, околните маала и штипската Болница. Загинале 54 граѓани, 22 биле ранети, а десетмина се воделе за исчезнати.
Вчера, Билјана Ванковска оствари и средби со граѓани во Свети Николе. На средбата со граѓаните присуствуваа Борислав Крмов, членот на Президиум на Левица и советник во Општина Свети Николе Александар Симонов, како и од членовите на локалниот огранок. На граѓаните им беше поделена и програмата за кандидат за претседател на Билјана Ванковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Жан Митрев Клиника со признание за медицински туризам на Меѓународниот саем во Нови Сад
Клиничката болница Жан Митрев е добитник на признанието за „придонес кон иновации и професионален пристап на клиниката како водечка дестинација за медицински туризам“ на годинешниот 56 -ти Меѓународен саем за туризам во Нови Сад, што се одржа од 26 до 29 ноември.
Ова признание претставува силна потврда дека Жан Митрев Клиника се позиционира и е препознаена како реномирана дестинација за медицински туризам, со високи стандарди и иновативен пристап во државата, регионот, но и во светот.

Во последниве 25 години, во Клиниката Жан Митрев остварени се 1,1 милиони посети од повеќе од 400 000 пациенти од Македонија, Косово, Албанија, Хрватска, Швајцарија, Англија, Либија и многу други држави, а извршени се повеќе од 45 000 оперативни зафати. Ова е доволен показател за највисоките стандарди што ги применува Жан Митрев Клиника од аспект на квалитетот на здравствените услуги и грижата за безбедноста на пациентите, за што впрочем говори и последното признание за медицински туризам на саемот за туризам во Нови Сад.
На меѓународниот настан учествуваа околу 250 изложувачи од 10 држави, а Македонија беше држава партнер. Македонското Министерство за култура и туризам предводено од министерот Зоран Љутков ја претстави својата туристичка понуда пред бројните посетители
Учеството на Саемот претставува значајна можност за меѓусекторско поврзување на приватниот и јавниот сектор, преку граѓански организации кои придонесуваат за развој, како и туристички агенции, угостители и хотелиери.

Жан Митрев Клиника изразува благодарност за признанието, кое претставува потврда дека континуираната посветеност, врвната експертиза и довербата што ја ужива меѓу пациентите од Балканот и пошироко, ја прават вистински амбасадор на македонското здравство на меѓународната сцена.
ПР
Македонија
Сиљановска-Давкова: Системските недостатоци во имплементацијата на Истанбулската конвенција, бараат системски пристап во нивото отстранување
Покрај формалната, нужна е реална заштита на жените од насилство, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на јавната расправа за имплементацијата на Истанбулската конвенција, што ја одржа собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.
Според неа, Извештајот на Државниот завод за ревизија дава прецизна дијагноза на реалните состојби и открива системски недостатоци во имплементацијата на Истанбулската конвенција.
Нејзини клучни препораки се: итно донесување на Националната стратегија 2026 – 2033; проширување на мрежата на засолништа; обезбедување долгорочна финансиска поддршка на жртвите; воведување стандарди во давањето на услугите од страна на социјалните центри; вработување на соодветен, стручен кадар и негова континуирана обука како и побрзо лиценцирање на СОС линиите. Според неа, програми за психосоцијален третман, треба да се спроведуваат не само со жртвите, туку и со сторителите.

Таа смета дека програмите за психосоцијален третман се потребни не само за жртвите, туку и за сторителите.
Претседателката укажа на потребата од јасни критериуми при распределбата на финансиите, врз основа на претходна анализа на трошоците.
Мора да се заостри казнената политика во однос на семејното насилство и фемицидот, истакна таа.
Сиљановска-Давкова предупреди дека жените остануваат незаштитени во критички момент како резултат на дисфункционалноста и некоординираноста на институциите. Заради тоа, фемицид расте, институционалната недоверба се продлабочува и се нарушува нашиот кредибилитет во исполнувањето на меѓународните обврски.

Укажувајќи на поразителната статистика на МВР за бројот на жртвите, учесниците во јавната расправа се заложија за системски промени насочени кон превенција на семејното насилство, како и соодветен одговор на кривичните дела врзани за насилството.
На седницата се обратија претседателката на Комисијата, Жаклина Пешевска, потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и помошничката на главниот државен ревизор, Катерина Чалоска Алексовска.
Во дискусијата учествуваа претставници од државните институции на национално и локално ниво, на граѓанскиот сектор и меѓународните организации.
Македонија
Освен во „Димо Хаџи Димов“, во друго училиште во Карпош не се најдени патогени бактерии
На 27.11.2025 АХВ заедно си службени лица од ИЈЗ направи вонредна контрола во 9 основни училишта во рамките на општина Карпош.
Од секое училиште беа земени мостри од храна како и брисеви од работни површини од кујните во училиштата.
По направените анализи во испитуваните примероци не се докажани патогени бактерии.
Освен во едно од училиштата каде на 2 површини е докажано присуство на ентеробактерии, што е индикатор на недоволна хигиена.
ИЈЗ ќе предложи иницијатива што ќе значи дополнителни промени во Националната годишна програма за јавно здравје, одредени правилници, законски и подзаконски акти, кои се во насока на подобра хигиена во училиштата, градинките, како и побезбедна храна, вода во истите што ќе значи унапредување на теми поврзани со јавното здравје.

