Македонија
Каракачанов: Македонските колеги сфатија дека Бугарија не се шегува
Нема никакви разлики во политиката кон Република Северна Македонија. Нема никакви разлики помеѓу премиерот Бојко Борисов, министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева, и мене, изјави утрово вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, по вчерашните средби со македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев, која престојуваше во Софија.
„Вчера, имавме корисни разговори, кои почнаа во 10 часот и завршија малку пред пет часот. Македонските колеги сфатија дека Бугарија не се шегува. Тие разбраа дека нема кој да нè притиска за да го смениме нашиот став“, рече Каракачанов и објасни:
„Она што е ново од вчера е што колегите од Скопје разбраа многу јасно дека сакаме јасни гаранции за спроведување на договорот за пријателство од 2017 година и дека нема да го заобиколат. Дали ова ќе биде нов договор, анекс или протокол – не е важно. Не брзаме, има уште неколку дена до донесувањето на конечната одлука“.
Каракачанов вели дека Бугарија ќе продолжи да ја поддржува Македонија.
„Јасно изјавуваме дека единствената нормална перспектива за РСМ е европска интеграција. Разговорот беше корисен, но задоцнет“, рече Каракачанов за „Нова ТВ“.
Според него, Македонија и политичката елита во Скопје изгубиле 30 години.
„Нема кој да изврши притисок врз нас. Нема да дозволиме фалсификување на бугарската историја. Бугарија е суверена и достоинствена земја“, повтори вицепремиерот неколкупати, пренесува „Бгнес“.
Каракачанов вчера по средбата изјави дека Бугарија не може да прави никаков компромис за прашањата поврзани со бугарската историја.
„Им објаснивме на нашите колеги од РС Македонија дека не можеме да направиме никаков компромис за прашањата поврзани со бугарската историја, со идентитетот на бугарските херои и со идентитетот на целиот нејзин народ, кој е дел од општата историја. Од тука натаму сè е во рацете на колегите во Скопје. Макар и неколку дена до крајот на процесот, до петок, бргу да коригираат сè што пропуштиле во моментот. И да видиме дали тоа е доволно да почнат преговорите“, рече бугарскиот вицепремиер.
Според него, од октомври лани се промениле две работи, а тоа е дека Македонија разбрала оти Бугарија не води некаква политика на инает, туку води принципиелна политика, и дека Бугарија е суверена држава, која има свое достоинство, своја суверена и независна политика и не ѝ влијаат ставовите на една или друга европска или светска престолнина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од село Долно Соње, од продавнивницата кон село Чифлик, општина Сопиште.
Македонија
Поради снег забранет сообраќај за камиони на патниот правец Струга – Граничен премин Ќафасан
Од 05.15 часот поради врнежи од снег се воведува забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Струга – Граничен премин Ќафасан, извести АМСМ.
Поради протест на грчките земјоделци, од денес (08.01.2026) со почеток во 10:00 часот на ГП Ники (ГП Меџитлија) ќе има забрана за движење на товарни возила во наредните 48 часа заклучно со 10.01.2026 во 10:00 часот. Сообраќајот за патнички моторни возила ќе се одвива со нормален тек.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по влажни коловози.
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Куманово, Страцин, Крушево, Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Продор на постуден воздух, температурите ќе бидат во опаѓање
Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места. На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 0 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 5 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурата ќе биде во опаѓање.

