Македонија
Каракачанов предлага Македонија и Бугарија да бараат во Грција да се подигне споменик на Гоце Делчев

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, повика Бугарија и Северна Македонија да го покренат прашањето за подигнување споменик на местото на загинувањето на Гоце Делчев, близу селото Баница, денешна Грција.
„Време е заедно, како братски држави, пред нашиот партнер Грција да го покренеме прашањето за поставување спомен-обележје на Гоце Делчев и таму заедно да го одбележуваме сеќавањето на него“, напиша Каракачанов на „Фејбук“.
Тој додаде дека можеби во урнатините на селото Баница, каде сè уште е духот на Гоце Делчев, ќе дојде до помирување и просветлување на неговиот лик и дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски и Кондратович: Одлична соработка на полето на безбедноста, потпишан протокол за реадмисија

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, оствари работна средба со делегација на Министерството за внатрешни работи на Литванија, предводена од министерот Владислав Кондратович.
На средбата фокусот беше ставен на унапредувањето на меѓусебната соработка и продлабочување на пријателските врски меѓу двете министерства и полиции во борбата против организираниот криминал, ситуацијата со илегалната миграција и соработката помеѓу центрите за обука на полициските службеници.
Централен момент на средбата беше потпишувањето на Протоколот меѓу двете влади за спроведување на Спогодбата за преземање на лица кои престојуваат без дозвола кои двајцата министри го потпишаа на средбата.
„Првата и основна причина поради којашто мојот колега е во Македонија е потпишувањето на протоколот за реадмисија којшто по повеќе години е усогласен како текст и денес официјално го потпишавме. Втора точка на којашто разговаравме а ќе биде круцијална за понатамошниот развој за нашата соработка е потпишување на договор за полициска соработка којшто би се фокусирал на борбата против криминалот, организираниот криминал, корупцијата, илегалната миграција. Третата тема на којашто разговаравме е соработка на центрите за обука во Македонија и Литванија во однос на професионализација на нашите полициски службеници, размена на знаења и искуства.“, образложи министерот Тошковски.
Тошковски потенцираше дека преку министерот Кондратович, Литванија ја изразува својата поддршка во процесот на евроинтеграции, со тоа што се вложи со целиот негов тим да бидат на располагање на македонските полициски службеници и МВР во однос на исполнување на сите услови и критериуми зададени од Европската унија.
„Ми претставува чест што сум во Скопје и ќе можеме да ја продолжиме нашата соработка. Оваа година се одбележуваат 30 години од воспоставување на дипломатските односи помеѓу двете земји. Двете земји имаат одлична билатерална и мултилатерална соработка, ги делат европските вредности. Денес зборувавме како да ја унапредиме соработката во областа на внатрешните работи, борбата со криминалот, менаџирањето на границите и миграциите. Со потпишување на Договорот за реадмисија ја засилуваме уште повеќе нашата соработка на темата на безбедноста’, потенцираше литванскиот министер Кондратович.
Кондратович истакна дека Литванија целосно ја поддржува Македонија на интегративниот пат кон Европската Унија и ја изрази спремноста за помош на европскиот пат кој на крај носи огромни бенефити за граѓаните и функционирањето на институциите и изрази надеж дека заслуженото место на Македонија во ЕУ ќе дојде што поскоро.
Македонија
Полицијата со превентивни кампањи во Охрид, во пресрет на главната туристичка сезона

„И јас и ти сме пешаци“, ,, Носи кацига“, „ Користи пешачки“, „Одговорно паркирај“, „Спречи кражби“, се новите превентивно-едукативни кампањи што, СВР Охрид отпочна да ги реализира, во пресрет на главната туристичка сезона.
Целта, според надлежните, е подигнување на безбедносната култура кај граѓаните, јакнење на свеста и совеста за поголема внимателност во заштита на личниот имот и сопственост нај граѓаните, одговорно однесување во сообраќајот и подигнување на сообраќајната безбедност.
Полициски службеници од отсекот за превенција, на повеќе локации во градот, остваруваат кратки средби со граѓани и туристите кои престојуваат во Охрид, ги посетуваат плажите и туристичките комплекси на подрачјето и, низ кратки разговори, ги потсетуваат на потребата од поголема грижа за паричниците и другите лични и вредни предмети што ги имаат, да не ги оставаат необезбедени со што стануваат лесно достапни до сторителите и се предмет на кражби и џепни кражби.
Притоа, прецизно им се укажува на можните форми и начини на вршење на овие казнени дела, како и за неопходните основни мерки за заштита од сторителите на имотните и други деликти. Низ кратките контакти на пофрекфентните сообраќајници, се потсетуваат возачите на моторни и други возила, крајно внимателно да ги управуваат, да ги почитуваат сообраќајните знаци и другата вертикална и хоризонтална сигнализација, возилата да ги паркираат исклучиво на означени паркинг места и простори а не на коловози, тротоари и вело патеки. Се советуваат пешаците, велосипедистите и моторциклистите како учесници во сообраќајот, да бидат совесни и одговорни, пешаците да ги користат обележаните пешачки премини за премин на коловозите, велосипедистите да ги користат обележаните велосипедски патеки и воедно, со моторциклистите да користат заштитни кациги и друга неопходна опрема. Секое спротивно однесување како и зборување на мобилен телефон при управувањето со возилата, ќе биде санкционирано согласно одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.
На граѓаните и туристите, им се делат едукативни флаери со низа практични совети, со цел поефикасна заштита на нивните вредни предмети и друга лична сопственост, како и зголемување на нивната безбедносна култура. Оваа проектна активност е во рамките на концептот „Полициско работење во заедницата“, кое подразбира градење посилен партнерски однос помеѓу полицијата и граѓаните во спречување, намалување, откривање и решавање на безбедносните проблеми и предизвици, соопшти полицијата.
Македонија
Температури и над 40 степени: во наредните денови период на сончево и топло време

Времето денес сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне од 31 до 38 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер, со температура до 38 степени.
Од УХМР со најава дека во наредните денови ќе следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток до средината на наредната седмица кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надмине 40°C.
В недела во попладневните и во вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.