Македонија
Карпош и годинава ќе доделува субвенции за велосипеди, електрични тротинети, фасади и лифтови
Од понеделник, 3 февруари, ќе почне субвенционирањето за нови велосипеди и електрични тротинети за граѓаните на општина Карпош.
Карпошани ќе може да аплицираат за добивање субвенции, и тоа со 30 отсто од вредноста, но максимум до 3.000 денари, а електричните тротинети ќе бидат субвенционирани исто така со 30 отсто од вредноста, но максимум до 5.000 денари од вредноста. За оваа акција предвидени се вкупно 500.000 денари од буџетот на локалната самоуправа, со вклучен данок во субвенцијата. Овие мерки се во насока на намалување на аерозагадувањето, а акцијата ќе се спроведе по принципот прв дојден – прв услужен.
Исто така, со одлука на Советот се предвидува и субвенционирање на проектот за енергетски ефикасни домови на станбени згради за колективно домување во општина Карпош.
Субвенцијата што ќе ја дава Општината за објект ќе изнесува 30 отсто, но не повеќе од 600.000 денари од вкупната инвестиција. Вкупниот износ на финансиската поддршка на овој проект изнесува 3.000.000 денари. Преку овој проект, освен промена на фасадата со енергетски нова, е предвидено и промена или поставување енергетски ефикасен покрив. Пртиоа, Општината субвенционира 30 отсто, но не повеќе од 150.000 денари од поправката и санацијата на оштетена покривна конструкција и покривен покривач.
Условите што станарите треба да ги исполнуваат за да аплицираат за енергетско ефикасни фасади се: станбените згради за колективно домување да бидат постари од 25 години, заедницата на сопственици да има донесено одлука дека сопствениците на посебните делови се согласни да учествуваат со сопствени средства за дел од вкупниот износ за да се изработи енергетски ефикасна фасада, заедницата на сопственици да има донесено одлука за избор на најповолна понуда за изведувач за да се изработи енергетски ефикасна фасада, како и да има донесено одлука за избор на најповолна понуда за надзор на изведбата за да се изработи енергетски ефикасна фасада.
Советот на Карпош даде зелено светло и на предлогот на локалната самоуправа да се субвенционираат и поправка и санација на лифтовите во зградите во Карпош, и тоа со 30 отсто учество, но не повеќе од 200.000 денари од вкупниот износ на вредноста на поправката или санацијата на постојниот лифт. За оваа намена, предвидени се еден милион денари, колку што ќе се издвои од буџетот и за покривните констукции.
Советниците дадоа согласност и за аплицирање по проектот за добивање финансиски средства за замена на стари куќни водомери со нови ултразвучни водомери и нивна интеграција во системот за далечинско отчитување на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Притоа, намерата е со оваа активност да бидат зафатени домовите на сите граѓани во Влае 1 и делумно во Влае 2.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Немам никаква поврзност со било која фирма за марихуана
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска во одговор на новинарско прашање рече дека нема никаква поврзност со било која фирма за марихуана и ја прозва Владата наместо дефокус да одговори со кои луѓе од власта е поврзана фирмата „Алфафарм“, наведена во документ на српското Обвинителство.
„Со кој е таа фирма, која е наведена во документ на српското обвинителство, поврзана? Дали е поврзана со некои луѓе од сегашната власт?“, праша Филипче.
Претседателот на СДСМ додаде дека власта прави дефокус од најголемиот нарко-скандал во регионот за да одбегне одговрност за тоа како 5 тони дрога ја поминале македонската граница.
„Коментирав неколку пати и ќе го повторам ставот – тоа е апсолутно само една форма на дефокус. Јас немам никаква поврзаност со било која фирма за марихуана во државата. Повторно е тоа обид да се избегне одговорот на вистинското прашање – како пет тони марихуана, 4–5 шлепери, поминале преку граница и завршиле во Србија. Како поминала на полициска контрола? Како поминала на царинска контрола на граница? Тоа се прашањата. Сè друго е голем дефокус“, истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ потенцираше дека во изминатиот период и тој лично и партијата се изложени на лажна кампања и серија фабрикувани обвинувања.
„ВМРО-ДПМНЕ контролира една голема мрежа на медиуми тие се во целосна координација не само сега изминатите повеќе од 10 години со медиумската мрежа којашто ја контролирана од луѓе на унгарскиот премиер Орбан. Еве како излезе прво Жан Митрев, некое смешно обвинување како јас сум влијаел на судски процеси да можам болницата, па Дубаи, па Харис Џиновиќ, па авиони, ме поистоветија со убиец на деца, па дека сум се дрогирал што уште нема да измислат. Модуларната болница ја спомнуваат во Тетово. Дали мислат на оние луѓе семејства коишто ги изгубија таму членовите на семејствата? Дали на тие луѓе помислуваат. Не ме чуди овој систем на медиумска хајка којшто го водат, поради тоа што овој систем на медиумска хајка и лажни вести, лажна кампања, е воден од луѓе кои додека седат во собранието им се потсмеваат на родителите на децата што загинаа во Кочани“, рече Филипче.
Македонија
Пробиен последниот тунел од пругата кон Бугарија
Директорот на Јавното претпријатие Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски на својот фејсбук профил објави дека е пробиен и последниот тунел од вкупно 15-те, во делот на изградбата на пругата Бељаковце- Крива Паланка.
„Бележиме прогрес. Изутринава го пробивме и последниот тунел од вкупно 15те од вториот дел од градбата на пругата кон Бугарија ( Бељаковце – Крива Паланка).
Пробивањето на тунелите се смета за една и од поспецифичните градежни активности. А на овој проект оваа позиција е веќе завршена. И натаму моменталниот прогрес од страна на изведувачот не е според очекувањата но можам да соопштам дека најспецифичните сегменти од проектот полека се надминуваат и очекувам месеци на посериозна оперативна активност и видлив прогрес. Коридорот 8 е од стратешко значење за Македонија и за НАТО и како таков сериозно се работи на неговата изградба и поврзување на Јадранско Море со Црно Море”, објави Ивановски.
Македонија
Свлечишта и поплавени домови и улици во Тетово и Гостивар
Како последица од обилните врнежи од дожд во северозападниот регион, подрачјата што ги покриваат Регионалните центри за управување со кризи Тетово и Гостивар бележат поголем број интервенции поради поплави и свлечишта, информира Центарот за управување со кризи, според последните информации од терен до 13 и 30 часот.
Во Тетово пријавен е паднат потпорен ѕид врз семејна куќа на улица 146. На терен се излезени Кризниот штаб на Општина Тетово, полициска екипа од ПС Тетово и општинските инспекциски служби.
Евидентирано е свлечиште на патот кон Попова Шапка, на околу 150 метри од жичарата. Одронот претставува ризик за околните станбени објекти.
Големо свлечиште е регистрирано на улица 195, на патниот правец од с. Џепчиште кон с. Џермо. Патот е непрооден за цело маало.
Свлечиште е пријавено и на улица „Прохор Пчински“.
Во село Вејце пријавено е свлечиште над куќа со веќе постоечки оштетувања од земјотресот.
Во Општина Желино, реката Вардар се излеа во село Стримница, при што се поплавени пет куќи. Поради конфигурацијата на теренот, пристапот за интервенција е отежнат.
Во Општина Теарце пријавени се поплавени подрумски простории во село Теарце. Известени се надлежните институции.
Во Општина Јегуновце поплавен е локалниот пат од село Сиричино кон село Јегуновце. Општината испрати механизација и се очекува нормализирање на сообраќајот.
Во Гостивар состојбата се стабилизира по престанокот на врнежите. Реките во селата Лакавица, Беловиште, Мало Турчане и Балиндол се повлечени во своите корита.
Во село Форино, по излевањето на реката Вардар, водата е повлечена од улиците. Поплавени се околу 200 куќи. Во тек е испумпување на водата со ангажирање на служби и локално население.
Кумановски регион
На подрачјето на Куманово, како и во Општина Липково и Општина Старо Нагоричане, во моментов нема опасност од излевање на реките – водостојот е намален и водата е повлечена во коритата.
Од вчерашните врнежи:
Во село Опае (Општина Липково) поплавено е земјоделско земјиште по излевање на Слупчанска Река.
Дел од земјоделските површини се поплавени и во село Оризаре.
Во село Доброшане, кај мостот кон село Шупли Камен, имало насобран отпад и локално излевање на обработливо земјиште. Во моментов нема опасност.
Во населба Бедиње е однесен дрвен мост од надојдената река. Известени се надлежните служби.
Кичевски регион
Во Кичево врнежите престанаа и нивото на реките е намалено. Состојбата во градската болница е нормализирана.
Евакуирани се 250 лица (62 семејства), на кои им се доставува храна, вода и неопходни средства.
Екипите на ЈП „Комуналец“ и ТППЕ вршат испумпување на водата од подрумите на улиците: Прилепска, Пиринска, Први Мај и 29 Ноември, како и кај домовите покрај реките Треска и Зајашка.
Поплавени се и земјоделски површини покрај речните корита во општината.
Скопски регион
Во Скопје е пријавена надојдена вода кај мостот во Јурумлери (граница меѓу општините Аеродром и Гази Баба), како и минимално излевање на реката Вардар кај село Пакошево – Ново Село, во Општина Зелениково. Засега нема други пријави.
фото/илустрација

