Македонија
„Кастинвест“ се откажува од грантот од Фондот за иновации
„Кастинвест“ се откажува од грантот од Фондот за иновации. Од таму преку соопштение информираа дека донеле одлука да се откажат од грантот за мали и средни претпријатија со брз пораст (газели) добиен од страна на Фондот за иновации.
„Сакаме јасно да кажеме дека немаме добиено средства од Фондот за иновации. Тие беа условени со инвестиција од наша страна како компанија од 330.000 евра, кои требаше да се вложат во рок од една година, а средствата од Фондот требаше да дојдат по фази на реализација.
Сакаме да потенцираме дека како компанија ги задоволуваме сите услови за добивање на грантот, а во сопственичката структура на компанијата фигурира ‘Брако’ како косопственик, а не Кочо Анѓушев како поединец. Тоа е јасно прикажано во документите при поднесувањето на апликацијата за доделување грант за компании со брз пораст (газели). Последниве денови бевме на удар на јавноста, бевме повикувани како компанија во негативен контекст, изнесени беа низа невистини за легнати пари на сметка, а без притоа да се презентира целосно сликата за побараната помош и за инвестициите што ги имаме во моментот. Секој бизнис има право да се развива во согласност со истите услови за сите, услови што очигледно не важат за нас. Ова нè става во многу неповолна положба и во поглед на конкуренцијата и во поглед на понатамошниот развој. Поради потребата да се задржи репутацијата на компанијата, која непотребно беше на удар на јавноста и покрај одличниот проект со кој се отвораат нови работни места и се внесуваат нови технологии, донесовме одлука да се откажеме од целиот процес“, се вели во соопштението.
Во него тие појаснуваат зошто им биле потребни инвестиции во „Кастинвест“. „Компанијата го откупи целиот движен и недвижен имот на поранешната „МЗТ леарница“ – во стечај. За таа цел вложени се приближно 5 милиони евра, како и дополнителен еден милион за рестартирање на производството и набавка на опрема. Во моментот „Кастинвест“ има 100-ина вработени со план бројот на вработени двојно да се зголеми имајќи ги предвид производствениот капацитет на леарницата и плановите за развој. Производната програма се однесува на производи за водоводна и канализациска арматура и одливки за машинската индустрија, производи за кои има пазарна побарувачка во регионот и пошироко. Партнерството со „Брако“, пак, е последица на комплементарноста во производството на двата капацитета. Во „Брако“ најдовме партнер што има искуство во извоз и секако развиена логистика за производство.
Планот за следните пет години е леарницата да го зголеми асортиманот и да ги прошири производните капацитети. Поради тоа и аплициравме за грант во Фондот за иновации. Вкупната инвестицијата на проектот е 500.000 евра и е наменета за купување нови CNC-машини, машини за брусење, мерна опрема, опрема за бојадисување, стекнување меѓународни сертификати потребни за странските пазари и сертификати и опрема за исполнување на екостандардите. Со инвестицијата е планирано двојно зголемување на бројот на вработени. Планираме 80 отсто од производството да биде наменето за извоз“, се додава во соопштението.
Следните денови ќе се состане одборот на содружници на „Кастинвест“ и ќе донесе одлука за своите понатамошни чекори.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал претходно информира дека оформи предмет по допрен глас по објавите во медиумите за евентуални злоупотреби при доделување грантови по јавен повик од Фондот за иновации и технолошки развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

