Македонија
Католиците го празнуваат Велигден
Католиците денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. Традиционално во Македонија, централното одбележување по повод празникот се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде имаше велигденска воскресна литургија.
Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов им го честиташе празникот на католичките верници и ја прочита велигденската порака.
„Христовото воскресение се издигнува над настанот на историјата како таков и отвора врата на новата историја во која ние само претчувствуваме каква е големината на новиот човек во Божјиот план. На оваа земја сите сме на минување, но тоа толку нè привлекува што често сме им слични на луѓето кои заради болест или старост одат поднаведнати и тешко им е да се исправат за да погледнат во насоката каде сонцето заоѓа.
Ние, верниците христијани, кои сега во Европа веќе се чувствуваме како малцинска вера, како да е нашиот Исус сега толку изморен, имаме желба да му останеме верни и затоа сè уште нашите Марии Магдалени и по некој Јосиф Ариматеец се трудат околу тоа тој да биде достојно измиен, помазан и погребан. Денес ретко Црквите се извор на радосни песни. Проблем е што низ историјата и недоследниот живот на христијаните е потпрен голем камен што сега се плашиме кој ќе ни го тргне.
Секојдневно сведоци сме како на посебен начин преку медиумите, во еден свет на прогонства, Црквата е во опасност од уништување. Во многу делови на светот на Црквата ѝ е натоварен голем камен како Таа веќе да е во гробот. Но, не е така. И во сегашниот миг, кога славиме го славиме воскресението, можеме да се увериме дека Бог, преку својот ангел го трга каменот од вратата на Црквата, како и каменот кој е на вратата на нашите срца.
Драги браќа и сестри ве повикувам во оваа воскресна ноќ да не бегаме од Божјиот глас, туку да го послушаме и да сведочиме: Исус е жив, Исус воскресна и го сретнав. Посакувам да нè посети ангелот на воскресението и да го отстрани каменот од вратата на нашите срца, а воедно да молиме да ја ослободи Црквата од прогонства, клевети и напади. Со овие мисли посакувам да ви биде благословен денот на Христовото воскресение. Христос воскресе!“ рече бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов.
На литургијата присуствуваа и претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов со сопругата Маја, заменик-претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ и директорот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи Даријан Сотировски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ против работниците
„Пратениците на тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ застана против работниците, одбија зголемување на минималната плата на 600 евра и не гласаа за Законот на СДСМ. Се потврди она што го говори СДСМ цело време. За ВМРО-ОКГ/ЗНАМ важни се само криминалните тендери и луксузирањето а работниците и граѓаните се неважни“, соопшти СДСМ.
„Има пари за нивните 161 тендер за една фирма, за 51 тендер за друга, има пари за 74 тендери за трета, има пари за 1,2 милиони евра за фирмата блиска до ЗНАМ преку Пошта.
Нема пари за работниците, има само за луксузирање и криминални тендери.
Владата на Мицкоски постојано се задолжува, пари обезбедуваат врз грбот на народот ама за криминални тендери а не сакаат да обезбедат пари за плати за работниците.
Одбивањето на законот е директен удар врз животниот стандард на граѓаните и на над 200 илјади работници. Во услови кога синдикалната кошничка надминува 67.000 денари, кога храната, струјата и основните трошоци растат од месец во месец, ВМРО-ОКГ ги изневери работниците.
СДСМ понуди реално и одржливо решение – со ребаланс на Буџетот и пренамена на пари од луксузи, како мебел, коли, авион, да се обезбедат пари за 600 евра плата, како што заслужуваат работниците.
СДСМ нема да се откаже. Ќе продолжиме да се бориме за поголеми плати, за работниците, за граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај во официјална посета на Македонија
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, од денес до сабота престојува во официјална посета на земјата.
Бегај денеска ќе се сретне со градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, каде што ќе му биде приреден свечен прием. Предвидено е албанскиот претседател заедно со делегацијата да ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 27 февруари 2026 година, петок, ќе биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посети на Тетово, за која информираше градоначалникот Билал Касами во објава на Фејсбук.
„Во сабота, Тетово има чест да го пречека претседателот на Албанија. Оваа посета е посебен момент за зајакнување на соработката и братските врски меѓу Албанците во регионот!“, напиша Касами во објавата.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Македонија
„Зошто Тренчевска и СДС го штитат Артан Груби и дали поранешните функционери на СДС се исплашени од неговите искази“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Соработката и партнерството на СДС со екс вицепремиерот Артан Груби излезе на површина. СДС со години молчеа и го толерираа милионскиот криминал на Груби се со цел да останат ден повеќе на власт и да не им се растури коалицијата со ДУИ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионски криминали и злоупотреби се случувале во Државна лотарија под покровителство на СДС и ДУИ. По апсењето на Артан Груби, СДС се во целосна конфузија и нервоза пoради стравот од сведочењето на Груби и евентуалните искази што би можело да допрат и до поранешни високи функционери на СДС.
Изјавата на потпретседателката на СДС, Јованка Тренчевска, дека одлуките на Владата биле колективни и дека доколку се утврди вина „сите треба да одговараат“, отвора сериозни прашања. Дали ова претставува индиректно признавање на одговорност? Дали станува збор за обид за релативизирање на индивидуалната вина?
Дали СДС застанува во одбрана на Артан Груби и дали раководството на партијата е подготвено да понесе колективна одговорност за одлуките донесени во време на нивното владеење?
Јавноста има право да знае. Дали СДС го брани Груби во врска со наводите за штета од над 8 милиони евра врз државниот буџет?
Дали поранешните функционери се подготвени да застанат пред органите на прогонот и да ја докажат својата невиност?
Зошто по отворањето на случајот се менуваат ставовите и реториката?
Очекуваме надлежните институции да постапуваат професионално, транспарентно и без селективност. Одговорност мора да има, без разлика на функција, партиска припадност или политичко влијание.
Граѓаните заслужуваат правда, отчетност и целосна транспарентност“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

