Македонија
Кацарска: Со воведување уставна тужба ќе се надмине парадоксалната ситуација
Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, денеска учествуваше на Охридската школа на природното право, организирана од Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ во МАНУ и поддржана од Амбасадата на САД во Скопје.
Во рамките на годинешната тема „Одржување демократско општество преку зајакнување на неговите институции“, Кацарска зборуваше за потребата од воведување уставна тужба како нов инструмент за заштита на слободите и правата пред Уставниот суд на Република Северна Македонија и порача дека улогата на Уставниот суд како гарант и заштитник на слободите може единствено и целосно да се оствари ако се воведе нов инструмент – уставна тужба со амандманска интервенција во членот 110 алинеја 3 од Уставот, со што ќе биде до крај остварена намерата на уставотворецот.
„Со воведувањето на уставната тужба ќе се овозможи заштита на сите уставни слободи и права од страна на Уставниот суд наместо како што е сега – да се однесува само на неколку изречно наведени. На овој начин би се надминала сегашната парадоксална ситуација кога се отфрлаат барања за заштита на уставни слободи и права што не се опфатени со претходно цитираната одредба од член 110 алинеја 3 од Уставот“.
![]()
Претседателката Добрила Кацарска порача дека ваквата уставна интервенција ќе предуслови и интервенција во постојниот акт, кој ги уредува начинот на работа и постапката пред Уставниот суд, каде што детаљно би се уредила целокупната постапка по поднесена уставна тужба.
„Водејќи се од претходно реченото, на неодамнешната средба со државниот врв го актуализирав прашањето за воведување на уставната тужба. Притоа, покрај дел од аргументите наведени погоре, наведов дека со воведувањето на уставната тужба како држава би ги исполниле обврските што ги имаме како потписник на Протоколот бр. 15 на Европската конвенција за заштита на слободите и правата за воспоставување национален механизам на заштита на слободите и правата како последен филтер пред обраќањето до Европскиот суд“, рече Кацарска.
Покрај правното интервенирање, ќе биде потребно Уставниот суд да биде организациски, административно и технички подготвен пред да се почне со постапување по уставните тужби за што ќе биде потребен одреден период на подготовка. Ова ќе бара ангажирање дополнителни буџетски средства за потребите на Уставниот суд (кои во однос на вкупните буџетски расходи во согласност со годинешниот републички буџет изнесуваат околу 0,021 % и се далеку од она што реално му е потребно на судот), но, од друга страна, она што би се добило како нов квалитет во заштитата на уставните слободи и права многукратно го надминува материјалното вложување, порача претседателката Добрила Кацарска во своето денешно излагање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

