Македонија
Комисијата за заразни болести: Државата се наоѓа во зелена зона со доволно капацитети за згрижување

Комисијата за заразни болести на денешниот состанок ја разгледала актуелната епидемиолошка состојба во земјата и констатирано е дека има зголемување на бројот на нови случаи на Ковид-19. Во согласност со методологијата за одредување на ризикот од Ковид-19 се земаат предвид и процентот на хоспитализирани случаи, процентот на слободни болнички кревети, како и бројот на тешко болни и смртни случаи од Ковид-19, утврдено е дека РСМ се наоѓа во зелена зона со доволни капацитети за згрижување на пациентите со Ковид-19.
Инаку, зголемувањето на бројот на нови случаи изнесува 79,9 отсто.
На состанокот било разгледано и прашањето за достапноста на тестовите на Ковид-19, при што Комисијата препорача двојно зголемување на капацитетите за тестирање на институциите кои се надлежни за тоа, како и следење на состојбата за евентуално овозможување дополнителни капацитети онаму каде што е потребно.
„Комисијата во моментот не препорачува дополнителни рестриктивни мерки и апелира до граѓаните да внимаваат на сопственото здравје, да избегнуваат посети во затворени и невентилирани простории, освен кога тоа е неодложно и во тие случаи се препорачува носење заштитна маска и одржување дистанца“, се вели во соопштението од КЗБ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, максималната температура до 35 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 29 до 35 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса од четврток до недела ќе преовладува променливо облачно и нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура ќе биде во опаѓање.
Македонија
Постои сомнеж дека пожарот во Дрисла е подметнат

Скопската противпожарна бригада со сити сили се обидува да го локализира пожарот во депонијата Дрисла. Направен е противпожарен појас за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата., информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што додаде, постојат сомненија дека пожарот бил предизвикан намерно.
„Ќе потсетам само дека летово имавме рекордно високи температури но Дрисла не се самозапали“, рече Ангелов.
Противпожарните возила и дополнителните цистерни од „Комунална хигиена“ интервенираат на терен, а пожарот сè уште не е целосно локализиран.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски посочи дека станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, при што постоела опасност огнот да се прошири.
Македонија
Филипче од Париз: Потребен е проактивен пристап и политички консензус за напредок кон ЕУ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамки на еднодневната работна посета оствари повеќе средби со високи француски политички претставници, на кои во фокусот на разговорите беа реформската агенда и предлог Резолуцијата на СДСМ, како гаранција за заштита на националните интереси и решение за деблокирање на преговите со ЕУ.
Филипче одржа работна средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги, со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани, како и со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.
На состаноците беше истакната поддршката од Франција во процесот на евроинтеграција, но и потребата од брзи резултати во исполнување на обврските и работа на реформите.
Филипче ги презентираше позициите на СДСМ и истакна дека партијата има проактивен пристап и работи на решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Тој нагласи дека во завршна фаза е подготовката на Резолуцијата, со која ќе се потврдат националните црвени линии – македонскиот јазик, култура и идентитет, како и механизми за справување со евентуални непринципиелни барања што излегуваат надвор од Преговарачката рамка.
Во разговорите беше потенцирано дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето, и дека тоа е можност која Македонија мора да ја искористи. Француските претставници пренесоа очекувања дека нашата земја треба да направи напредок во евроинтеграцискиот процес, како што тоа веќе го прават државите од регионот, особено Албанија и Црна Гора.