Македонија
Кирацовски: Македонија во 2019 ќе почне преговори за членство во ЕУ, тргнавме напред и нема враќање назад
Македонија почнува преговори за полноправно членство во 2019 година, изјави денеска на прес-конференција генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски.
Тој истакна дека ова е голем успех за Македонија, постигнат со силна желба за подобра сегашност и иднина на сите граѓани.
„Македонија е препознаена како земја на позитивни промени, на динамичен процес на реформи и општествен дијалог. За само една година Македонија успеа да направи квантен скок. Од ‘заробена држава’ заедно успеавме да се вратиме на вистинскиот пат, на евро-атланскиот пат на иднината“, посочи генералниот секретар на СДСМ.
Кирацовски подвлече дека заедничкиот успех е препознаен, признат и соодветно вреднуван и го категоризираше истиот како резултат од спроведувањето на реформите и политичката волја за продолжување по тој пат.
„Македонија тргна напред и нема враќање назад. Патот на реформи и процесот на градење на Македонија како држава по европски правила е неповратен процес.
Отворањето на преговорите за полноправно членство во ЕУ е дополнителен поттик на процесот на реформи. Како партија предводник на промените остануваме уште попосветени, уште помотивирани на започнатиот реформски процес што е во интерес на граѓаните и државата“, рече генералниот секретар на владејачката партија, кој додаде дека граѓаните на дофат ја имаат конечната цел – градење модерна европска и демократска држава полноправна членка на ЕУ и НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

