Македонија
КК „Работнички“ добива втор спонзор: „Видеолотарија Касинос Австрија“

Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб „Работнички“ го има вториот спонзор. Станува збор за компанијата „Видеолотарија Касинос Австрија“, кој ќе го спонзорира клубот во времетраење од една година.
Општина Центар верува дека новото спонзорство ќе ја засили финансиската моќ на клубот и ќе го врати на старата шампионска слава.
Претходно, КК „Работнички“ потпиша четиригодишен договор за спонзорство и со српскиот оператор „Мтел“.
Подобрување на состојбата во клубот беше и дел од предизборните ветувања на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски. Овој договор за Општината, но и за центарци, значи напорна работа сè до исполнување на целта – повторно подигнување на шампионскиот пехар во првата кошаркарска лига.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Не се глупирајте, му порача Арсовска на Изет Меџити

Кажете колку пари земавте за нелегалните објекти и не се глупирајте, му порача градоначалничката Данела Арсовска на вицепремиерот, Изет Меџити, кој претходно денес и’ најави кривична пријава.
Меџити ја нарече Арсовска инструмент за остварување на планот на ДУИ за дестабилизација преку општините, на што градоначалничката реагираше преку Фејсбук статус попладнево.
„Изет изјавил дека ќе сум ја дестабилизирала државата. Изет, единствена дестабилизација од мене ќе добиете ти и твојот измеќар Висар што ти ги потпишувал незаконските дивоградби за кои луѓе ви платиле милиони евра, а сте ги лажеле дека ќе можат да ги легализираат. Не се глупирајте, ви ја знаеме играта, ви ги знаеме лагите, знаеме кога се обидувате да манипулирате со јавноста и да ја дефокусирате. Како тоа секогаш кога некој ќе ви чепне во криминалот тоа е „обид за дестабилизација“? Каква е таа матрица на ВМРО-ДПМНЕ и измеќарите од ВЛЕН? Секогаш кога се во тесно, кога флагрантно се фатени со „рачињата во медот“, тоа било обид за дестабилизација. Каква дестабилизација? Што ќе се дестабилизира? Ќе ви кажам јас што. Единствено нешто што ќе се дестабилизира од откривањето на криминалот со дивоградбите во Чаир е вашата комоција и прилив на нелегални пари. Тоа ќе биде дестабилизирано. Кажете колку пари земавте за нелегалните објекти, не се глупирајте“, напиша Арсовска.
Меџити претходно ѝ порача на Арсовска да се занимава со своите надлежности и најави и пријава против неа за, како што рече, лажни тврдења во врска со објектот во Чаир пред кој се сликала и го објавила. Меџити овој случај го квалификува како „последен обид и план на Ахмети за дестабилизација преку општините“.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Вистината за Бојан Христовски излезе на виделина, лагите на СДСМ пропаднаа во вода

Обвинителството ја отфрли пријавата против директорот на АНБ, Бојан Христовски. Тоа смета дека сертификатот за англиски јазик од Бугарија не е фалсификат. Со ова вистината излезе на виделина и сите лаги на СДС паднаа во вода, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
„Вистината излезе на виделина со тоа што е констатирано дека Христовски не направил лажна исправа за да ја употреби како вистинска и не употребил преправена исправа како вистинска. Дури ни судиите избрани во Зајас и Струмица не можеа да ја сокријат вистината за лагите кои со месеци СДС ги ширеше. СДС со месеци ја манипулираше јавноста и ширеше дезинформации но со денешната одлука на обвинителството сето тоа им се удри од глава. СДС е синоним за манипулации и дезинформации. СДС е фабрика за лажни вести“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ претходно денес го нарече Јавното обвинителство партиски инструмент, откако беше отфрлена пријавата против директорот на АНБ, Бојан Христовски, за фалсификат на сертификатот на англиски јазик издаден од училиште во Бугарија.
Македонија
ЛДП ќе бара итна средба со премиерот за јасна стратегија и поддршка во евроинтеграциите

ЛДП најави дека ќе бара итна средба со премиерот за јасна стратегија и поддршка во евроинтеграциите.
„Да, премиерот беше во право денес кога во Парламентот на одговор на пратеничко прашање истакна дека ЛДП е една од ретките партии во земјата и во Собраниетo што е целосно интегрирана во европското и меѓународното политичко семејство и може да помогне.
Тој директно ја посочи ЛДП и тоа веројатно е така затоа што нема друга партија во земјата и во Парламентот што има големо влијание и е слушана од нејзините меѓународни и европски партнери.
Како одговорна партија, отсекогаш сме се залагале за заштита на националниот интерес, вклучително националниот идентитет.
За тоа и треба да се истакнат бројни резолуции донесени од страна на либералите со јасна и недвосмислена поддршка на македонскиот јазичен идентитет, култура и традиција. Но, ова не е прашање за освојување политички поени и никогаш не треба да биде. Можеби така било во минатото, можеби се направени грешки, но народот се изјасни на изборите и не сака да го гледа ова прашање како точка каде што политичките партии ќе добијат поддршка или казна. Политичките надмудрувања и кавги ќе доведат до влошување на позицијата на земјата и внатрешен пораст на национализмот и популизмот, што ќе го попречи економскиот просперитет и развој. Лекцијата дадена од народот за ЛДП е јасна и таа мора да биде научена од сите.
Оттаму, да со оглед на тоа што премиерот го оцени како позитивно и значајно влијанието на ЛДП, ќе иницираме итна средба со премиерот и неговиот тим за меѓународна соработка на највисоко ниво за да разбереме какви сѐ напори вложи и која е Стратегијата на владата во последните месеци, како што нагласи и самиот премиер, но и каква е моменталната состојба и како можеме ние искрено да помогнеме во овој процес.
Наша должност е како македонски граѓани и политичари во Македонија да бидеме во служба на народот и во интерес на граѓаните. Тие интереси се силни и праведни државни институции на земјата кои се одговорни и отчетни, просперитет и напредок што водат кон европски економски стандарди, како и еднаквост меѓу европските нации со статус на полноправни членки на Европската унија.
Ние ќе продолжиме уште посилно да работиме и лобираме врз основа на информациите што ќе ни ги дадат премиерот и неговиот тим, како и врз основа на ресурсите кои сообразно ќе бидат ставени на располагање“, велат од ЛДП.