Македонија
Клубови во Македонија имале лиценца, но не исполнувале технички услови, други работеле на диво – ќе им бидат изречени забрани за работа
Извршени се 116 вонредни надзори врз основа на Законот за угостителска дејност, пришто во делот на прекршочна санкција, решенија за привремена забрана им се изречени на 10 фирми – кафулиња и клубови, истакна портпаролката на Владата, Марија Митева.
Утврдено е дека 15 угостителски објекти од вкупно 23 коишто имаат активна лиценца не ги исполнуваат минимално технички услови. Кај нив ќе бидат изречени две мерки, прво решение за забрана за вршење на дејност, и второ предлог до Министерството за економија за одземање на лиценцата.
Кај шест правни субјекти кои немаат активна лиценца или им е истечена, а утврдено е дека во изминатиот период работеле, издадени се решенија за забрана за вршење на дејност.
Во однос на идните чекори, во координација со МВР, Државниот пазарен инспекторат почнува со инспекциски надзори во објектите за организирање на прослави и настани со посебен акцент на утврдување на минимално техничките услови.
„За жал бројките зборуваат сами за себе, но ја потврдуваат потребата од решително и одговорно дејствување. Посветени сме на транспарентност и секоја неправилност да се санкционира. Наша цел е да создадеме систем кој ќе им служи на граѓаните“, рече Митева.
Инспекциите се случуваат по пожарот во дискотеката во Кочани во којшто загинаа 59 лица, а која имала фалсификувана лиценца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од денеска задолжителна зимска опрема за возилата
Од денеска стапува во сила обврската за задолжително користење на зимска опрема за возилата. Оваа обврска ќе трае до 15 март следната година.
За да избегнете сообраќајни казни и прекршоци, од АМСМ велат потребно е да го усогласите вашето возило со пропишаните барања:
– Возила до 3.500 кг: потребни се зимски гуми на сите тркала со длабочина на шарата од минимум 4 мм, или летни гуми со истата длабочина, со задолжително носење синџири за снег.
– Возила со погон на сите тркала (4х4): зимски гуми со длабочина од најмалку 6 мм, или летни гуми со минимум 4 мм длабочина и синџири за снег.
– Возила над 3.500 кг: зимски гуми со длабочина од 6 мм на погонските тркала, или летни гуми со минимум 4 мм, со задолжителни синџири за снег.
Покрај ова, автобусите и товарните возила мора да носат прирачен алат како лопата, ако не можат да користат синџири за снег, информираат од АМСМ.
Македонија
Времето денеска сончево, со температури до 19 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југозападен правец. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 15 до 19 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 17 степени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека во понеделник облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
Кренар Лога се повлече од Алијансата за Албанците и од сите партиски функции
Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции што ги извршувал во Алијансата за Албанците.
Лога истакна дека ова не била лесна одлука, бидејќи во партијата вложил енергија, срце и душа. Тој се заблагодари на соработниците, членовите и активистите, наведувајќи дека во изминатите десет години запознал посветени луѓе и искрени пријатели.
Во објавата, Лога се извини на сите што можеби се почувствувале повредени од негов збор или однесување, нагласувајќи дека секогаш ги кажувал своите ставови без да ја пресметува цената.
Тој потсети дека бил генерален секретар, а потоа и потпретседател на Алијансата за Албанците, и им се заблагодари и на гласачите на Европскиот фронт и Националната алијанса за интеграција.
Лога зборуваше и за своето семејно и политичко потекло, опишувајќи ја средината во која израснал, обележана со притисоци и прогони во поранешниот југословенски систем.
Во пораката наведе дека Северна Македонија заслужува да биде слободна и еднаква држава за сите нејзини граѓани и повика на заедничка одговорност во градењето на земјата.
На крајот, Лога порача дека ќе остане меѓу граѓаните, но отсега на послободен и независен пат, како што рече, како солист што можеби ќе има тешкотии да игра сам, но ќе го направи тоа со слободен дух и со љубов кон луѓето.

