Македонија
Ковачевски: Владата продолжува со силна поддршка за лицата со аутизам и нетипичен развој
Премиерот Димитар Ковачевски во чест на Меѓународниот ден на свесноста за аутизмот, 2 април, денеска во Владата се сретна со децата со аутизам и нетипичен развој од здружението „Во мојот свет” и со нивните родители.
Со овој гест премиерот порача дека Владата и институциите и натаму ќе бидат силен поддржувач и сојузник на овие семејства во борбата за градење на едно инклузивно општество, се наведува во соопштението на владината прес-служба.
„Во неформална атмосфера децата и нивните родители беа повикани на куса прошетка во Владата, при што ги посетија кабинетот на претседателот на Владата, билатералната сала, салата за седници, медија центарот, по што имаа куса средба со премиерот Ковачевски во свечената сала“, се наведва во владиното соопштение.
Ковачевски притоа упатил апел за солидарност со лицата со аутизам потсетувајќи дека ние како општество сме обединети во различностите и дека обврска на Владата е да продолжи да работи на унапредување на решенијата кои ќе го подобрат квалитетот на живот на лицата со аутизам и на нивните најблиски.
„Владата, преку Министерството за здравство, во соработка со Здружението на граѓани за третман на лицата со аутизам ‘Во мојот свет’ овозможи користење на неискористениот простор во повеќе здравствени домови во Скопје, во Охрид и во Тетово за отворање на центри за давање широк спектар на услуги кои можат да им помогнат на децата кои имаат развојни потешкотии. Во овие центри е овозможено давање на потребната поддршка од различни видови професионалци на околу 200 деца, со цел да им се помогне да го достигнат максималното можно развојно ниво со што им се зголемуваат шансите за успех во подоцнежните години“, подвлекол премиерот.
На средбата на која присуствувала и потпретседателката на здружението „Во мојот свет“, Весна Стојановска, било заклучено дека заедничка мисија и интерес и на семејствата, граѓанскиот сектор и на Владата е да се подобри квалитетот на живот на овие луѓе и семејства преку посветена работа и унапредување на системските решенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Над 19.000 сообраќајни прекршоци во февруари регистрирани преку „Безбеден град“
Во периодот од 1 до 28 февруари од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 19.066 прекршоци.
Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената 18.172, потоа за минување на затворен сигнал (црвено светло) 220 прекршоци, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 674 прекршоци.
Исто така, изречени се вкупно 653 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 220 се за „минување на црвено светло“, а 433 се за „брзо возење“.
Гледано по седмици, најголем број на прекршоци се регистрирани во периодот од 02 до 08 февруари-4.991, а најмал во периодот од 09 до 15 февруари – 4.490, додека по денови најмногу на 28 февруари, а најмалку на 11 февруари – 377. Изминатиот месец дневниот просек изнесува 706 прекршоци.
Најголем дел од прекршоците се регистрирани на подрачје на град Скопје-12.073 или 63,3% од вкупниот број на регистрирани прекршоци. Значаен дел од прекршоците се регистрирани и на патните правци долж Коридорите 8 и 10-вкупно 5.702, а најмал број на подрачјето на СВР Тетово – 370 и останати локации-17 прекршоци.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи за заеднички придонес за посигурни и побезбедни патишта.
Македонија
Интеграциите во ЕУ и управувањето со отпад во фокусот на средбата меѓу Хоџа и чешкиот амбасадор
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се сретна со амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, Јарослав Лудва. На средбата беше потврдена одличната билатерална соработка и пријателските односи меѓу двете земји, со акцент на можностите за нивно понатамошно продлабочување.
Министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Чешката Република ѝ ја дава на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, истакнувајќи ја и активната улога на чешката амбасада во Скопје во унапредувањето на соработката во областа на животната средина.
Во тој контекст, на средбата беше направен осврт и на заклучоците од последната седница на Мешовитата комисија за економска соработка, одржана во март 2025 година во Прага, како и на остварените контакти меѓу ресорните министерства. Се разговараше за квалитетот на воздухот, контролата на индустриското загадување и современите практики во управувањето со отпад, вклучително и искуствата од посетата на центарот за управување со отпад на градот Прага.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.

