Македонија
Ковачевски во Брисел: ЕУ е нашиот најголем економски партнер
Премиерот, Димитар Ковачевски, денеска во рамки на работната посета на Брисел, се обрати и ја отвори последната сесија од скрининг процесот на Северна Македонија, посветена на Кластер 6 кој ги опфаќа: поглавјето 30 – надворешни односи и поглавјето 31 – заедничка, надворешна и безбедносна политика.
На сесијата присуствуваа и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, претставници од Секретаријатот за европски прашања, Министерството за економија како и претставници од сите други релевантни национални институции вклучувајќи ги Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии, Министерството за животна средина и просторно планирање, Царинската управа, и Бирото за јавни набавки.
Поглавје 30 се фокусира на заедничката трговска политика кон трети земји базирана на мултилатерални и билатерални договори и автономни мерки со цел постигнување правичен меѓународен систем за трговија кој ќе придонесе кон постигнувањето одржлив економски раст и обезбедувањето сеопфатен економски развој на среден и долг рок.
Ова поглавје исто така ги вклучува и правилата на ЕУ во полето на хуманитарна помош и развојна политика. Претседателот на Владата, Ковачевски во своето излагање истакна дека Северна Македонија нема да бара преодни периоди, туку во целост ќе го прифати правото на ЕУ.
„Ќе се фокусираме на тоа да ги усогласиме нашите трговски политики со ЕУ во рамките на Светската трговска организација и ќе продолжиме да ги спроведуваме правилата на ЕУ во врска со контролата на извозот со двојна намена, извозните кредити, инвестициите и инструментите за трговска заштита во нашите национални правни и институционални рамки“, истакна Ковачевски.
Во поглавјето 30 опфатени се неколку клучни области, како мултилатерална и билатерална рамка на заедничката трговска политика, трговски специфични правила, договори за оцена на сообразност, инструменти за трговска одбрана, инструменти за надворешна политика, како и како развојна политика и хуманитарна помош. Ковачевски истакна дека Северна Македонија има највисок степен на трговска отвореност во регионот на Западен Балкан што во 2022 година достигна 171%.
„Изгледите за надворешна трговија на Северна Македонија се мошне поврзани и тоа се’ повеќе со Европската Унија, бидејќи таа е наш најголем трговски партнер. Трговијата со ЕУ достигна 60% од вкупната трговија изминатата година и 86% од вкупниот број на сите преференцијални договори што Северна Македонија ги применува на билатерална и мултилатерална основа. Остатокот од 14% трговија без никакви преференции. Освен тоа, ЕУ е најважниот инвеститор во Северна Македонија и има удел во 65% од вкупниот број на странски директни инвестиции на крајот на 2022 година“, рече премиерот.
Во однос на трговската политика, Северна Македонија е поддржувач на мултилатералниот трговски систем заснован на правила во Светската трговска организација, со кој обезбедуваме поголема сигурност во трговските односи како мала земја и кој придонесува за промовирање на отворената трговија и повисок економски раст. Премиерот Ковачевски истакна во земјава во процес е ратификација на Референтниот документ за домашна регулатива за услуги и Договорот за субвенции за рибарството. На 30 октомври оваа година, Северна Македонија стана членка на Договорот за јавни набавки во СТО.
„Во однос на рамката на развојната политика, Владата ги прифати Агендата 2030 и целите за одржлив развој во националниот стратешки план, кои се усогласени со Рамката за соработка на Обединетите нации за одржлив развој 2021 – 2025 година и поглавјата на ЕУ во процесот на пристапување во ЕУ. Анализирајќи ги политиките на ЕУ во рамките на Новата агенда за Медитеранот, Северна Македонија стана полноправна членка на Унијата за Медитеранот во ноември минатата година, што е важен политички чин, насочен кон стимулирање на соработката и дијалогот во евро-медитеранскиот регион“ рече Ковачевски.
Говорејќи за усогласување на законската регулатива на Северна Македонија со законодавството на ЕУ кое е обврзувачко за транспонирање во националното законодавство, премиерот истакна дека веќе се работи на измени и нова реулатива во неколку области.
„Министерството за економија веќе ја пренесе регулативата на шемата за сертификација на Кимберли процесот за меѓународната трговија со необработени дијаманти и во моментов подготвува два предлог-закони во областа на спречување на смртна казна и тортура и контрола на извозот на стоки со двојна употреба. Двата предлог-закони се очекува да влезат во сила до крајот на 2024 година. Понатаму, Министерството за надворешни работи усогласувајќи се со хуманитарната политика подготви Закон за меѓународна развојна соработка и хуманитарна помош во странство, кој треба да биде донесен до 2025 година. Овој закон предвидува многу важни чекори за изработка на методологија, стратегија и акциски план до 2030 година“,рече Ковачевски.
Со затворањето на овие поглавја скрининг процесот за Република Северна Македонија ќе биде официјално завршен.Процесот на скрининг започна на 15 септември 2022 и се одвиваше успешно и според утврдената динамика. Досега се одржани објаснувачки и билатерални состаноци, за сите 33 поглавја поделени во 6 кластери.
Во овој период од 15 месеци и скоро 100 работни денови во Брисел, беа одржани 850 презентации, а во процесот учествуваа 206 различни институции и приближно 1000 учесници. Успешноста и навременоста на процесит е потврдена со извештајот на Европската Комисија која пак констатираше дека имаме солидно ниво на усогласеност.
По завршувањето на процесот на скриниг следуваат и патоказите, кои се наша обврска која произлегува од Преговарачката рамка, кои пак се услов за отворање на првиот кластер. Тоа се патоказите за владеење на правото, за реформа на јавната администрација и за функционирањето на демократските институции, како и Акцискиот план за заштитата на припадниците на малцинствата и заедниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Победата во Маврово-Ростуше е знак дека граѓаните наградуваат резултати, а кланот на Филипче доживува нов дебакл
„Денешниот изборен ден во четирите општини помина во демократска, мирна и достоинствена атмосфера. И покрај тешките временски услови и одредени технички предизвици, граѓаните слободно и одговорно го остварија своето право на глас. Тоа е јасна и недвосмислена потврда за демократскиот капацитет на државата и важна инвестиција во нејзината стабилност“, кажа на прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Овие избори покажаа дека институциите функционираат и дека демократските процеси се зацврстуваат. Во време на сериозни регионални и глобални предизвици, ова е вредност што мора да се чува и надградува, без разлика на политичките разлики. Во општина Маврово-Ростуше, ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и многу важна победа. Онер Јакупоски е новиот градоначалник! Победа повеќе од двојна со над 1000 гласови разлика. Честитки за Онер, за сите симпатизери и за сите граѓани на Маврово-Ростуше. Оваа победа не е само локален резултат. Таа е јасна политичка порака. Порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност. Порака дека не се наградуваат празни зборови, туку резултати“, истакна Мицкоски.
Оваа победа, вели тој, е „резултат на концептот што доследно го градиме: скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните“.
„Во другите општини, изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Но целокупната политичка слика е повеќе од јасна. Со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во државата. СДСМ во 6. Тоа не е случајност. Тоа е јасен политички суд на граѓаните. Ова претставува уште еден тежок дебакл за СДСМ и за актуелното раководство на таа политичка партија. По историскиот пораз на локалните избори во 2025 година, денешните избори се само потврда дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво освои околу 140 илјади гласови не може сериозно да зборува во име на мнозинството, ниту да се претставува како силна и кредибилна опозиција“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, „проблемот на СДСМ не е само во изборните бројки“.
„Проблемот е многу подлабок. Тоа е пораз на политика што со години произведуваше криминал, конфликти, национални предавства и деструкција. Политика што ја држеше државата во место и ја трошеше енергијата на граѓаните. Затоа мора јасно да се каже: не станува збор само за блокади. СДСМ мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во своите редови. Без тоа расчистување, без јасна дистанца од корупцијата и криминалот, нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија. Македонија нема потреба од политика на навреди и ниски удари. Граѓаните се презаситени од политиканти кои бараат заштита во политиката за сопствените гревови. Оваа држава има потреба од борба на идеи, визии и програми. Од одговорна политичка конкуренција, а не од тоа кој погрубо и поневоспитано ќе навреди. Од другата страна е концептот што победува. Концептот на ред, стабилност и одговорност. Концептот на проекти, мерки и резултати. Концептот на држава што стои исправено и работи за своите граѓани, а не за тесните клановски интереси. Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакл и тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави, а не борба на концепти и интересите за своите граѓани“, вели Мицкоски.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.
Македонија
Состојба по обилните врнежи во Македонија: пресек на ЦУК до 18:30 часот
Центарот за управување со кризи направи пресек на состојбата по врнежите на територијата на Македонија до 18:30 часот.
Тетовски регион
Тетово
На патниот правец Тетово – Бањиче, пред ресторанот „Лумаре“, има падната голема карпа на коловозот со опасност од дополнителни одрони. За настанот се известени ЈКП Тетово, СВР Тетово и ДЗС, кои преземаат мерки согласно надлежностите.
Состојбата во градот и околината е стабилна, патната инфраструктура е проодна, а коловозите се претежно влажни.
Гостивар – Маврово
Кај каменоломот е евидентиран одрон на патниот правец Гостивар – Маврово. Надлежните служби се известени и најавено е расчистување и обезбедување на сообраќајот.
Тиквешки регион
Кавадарци
Во ридско-планинскиот дел се интервенира со два камиона на патните правци Кавадарци – Мушов Гроб – Мрежичко, Мушов Гроб – Михајлово и Страгово – Горна Бошава. Сите патишта се проодни во зимски услови. Висината на снежната покривка е до 15 см. Во останатите населени места нема снег.
Североисточен регион
Куманово, Липково и Старо Нагоричане
Нема излевање на реките, а водостоите се во опаѓање. Патот од с. Пелинце до Граничен премин Пелинце беше подмрзнат и небезбеден, по што е извршена интервенција и патот е расчистен.
Крива Паланка
Сите локални и регионални патни правци се проодни и чисти. Интервенирано е на патот кон манастирот Св. Јоаким Осоговски поради одрон.
Ранковце
Патот од с. Пклиште до с. Герман е затрупан со снег и е испратена механизација за расчистување. Делницата е со кашаст снег и отежнато движење.
Кратово
Сите локални патни правци се проодни. Водостоите на реките не претставуваат опасност од излевање.
Источен регион
Штип
Нема врнежи. Водостоите се зголемени, но без опасност од поплавување. На патните правци Истибања – Делчево – граничен премин, Виница – Берово и Штип – Неготино има помали одрони кои редовно се расчистуваат.
Југозападен регион
Охрид
Реката Сушица е ставена под контрола со насип. Сè уште има поплавени подруми и дворови на повеќе локации.
Струга
Во селата Мислешево и Калишта има поплавени дворови. Санирањето е отежнато поради непречено истекување на водата.
Дебар
Реката Радика има зголемен водостој без опасност од излевање. Има помали одрони на патните правци Жировница – Дебар и Дебар – Струга, кои редовно се расчистуваат.
Кичево
Водостоите на Зајашка река и Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е состанок на општинскиот кризен штаб за проценка на штети и планирање на санација.
Пелагониски регион
Демир Хисар
Поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон с. Мренога е затворен за сообраќај.
Битола
Состојбата во градското подрачје е нормализирана. Во околните места водата се повлекува од поплавените површини.
Крушево
Сите локални и регионални патни правци се исчистени, посолени и проодни.
Ресен
Поплавени се земјоделски површини, но водата се повлекува. Во тек е интервенција со градежна механизација за расчистување на коритото на Голема Река.
Новаци
Нивото на река Црна изнесува 320 см и се следи континуирано.

