Македонија
Ковачевски: Во услови на светска криза Развојната банка овие пет години одигра клучна улога за поддршка на стопанството
Премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со Развојната банка ја истакна важноста од континуираната поддршка на компаниите, пред сè, малите и средните претпријатија, преку поволните кредити во изминатите пет години во услови кога светот се соочуваше со кризи незапаметени на светско ниво, на кои не беше имуна ни една економија. На прес-конференцијата присуствуваа и министрите за финансии, Фатмир Бесими, и за економија, Крешник Бектеши, преку кои надлежни институции се реализираат голем број од проектите.
„Развојната банка одигра значајна улога во зачувување на ликвидноста на компаниите, задржување на работните места и развој на економијата и во услови на глобални поместувања. Во периодот од 2019 до 2023 година, во време на ковид-кризата, кога стопанството целосно се затвори, преку Развојната банка поддржани беа 4.148 компании и 37.723 работни места со бескаматни кредити во износ од 45 милиони евра. Во услови на енергетска криза, пак, поддржани се 535 компании и 5.210 работни места со кредити во износ од 32 милиона евра. Со Фондот за развој, пак, поддржани се 54 компании и 378 работни места со кредити во износ од 9,2 милиони евра. Или конкретно, изминатите 5 година, почнувајќи од кповид-кризата, потоа енергетската и ценовната криза, Развојната банка со реализација на антикризните мерки и воведените нови производи, кои веќе се реализираат тековно, овозможи финансиска поддршка за компаниите во вкупен износ од 378,8 милиони евра, со што се поддржани 6.307 компании и 50.529 работни места. Во следниот период се очекува реализација на нови производи и мерки во вкупен износ од 215 милиони евра за поддршка на 855 домашни компании. Ова е дел од она што го правиме како Влада за да ги поддржиме компаниите и во време на кризи да ја одржат својата ликвидност, но и да ги реализираат инвестициските проекти за да обезбедат раст на своите компании, а со тоа и раст на економијата во целост“, истакна Ковачевски и додаде дека минатата недела пласирани се 64,5 милиони евра кон домашните компании преку Развојната банка од заемот од Европската инвестициска банка преку ЕИБ 7-кредитната линија за трајни обртни средства и инвестиции за малите и средните претпријатија за инвестиции во зелена транзиција и општествено одговорни инвестиции.
Кире Наумов, главен извршен директор на Развојната банка, зборуваше за работењето на Банката и истакна дека во насока на декарбонизација на глобално ниво, а во функција на обезбедување поволни зелени кредити, Банката ги интензивира своите активности и преговори со нови меѓународни кредитори.
„Голема чест и задоволство ми претставува пред вас да зборувам за успесите на Банката, која оваа година одбележува јубилеј – 25 години постоење, кои значат 25 години континуирана поддршка на домашните компании. Средствата од ЕИБ 7-кредитната линија во износ од 64,5 милиони евра веќе се пласирани кон деловните банки, а новитет е потпишувањето на договорот со Француската развојна агенција за нови 50 милиони евра, кои ќе бидат достапни до компаниите преку деловните банки за зелени и социјални инвестиции. Во завршна фаза е и обезбедување средства од Банката за развој на Советот на Европа во износ од 50 милиони евра, кои дополнително ќе им се стават на располагање на микро, малите и средните претпријатија во државата. За работењето на Банката говорат и финансиските резултати, и тоа: активата на Банката во последните 4 години кумулативно е зголемена 56,2 % или во просек по 18,7 % годишно. Нето-кредитите во последните 4 години кумулативно се зголемени 55,0 % или во просек по 18,3 % годишно. Капиталот на Банката во последните 4 години кумулативно е зголемен 35,2 % или во просек по 11,7 % годишно. Заклучно со 30.6.2023 година 7,4 % од вкупните кредити на банкарскиот сектор пласирани кон нефинансиските друштва се со средства од РБСМ. Во фокусот на Развојната банка и во иднина ќе биде: засилена поддршка на економскиот развој на државата преку поволни кредити; зголемена поддршка на извозот, поддршка на зеленото финансирање, како и поддршка на процеси што се поврзани со дигитализација и иновативни решенија кај компаниите“, истакна директорот Наумов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

